БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Низ сиов овој период Заев се чини дека се надева на горко покајување, макар било прикриено, трошка срам од бугарска страна, барем полунаведната глава, можеби освестување некакво, момент на слабост, конечно растерување на историските романтични позиции
Конечно, колку пати треба да се тресне на масата и да се каже- доста е, никогаш повеќе. Пендаровски, Димитров и Заев постојано ја ставаат точката на сето понижување и небулози кои ги сервира официјална Софија и јасно порачуваат-еднаш засекогаш, да запамети Бугарија- дека разговорите ќе продолжат, но не и за македонскиот јазик и идентитет.
Тој пак, премиерот, премногу мек и со кадифено одбрани зборови, се обидува да ја разнежи Бугарија, да ја воспита и преобрати. Дали е можно да е бескрајно наивен или се работи сепак за дипломатски вешт политичар, вистински мајстор на играта, кој трпеливо и педантно ги реди шаховските фигури, додека другата страна му ги превртува, гази, и зачалкува доволно далеку, за д не може да ги собере кутрите остатоци.
Низ сиов овој период Заев се чини дека се надева на горко покајување, макар било прикриено, трошка срам од бугарска страна, барем поолунаведната глава, можеби освестување некакво, момент на слабост, конечно растерување на историските романтични позиции. Ништо од тоа Заев не добива, барем засега, со мали шанси воопшто да добие грам од таа негова надеж за пријателство од другата страна- ништо, освен поголемо потценување, исмејување и пресмејување додека не ги заболи стомакот, а тука се повторно преострите зборови, превисоките, пискави тонови, се ова сервирано од бугарска страна, навреди, и безгранични навреди и повторно огромни понижувања.
Захариева и Каракачанов како стрелачки вод испратен лично од Тодор Живков, ги испукуваат сите можни рафали, додека Бојко Борисов стои во позадината и лукаво се потсмевнува, чекајќи Заев да се појави повторно, со нови дефиниции на пријателството, играјќи на картата на добрина, разум и повторно срам, кој никаде го нема, ниту пак некогаш го имало од бугарска страна.
Да, во право е Захариева- говорот на омраза е најголемиот непријател- но, тоа важи и за двете страни, таа мора тоа да го има на ум.
Досега, се покажа дека подадената рака на пријателство од македонска страна, за Бугарија значи труба за повик на отсекување на таа рака, кршење и на најмалите ковчиња, со најмали шанси да можат да се подзалепат, за таа рака повторно да ја добие благоста и милоста. Некои се надеваат дека грубоста и суровоста на Бугарија ќе заврши се до изборите во таа земја пролетва- тогаш ќе настапи процес на освестување и преродба. Ваквите надежи на некои македонски идеалисти секако дека се политички аматеризам, но знаете како- ако не сте на менито, веројатно ве изеле, а да не сте свесни за тоа.
Кога ќе дојде време за дижестив, фигурите на шаховскиот гамбит на Заев ќе бидат најдобар сигнал- дали се во состојба да ја продолжат борбата, или пак играта е завршена и пред да започне.