Зошто човекот, кој го презеде ВМРО по Александров и Протоѓеров, изрекуваше толку смртни пресуди: „Тоа беше неопходно зашто организацијата немаше затвори за издржување на тие што ги прекршиле правилата на уставот“, зборуваше децении подоцна Михајлов
ШТЕФАН ТРЕБСТ
Во центарот на Софија, во Борисовата градина, во 1990-те години, беше подигната спомен-биста на маж на средна возраст во паравоена униформа. Се однесува на Иван Михајлов (1896-1990), лидер на терористичката Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО). Од 1928 до 1934 година беше сојузник на Мусолини, Хитлер и на усташката Независна Држава Хрватска. На Балканот тој е познат и како нарачател на многубројни политички убиства на македонски и бугарски дејци, како и југословенски политичари и заедно со Анте Павелиќ тој е автор на атентатот во Марсеј во 1934 година. И покрај тоа, по 1945 година, против него не само што не е поведена судска постапка, туку тој дури и денес е непознат во Европа на ЕУ.
ПРЕРАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ВЕРСАЈСКИОТ ДОГОВОР Неоспорен факт е дека во Европа во периодот меѓу двете светски војни, меѓу национално-револуционерните движења, кои си поставуваа за цел преразгледување на Версајскиот договор, воено најспособна и за тоа најопасна и ултимативно најефикасна, е ВМРО. Нејзината краткорочна цел е присоединувањето на Вардарска Македонија, која што од 1918 година е дел на Југославија, кон Бугарија, а подалечна – обединување на сите делови кои припаѓаат на историската територија на Македонија, во една Голема Македонија, на која главен град би бил Солун. ВМРО се бори против новата југословенска држава. Од бугарската и албанската територија, секоја пролет преку границата преминуваат меѓу 1.000 и 2.000 илјади униформирани герилци.
По 1922 година ВМРО формира држава во држава на територијата на југозападна Бугарија – во Петричкиот крај. Тоа станува со согласност на власта во Софија, и покрај нејзините „чкртања со заби“. Таа држава во држава располага со самостоен даночен, полициски и правен систем, одделни печатени медиуми и банки. Освен тоа, ВМРО има и сопствена фракција во бугарскиот парламент. Нејзиниот голем дипломатски апарат соработува со Турција и Унгарија, склучува сојузи со СССР и со Италија. Само Германија откажува соработка со ВМРО – макар што и таму голем број политичари, дипломати, претприемачи, интелектуалци и новинари се големи симпатизери на организацијата.
РАЗИДУВАЊА Во 1927 година во раководството на ВМРО се јавуваат различни погледи во однос на тактиката на организацијата. Интензивната герилска борба е заменета со принципот на терористичка дејност: кон познати југословенски лидери се насочуваат тројки или петорки на атентатори; кон претставници на новиот европски повоен поредок се подготвуваат самоубиствени атентати; а против дисиденти во сопствените редови се изрекуваат смртни пресуди. Во 1928 година таа нова тактика доведува до остар внатрешен конфликт, кој ја поделува организацијата на две крила и кои влегуваат во масовно братоубиство.
Движечка сила на тој нов развој во ВМРО е Иван Михајлов, познат уште по псевдонимот „Ратко Дејанов“. Во 1925 година, една година откако беше убиен харизматичниот лидер на ВМРО – Тодор Александров, Иван Михајлов влегува во тричлениот Централен комитет на организацијата. Тодор Александаров, којшто е прогимназиски учител и бугарски офицер, награден со Железен крст од Вилхем II во 1916 година, по Првата светска војна, заедно со бугарскиот генерал Александар Протоѓеров, ја реорганизира организацијата создадената во 1893 година, која најпрво се бори за автономна Македонија под управа на султанот, и ѝ дава нова насока во дејствувањето – присоединување на Македонија кон Бугарија. По смртоносниот заговор против Александров, Михајлов ја искористува положбата на доверлив човек – негов секретар, за да го наследи неговото место во Централниот комитет. Во 1928 година, Михајлов го порачува убиството на својот колега и противник во Централниот комитет – генерал Протоѓеров, по што ги поставува во раководството на ВМРО двајцата негови најблиски луѓе – Страхил Развигоров и Иван Караџов и така практично ја презема контролата над организацијата. Приврзаниците на Протоѓеров, под раководство на Петар Шанданов и Наум Томалевски, жестоко се спротивставуваат. Тоа доведува до долгогодишна внатрешна братоубиствена војна, која зела стотици жртви меѓу активистите од двете завојувани крила. И до денес на изразите во бугарскиот јазик „македонска работа“ или „да завршиш со нешто по македонски“ означуваат да извршиш нешто на особено жесток и крвав начин.
„НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“ КАКО ВТОРА БУГАРСКА ДРЖАВА Во 1929 година, Михајлов започнува стратешки промени во ВМРО – оддалечување од целта за присоединување на Македонија кон Бугарија и поставување нова задача – „слободна и независна Македонија“, која би ги обединила трите дела, т.е. Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“. Во текот на 1933 година, новиот курс на дејствување се претвора во доктрина на организацијата. Според Михајлов, нацијата на новоформираната држава, која се состои од „македонски Бугари“, може да се дефинира и како „бугаро-македонска“, бидејќи е бугарска во етнокултурен и јазичен однос и македонска – во регионален. Така ВМРО си создаде непријател од политичката елита во Бугарија, која до тој момент (поголемиот нејзин дел), е поволно расположен кон организацијата. Како резултат на тоа, на 9 мај 1934 година, политичкиот центар „Звено“ и воениот сојуз ја испраќаат бугарската армија против цитаделата на ВМРО во Петричко. Само за неколку денови стурктурите на организацијата се разбиени, нејзините лидери се интернирани, а во 1935 година на Михајлов му е изречена смртна пресуда.
Фатен во тесно, Михајлов успева, за разлика од останатите лидери на ВМРО, неколку месеци да се сокрива во државата и во септември 1934 година, да избега во соседна Турција. Лидерот на нова Турција – Мустафа Кемал Ататурк, роден во Македонија, му дава на Михајлов политичко прибежиште – веројатно со идеја да не може да се востанови хегемонија на Балканот од страна на Јужните Словени под форма на сојуз меѓу Југославија и Бугарија.
(продолжува)