Михајлов, кој го прекинал студирањето право во Софија, нема искуство во четничката борба и никогаш не влегувал во „внатрешноста“ на Македонија (оттука и буквата „В“ во името на организацијата), т.е. во бојното поле на самиот југ на Југославија
ШТЕФАН ТРЕБСТ
Непосредно по бегството на Михајлов во Турција, ВМРО успева да го нанесе својот најголем терористички удар: атентатот во Марсеј на 9 октомври 1934 година, при што загинуваат југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Испраќањето на искусниот атентатор на ВМРО, Владо Черноземски, е резултат на тесната соработка на Михајлов со хрватските усташи на Анте Павелиќ против Југославија.
Павелиќ е иницијатор на планот за атентатот и тој ги оценува реално професионалните можности на своите луѓе, т.е. како ниско – затоа го моли Михајлов за помош. Откако нервите на тројцата хрватски стрелци на пристаништето во Марсеј не издржуваат, Черноземски ја исполнува успешно задачата што му е дадена од Михајлов. Имено, атентатот во Марсеј ја испровоцира Лигата на народите да се обиде преку Женевската конвенција да го спречува и казнува тероризмот, да ја мобилизира меѓународната јавност за спротивставување против организираниот тероризам и да ја вклучи борбата против него во меѓународното право.
Треба да се одбележи дека Михајлов, кој го прекинал студирањето право во Софија, нема искуство во партизнаската борба и никогаш не влегувал во „внатрешноста“ на Македонија (оттука и буквата „В“ во името на организацијата), т.е. во бојното поле на самиот југ на Југославија. Тој се обидува да го надмине тој недостаток, кој влијаел негативно на неговата позиција во организацијата, целосно ориентирана кон култот на хероизмот и на мачеништвото, оженувајќи се со една популарна терористка на ВМРО. Во 1926 година тој склучува брак со Менча Крничева која во 1925 година, по лична наредба на Михајлов, го изврши прославениот атентат против македонскиот политички деец во прогонство, Тодор Паница, во виенскиот „Бургтеатар“, за време на претставата „Пер Гинт“ од Ибзен. По пресудата австрискиот суд ја ослободува Крничева поради здравствени причини.
За време на четиригодишното прогонство во Турција, кога Михајлов и Крничева се интернирани најпрво во северна Анадолија, а потоа на островот Бујук Ада близу до Истанбул, тие се обидуваат без успех да добијат визи за САД. Таму во составот на Македонската патриотска организација во САД и Канада (МПО) со седиште во Форт Вејн, Индијана, ВМРО располага со густа мрежа од поддржувачи. Но, дури и Швајцарија, Романија и Велика Британија, како и бившиот сојузник на ВМРО – Италија на Мусолини, не сакаат да ја примат двојката терористи. Едвај во 1938 година, Полска им дозволува на двајцата да влезат на нејзина територија, но под услов да се воздржуваат од секаков вид политичка дејност. Михајлов и неговата сопруга добиваат визи на лична иницијатива на полскиот амбасадор во Софија – Адам Тарновски, кој уште во времето на Првата светска војна е дипломатски претставник на Австро-Унгарија во бугарскиот главен град и одржувал тесни врски со ВМРО. И покрај тоа што Варшава ги анулира визите поради бурни протести од Белград, турските власти го натоваруваат семејството Михајлов на полскиот трговски брод „Левант“ кој бил укотвен во пристаништето во Измир. По долга одисеја низ Средоземното Море, на 23 септември 1938 година, бродот најпосле пристигнал во Гдањск со своите немили и несакани патници.
И покрај тоа што Михајлов се населува во една глува провинција на Полска, тој има можност, како и пред тоа во Турција, да одржува тесни контакти со своите приврзаници во Бугарија и Северна Америка. По влегувањето на Вермахтот во Варшава во септември 1939 година, Михајлов и неговата жена, којашто говори добро германски, се поврзуваат со Гестапо. Потоа тие се населуваат во Рајхот – неизвесно е колку ќе биде долго. Таму тие се населуваат во привремено живеалиште во Берлин, во квартот Нојкелн каде што се непосредни соседи на Анте Павелиќ и неговото опкружување. Не е јасно какви контакти имал Михајлов во германскиот главен град со национал-социјалистичката власт – во архивите на Третиот рајх досега не е најдена информација по тоа прашање.
(продолжува)