БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Карактерот, менталната структура,културата и традицијата кои на еден сјорановски начин даваат одговор зошто поголемиот дел од Македонците се однесуваат ненормално. Како кога бегалците од Сиера Леоне пред Лампедуза би ги прашале дали ја прифаќаат рамката за влез на островот или ќе пливаат назад, овие да речат ма каква рамка, морето е нашиот дом
Додека не страда од страв да биде помалку одошто е, перспективата да биде повеќе го загрозува.
И затоа е против уставните промени.
Европа ќе го направи поголем одошто тој може да поднесе.
Ќе си биде смешен во одела сто икса поголеми од неговата мерка.
Чија мерка?
На Македонецот, натурлих.
Ако за момент го извадиме нашиот човек од партиските ровови, ќе ги видиме овие аспекти на карактерот, на менталната структура, на културата и традицијата кои на еден сјорановски начин даваат одговор зошто поголемиот дел од Македонците се однесуваат ненормално.
Како кога бегалците од Сиера Леоне пред Лампедуза би ги прашале дали ја прифаќаат рамката за влез на островот или ќе пливаат назад, овие да речат ма каква рамка, морето е нашиот дом.
Мислам дека тоа доминира со потсвеста. Македонецот се плаши од иднината во која ќе биде безочајник… и особено се плаши на крајот на неговата несреќа да не се појави една друга, несакана: онаа на спасението, ужасот, кога може да стане дури и светец.
Тоа е контекст во кој тој мисли дека останува без идентитет.
Можете ли да замислите Македонец без загрозен национален идентитет, без македонското прашање со кое тој се храни како коњ со зоб, без очај, спасен, чист како светец.
Хахаха!
Ова ни Монти Пајтон не би го смислиле.
Секогаш гледај на светлата страна од животот, дури и кога силно си го удрил палецот на ногата. Ноктот ќе си падне, а ти можеби друг пат во животот нема да имаш шанса да бидеш против уставните промени односно против себе и својот палец.
И ноктот.
Против светлата страна на животот.
Која ти го сјебала палецот.
Хахаха.
Ова е од „Житието по Брајан“ дополнето со продолжеток од еден сајт чие име го заборавив.
Се извинувам.
А сега ве повикувам внимателно да го прочитате следните стенографски белешки од разговорот со Емил.
Евангелие по Емил.
Принципот на злото лежи во силата на волјата, во неможноста да се дојде до совршен мир, во прометејската мегаломанија на една раса опиена од идеалот кој експлодира под притисокот на убедувањата и која, поигрувајќи се со сомнението и со мрзливоста – поблагородни маани одошто се сите нејзини доблести – тргнала по патот на исчезнувањето, на историјата, таа непристојна мешавина на баналност и апокалипса.
(Изјава на Сјоран пред расправата за уставните промени. Мене во доверба ми рече: Тричко, историјата не е ништо друго освен парада на лажни апсолутности, една низа на храмови подигнати во името на некакви изговори, едно понижување на духот пред неверојатното.)
Нека да повториме:
Проблемот е во „прометејската мегаломанија на една раса опиена од идеалот кој експлодира под притисокот на убедувањата и која, поигрувајќи се со сомнението и со мрзливоста – поблагородни маани одошто се сите нејзини доблести – тргнала по патот на исчезнувањето…”
Тука би требало да престанат сите дискусии, но Македонецот ја нема таа дистанца од себе, не е еманципиран од себе и не може да си ја прочита оваа компјутерска томографија на својот дух.
Која е поразителна.
Затоа ќе продолжи да се дави самиот себе поигрувајќи се со сомнежот и мрзата и со стравот дека може да се случи од Македонец да го направат човек.
Тоа е неподносливо за него.
Насекаде околу мене гледам луѓе кои се трудат да бидат незадоволни, бесни и по малку луди. Тоа бара голем напор. Ги жалам, но само за момент. Во следниот налет на чувствата ги пцујам и посакувам да имам некаква тајна моќ да ги исчистам од мојот видокруг.
Ми паѓа в очи неприродноста на нивниот став. Вревата, гестикулациите, гласноста, речникот и интонацијата, редовно се многу поостри од поводот и секогаш водат сметка да завршат со воопштување: „не, не, ние не сме држава и подобро ќе биде да нѐ нема.“ Зад ушите имаат чипови кои им ја рецитираат паролата. Со поглед кој наоколу бара потврда и одобрување или дури воодушевување од своите лекции. И ги добива: „така е, срамота, ова никаде го нема, блаблабла“, одговара масата пред касата или пред шалтерот.
Како е дојдено до овој пораз на човечноста.
Има многу фактори.
Сите сме виновни, и власта и тие што ги мислевме интелектуалци, а испаднаа обични говњари и Европа и светот и Бугарија и Танзанија, но еден е хивот кој го предизвикува нашиот аидс: Вмро, драги мои, е фактор кој ја докажува невозможноста на Македонија. И не само тоа, туку повикува да се изнајде ново решение за просторот и за луѓето од кои комунистите направиле Македонци. Нов Илинден. На мојот ѕид пред некој ден напишав едно мало евангелие, овој пат не по Емил, туку по Тричко:
Востание.
Ало, Македонијо, дали се слушаме, ова е востание на поразените во востанието од 41 во комплет со АСНОМ и формирањето на македонската држава и нација.
Одмазда.
Деструкција.
Крш.
Лом.
Тепих.
Зелена ливада на која ќе бидете овци.
Праменки.
Кравја лепешка згазена од некој минувач.
Војвода.
Можеби Тодор, лично.
Тоа е тоа.
Какви пари, поткупи, корупции, мозочни вениши, разочараности од Шарената револуција и од сдсм, можат да произведат пореметувања на умот кои овие епики на смртта, не само што не можат да ги разберат, туку им трчаат во пресрет како деца во прегратките на своите родители.
Тоа е вистината.
Драмата.
Трагедијата на Македонија.
Другото се пердуви, прдежи и просерувања (ППП).