Од МЗ порано барале помош од надлежните ама нивните соседи се уште ноќе си пребаруваат по контејнерите
Проблемот не е нов. За него од Месната заедница до надлежните институции со дописи се обратиле во 2019 и 2020, но судејќи по денешната нивна реакција, преку социјалните мрежи, сè уште чекаат на одговор. Од МЗГ велат дека се работи за чиста среќа што досега нема повредни, бидејќи проблемот не само што не е решен, туку изминативе години ескалирал
Галичник се соочува со проблем на зголемено присуство на мечки во населените места, за што од месната заедница досега повеќе пати официјално се обратиле до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) и до Државниот инспекторат за ловство, укажувајќи на проблемот и барајќи помош.
Од Месната заедница Галичник (МЗГ) утрово преку објава на нијзиниот официјален фејсбук-профил упатија апел до надлежните да реагираат и да дадат насоки, бидејќи, како што велат „одомаќинетите“ диви животни претставуваат голема опасност за лалното население.
Почитувани, стои во едно писмо, би сакале да Ве известиме дека МЗГ повеќе пати сосем официјално се обраќа до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник. Дописи се доставени преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обративме на службениот мејл на Инспекторатот.
Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението – завршува дописот..
Во првиот допис, кој е со датум од 14 август 2019 година, од Месната заедница уште тогаш реагирале до Државниот инспекторат дека мечките се без исклучок секојдневно присутни во Галичник.
„Се појавуваат во доцните ноќни и раните утрински часови, поминуваат на сите пунктови за одлагање отпад, ги превртуваат контејнерите и го разнесуваат отпадот, хранејќи се себеси и малечките мечиња“, се вели во дописот од пред четири години.
Од МЗГ и тогаш укажале дека мечките се доволно „одомаќинети“ и оти не е исклучена можноста да дојде до последици по населението.
„Доколку имате искуство со вакви појави и постојат насоки за тоа како треба да постапиме, Ве молиме да не информирате. Напоменуваме дека со дописот не бараме дозвола за отстрел, го поддржуваме биодиверзитетот на Бистра и инсистираме отстрелот да биде последна опција за решавање на овој проблем“, наведуваат во дописот од МЗГ.
Но оттогаш наваму не само што нема решение за проблемот, туку тој почнува и да ескалира.
„До сега мечките се веќе толку одомаќинети што се пресретнуваме на асфалтот, ни се појавуваат наутро во двор и слободно шетаат буквално насекаде и во секој дел од денот. Проблемот не само што не е надминат, туку е и ‘размножен’, односно станува збор за неколку семејства со малечки мечиња. Сликата која ќе ја видите уште пред да влезете во Галичник се превртените контејнери, ѓубре насекаде расфрлано, и кога сега температурите се зголемуваат, се шири непријатна миризба. Галичник живее посебно во летниот период, кога нема куќа која не е отворена и полна. Исто така за време на распустот има многу деца кои сакаат времето да го поминуваат надвор на отворено. Се работи за чиста среќа што до денес нема повредно насление, но не е исклучен ризикот кој секојдневно не опкружува. Поради сериозноста на состојбата и опасноста по локалното население, Ве молиме во најкус можен рок да не информирате како да се продолжи понатаму со секојдневните активности во Галичник кога шетаат мечки (дивеч под заштита, согласно член 9 од Законот за ловство), односно веднаш да преземете мерки и активности за решавање на проблемот пред да биде доцна“,
се вели во имејл дописот што од Месната заедница Галичник го испратиле до Државниот инспекторат за ловство минатата недела.