МАРУША МИТРЕВСКА
Објективниот рок за застареност е 5 години, што значи за секој случај, побарувањето застарува за 5 години од денот на дознавање на штетата.. Во оваа област наидовме на различни толкувања на овие одредби, а за жал кога таквото толкување е сторено од страна на судии
Не случајно се одлучив да пишувам за овој дел од институтот застареност, од причина што со моето долгогодишно искуство во правосудството како правник и како адвокат наидов на различна судска пракса во однос на толкувањето на чл.365, 366 од Закон за облигациони односи, особено кога станува збор за настаната штета во сообракајните незгоди. Ќе се задржам на надомест на штета настаната од сообракајни незгоди, бидејки кај постапките за надомест на овој вид штета имаме различна пракса, различни пресуди, кои допринеле некои лица неправедно да го изгубат своето право за надомест на штета. Не заради тоа дека не ги следува, туку од причина што одреден број судии погрешно го толкуваат овој член.
Институтот застареност е регулиран во нашето законодавство со Законoт за облигациони односи предвидени од чл.349 заклучно со чл.382 од истиот закон. Со овие одредби се регулираат општите одредби за застареност, рокови од кога започнува течењето на застареност, настапување на застареноста, засметување на времето на предходниците, откажување од застареност итн. Но во овој текст ќе се задржиме на застареност кај побарувања за надомест на штета.
Најпрво ќе ги цитирам одредбите од чл.365 од ЗОО, каде се регулира Побарувањето за надомест на штета, според овој член:
- Побарување на надомест на причинета штета застарува за три години од кога оштетениот дознал за штетата и за лицето која ја сторило штетата;
2. За секој случај ова побарување застарува за пет години од кога настанала штетата;
3. Побарувањето на надомест на штета настаната со повреда на договорна обврска застарува за времето определено за зaстареност на таа обврска.
Законодавецот според оваа одредба предвидел два вида на рокови – субјективни и објективни.
Субјективниот рок е три години од настанување на штетата како и дознавање на штетникот, а тоа е лицето која ја предизвикало штетата и дури законодавецот предвидел дека, доколку се работи за штета причинета со повреда на оштетено лице, овој субјективен рок почнува да тече и од денот на дознавање на обемот на штетата, бидејки, без да се разбере за таквиот обем, не е можно да се постави побарување за надомест на штета.
Објективниот рок за застареност е 5 години, што значи за секој случај, побарувањето застарува за 5 години од денот на дознавање на штетата.
Цитирањето на членовите не го сторив дека правниците, судиите и сите во правната фела не ги знаат или не ги прочитале барем еднаш овие одредби, туку напротив тоа го сторив од причина што во долгогодишното искуство во оваа област наидовме на различни толкувања на овие одредби, а за жал кога таквото толкување е сторено од страна на судии кои се избрани да ја толкуваат правдата, па со текот на годините, а слободно можам да кажам последниве 10-12 години секој судија различно го толкува и постепено создадоa крива пракса, без да се размислат дека сепак во правото се суди според закон, а не според судска пракса која одредени судии сами си ја сoздаваат, иако со тоа ја кршат законската одредба.
Имено, рокот за застареност кај надомест на штета почнува да тече од денот на дознавање на штетата и лицето која ја предизвикало штетата. Зa жал во судската пракса неправилно се применува оваа одредба. Како што кажав погоре ќе се задржам на надомест на штета настаната од сообракајни незгоди, бидејки кај постапките за надомест на овој вид штета имаме различна пракса, различни пресуди, кои допринеле некои лица неправедно да го изгубат своето право за надомест на штета. Не заради тоа дека не ги следува, туку од причина што одреден број судии погрешно го толкуваат овој член. Повеќе од судиите прифакаат дека рокот на застареност почнува да тече од денот на настанување на штетата и донекаде во одредени случаи тоа е правилно, бидејки со настанување на сообракајната незгода е дознат денот кога настанала штетата, но погрешно толкуваат и дури не го применуваат фактот дека таа одредба, за течење на рокот на застареност кај надомест на штета, особено кај штетите предизвкани од сообракајна незгода е особено значајна одредбата и од „дознавање на штетникот“.
Што сакал законодавецот со тоа да каже?! Тоа значи дека не секогаш во секоја сообраќајна незгода, па дури и кај другите видови на штета, со дознавање на денот на настанување на штетата се дознава и штетникот!!!!
