Бојкотот на неделните избори од страна на дел од опозицијата, пред се во Белград, му го отвори патот на Вучиќ да оствари победи кои секако ќе бидат засенети од сето она што се случуваше во овој изборен процес
НЕНАД КУЛАЧИН
Србија преживеа уште едни избори, ако тоа што се случи во Србија во неделата може да се нарече избори. И повторно се случи она што се очекуваше – Вучиќ победи, а Србија загуби.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на преостанатите локални избори и повторените избори за градот Белград уште еднаш го даде своето име и презиме на секоја локална листа. На првата предизборна средба во Белград тој искрено им порача на сопартијците дека ништо не вредат и дека нема да освојат ниту еден глас без неговото име. За тоа што им го кажа в лице, доби громогласен аплауз од истите тие луѓе кои без него се безвредни.
За прв пат не може да се пофали со убедлива победа, која ја најави, бидејќи не беше. Математички загуби во Ниш, можеби и Чачак, а И во белградските општини Врачар, Стари Град и можеби Нов Белград. Велиме „можеби“ затоа што и во ситните ноќни часови меѓу недела и понеделник, кога е напишан овој текст, резултатите не се крајно јасни. Извесно е дека Вучиќ ќе направи се’ и нема да дозволи ниту еден град или општина да му се тргне од рацете. Додека нормалниот свет спие, тој и неговата камарила подготвуваат постизборен инженеринг кој мора да го претвори неделното гласање во 100% победа.
Изборниот ден во неделата беше турбулентен. По откривањето на маестралната кражба на 17 декември, кога имаше организирано прифатни центри за гласачите од Република Српска кои талкаа низ Белград, барајќи го „своето избирачко место“, овојпат беа организирани бројни кол центри кои наводно се легитимни, но фактички не се. Во случајот кога треба да се добијат гласови за СНС се користат за заплашување, уцени и закани да излезат на гласање и да гласаат за листата на чело со Вучиќ. Дополнително, сè уште е проблематично каде прогресивните активисти добивале копии од избирачкиот список, за тоа дали имале увид кој гласал и со тоа го контролирале изборниот процес. Дека нешто „прикриле“ говори и податокот дека со покриени лица бегале од наводно изнајмениот простор додека носеле списоци и полни кутии.
Згора на се’, изборниот ден беше одбележан и со помала излезност во однос на локалните и белградските избори кои се одржаа на 17 декември. Опозицискиот бојкот на изборите во недела, пред се во Белград, му отвори пат на Вучиќ да оствари победи кои секако ќе бидат засенети од сето она што се случуваше за време на овој изборен процес, но и од расколот во опозицијата.
Опозицијата добро ја започна борбата против Вучиќ по декемвриските избори. Со Прогласот кој донесе многу гласови преку активна кампања за декемвриските избори, потпишан е и документ во кој се вели дека нема да излезат на гласање без исполнување на одредени услови. Вучиќ со наводни преговори ја влечеше и ја газеше опозицијата, свесен дека бојкотот во Србија никогаш не успеал и дека на овој начин ќе ја подели опозицијата.
Дел од опозицијата однапред се согласи да учествува на изборите. Во врска со ова се споменуваа и тајните средби на Вучиќ со некои опозициски лидери во Јајинци, во близина на Белград, каде семејството Вучиќ има викендица. Другиот дел избра да не учествува на повторените избори во Белград, бидејќи власта не исполни ниту едно од договорените барања, што е повеќе од точно. Проблемот со бојкотот е што однапред беше осуден на пропаст, бидејќи за да успее треба да застане цела опозиција зад него, а уште поголема конфузија кај гласачите предизвика бојкотот кон опозиција која учествуваше на истите избори на многу други места.
А како да не победи Вучиќ на вакви избори? Опозицијата имаше само една работа, а тоа беше да биде единствена во одлуката – избори или бојкот. Секако, таа не го направи тоа и овојпат одговорноста е апсолутно на неа, а не на Вучиќ. Вучиќ само ја навали капата и задоволно ги триеше рацете.
Тие два дела од опозицијата меѓусебно се обвинија дека работат во интерес на Вучиќ. Тие што заминуваат, наводно, му даваат легитимитет на Вучиќ, а тие што бојкотирале му дозволиле на Вучиќ да победи без борба. На крајот, бројките покажаа дека опозицијата во недела можеше да победи во неколку градови и во поголем број белградски општини доколку излезеше целосно на избори.
Овие избори донесоа нови опозициски шампиони. Ова се однесува пред се на Сава Манојловиќ, кој во Белград освои повеќе гласови од остатокот од опозицијата од редовите на Србија против насилството. Одлични резултати постигнаа и одредени групи граѓани во внатрешноста, како на пример д-р Драган Милиќ во Ниш, кој не само што ја прогласи победата на опозицијата во овој град, туку и експлицитно и порача на целата држава дека соработката со СНС е надвор од прашање. Тоа се секако нови играчи на српската опозициска политичка сцена на кои треба да се смета во иднина.
Граѓаните на Србија пропуштија голема шанса и можност да му зададат сериозен удар на Вучиќ. Претседателот на Србија собра околу себе сè што може – од социјалисти, до радикали, до заветници и уште еднаш кукаше како сите се обединија против него. Според резултатите, тој си обезбедил себе и своите партнери четири години мир и спокој, освен во овие неколку општини и два града. Вучиќ нема да има мнозинство во четири општини, вклучувајќи го и Тутин, каде победија политичките претставници на националните малцинства. И тоа е се.
Србија е длабоко и пошироко неслободна и недемократска држава. Тој прави големи чекори кон рускиот и белорускиот политички модел. На чело е некој што не дозволува да се изгуби месната заедница, а камоли општина и град и така ќе остане и во иднина. Милорад Додик уште еднаш даде свој придонес во севкупната состојба, како и некои други функционери од РС, кои исто така овојпат гласаа на локалните избори во Србија. Да не беше тажно, ќе беше смешно што по 12 години владеење, во Србија сè уште, по голема веројатност, нема ниту една слободна територија.