Сето ова сакaм да го појаснaм дека во одредена сообраќајна незгода со денот на настанување на истата, не секогаш точно се дознава кој е штетникот (се мисли на лицето кое ја предизвикало штетата). Постојат сообраќајни незгоди, каде и полицијата која излегла со увидната екипа на лице место за да ја снима сообракајната незгода и по обработка на матерјалите и составување на Записник од увид на лице место, НЕ Е СИГУРНА кој точно е виновен за сообраќајната незгода.
Тогаш се поднесува пријава против двајцата, тројцата учесници (зависи колку возила учествувале во таа сообраќајна незгода), па откако ќе ги предаде материјалите со записникот во Основно јавно обвинителство се преземаат одредени претходни дејствија и зависно од доказите се покренува кривична постапка или против едниот учесник или против двајцата, сè зависно како сметал обвинителот од приложените докази. Тука настанува најголемиот проблем на различното толкување!
Доколку против двајцата учесници е покрената кривична постапка, тогаш во таа ситуација немаме оштетен, туку двајца обвинети, кој до донесување на пресуда, при запазена презумпција на невиност, односно до докажување на вината, учесниците иако можеби и двајцата сметаат за себе дека се во право, а другиот виновен, во такви ситуации учесниците не можат во кривичната постапка да поднесат барање, поточно да истакнат барање за надомест на штета, бидејки тоа право го имаат само оштетените, а не и обвинетите.
И тука настанува голготата во однос на тој што ќе испадне подоцна во кривичната постапка ослободен, а претходно бил окривен и не може да истакне оштетно побарување, а како што ни се бавни кривичните постапки веќе поминале три години од настанување на сообраќајната незгода, а штитеникот го дознаваме со пресуда четвртата година, додека не е изминат објективниот рок од пет години. Во вакви случаи дел од судиите ги одбиваат тужбените барање, поради настапена застареност на побарувањето, што претставува апсурд! Па дури во образложението на пресудата ќе наведат дека истото е одбиено, бидејки оштетениот не поднел тужба во рок од три години од кога дознал за штетата, без да имаат предвид дека чл.365 став 1 предвидува три години застареност од дознавање или настанување на штетата, како и од дознавање на штетникот.
Според нивното толкување тој нема право на штета бидејки во кривичната постапка не предјавил оштетно побарување, а поминале три години од настанување на штетата. Со ваквите констатации на судот доаѓа и до неправилна и незаконска примена на член 366, каде законодавецот предвидува и други рокови за штети настанати со кривично дело. Според овој член со секое покренување на кривична постапка, престанува да тече и рокот на застареност за надомест на штета и по правосилно завршена кривична постапка одново почнуваат да течат роковите за застареност. Во оваа одредба законодавецот прифатил дека со истакнување на побарувањето на оштетениот во кривична постапка има прекин на течење на роковите за застареност и во случај на ослободителна пресуда на обвинетиот, во тој случај и да поминале роковите од чл.365 од ЗОО, оштетениот треба да поднесе тужба во рок од 3 месеца од правосилноста поточно од добивање на правосилната пресуда, пред граѓанскиот суд. Тоа е сепак за оштетениот.
Се поставува прашањето, што е во оние случаи кога во кривичната постапка нема оштетени или повредени се учесниците на сообракајната незгода, а против двајцата се води кривична постапка? По завршување на постапката и да изминат роковите предвидени во чл.365, а за едниот учесник застарува кривичното гонење и имаме одбивателна-ослободителна пресуда итн. Дали во тој случај не важи рокот од 3 месеци по завршување на кривичната постапка? Дали може да поднесе тужбено барање пред граѓанскиот суд за остварување на своето побарување? Драги мои колеги од правната фела, за мене е потврден одговорот и тоа со едно големо ДА, а тоа е аналогно на тоа што оштетениот има право да истакне побарување, во тој случај и обвинетиот кој има одбивателна или ослободителна пресуда има право по правосилноста на кривичната постапка да побарува штета. Уште повеќе овде може да се примени и чл.365 ст.1 каде вели рок на застареност за надомест на штета е три години од дознавање на штетата и ШТЕТНИКОТ.
Со завршување на кривичната постапка се дознава штетникот-лицето кое ја предизвикало штетата, па од тогаш тече рокот за застареност од три години, бидејки тогаш ние сме го дознале штетникот.
За жал во судска пракса сè повеке и повеке се искривуваа правото, одредбите погрешно се толкуваат и граѓаните на Република Македонија кои секоја година плаќаат осигурување, за вакви ризици, не можат да си го остварат своето право.
(Авторката е адвокат)