Гарска Река е само еден сегмент од оваа македонска убавина која нуди задоволство за сите сетила, но и восхит кај секој посетител што случајно или намерно се нашол во овој крај. Но, покрај тоа, оваа река е и амбиент во кој егзистира една исклучително ретка растителна заедница на див костен и црн габер
Малореканскиот крај е еден од оние делови на Македонија кои пленат со својата природна убавина, со недопрената природа, но и со живописниот амбиент на неколкуте села кои се дел од оваа област во Западна Македонија. Прекрасните планински врвови, непрегледните шуми и пасишта, како и бројните водотеци кои го параат тукашниот релјеф не оставаат никого рамнодушен. Гарска Река е само еден сегмент од оваа македонска убавина која нуди задоволство за сите сетила, но и восхит кај секој посетител што случајно или намерно се нашол во овој крај. Но, покрај тоа, оваа река е и амбиент во кој егзистира една исклучително ретка растителна заедница на див костен и црн габер со арктотерциерно потекло, каква ретко се среќава на други простори. Оваа шумска заедница всушност претставува реликтен остаток на прастари шумски заедници какви што пред неколку милиони години биле широко распространети на северната хемисфера
Гари е едно од седумте села кои припаѓаат на малореканскиот крај, област во Западна Македонија која ги опфаќа подрачјата околу теченијата на Гарска, Тресонечка и Мала Река. Сместено на северните падини на планината Стогово на надморска височина од 1.100 метри, Гари плени со својата амбиентална убавина, впечатливата архитектура и со околната природа.
Селото е од збиен тип и во него доминираат двоспратни и триспратни куќи, типични за мијачкиот крај. Се смета дека првите жители тука се населиле уште во XVI век, а кон крајот на XIX и почетокот на XX век во селото имало околу 200 семејства. Според пописни податоци од 1905 година во Гари живееле 1.560 жители. Главна стопанска гранка тука отсекогаш било сточарството, а имало периоди кога во селото се чувале и до 30.000 овци.
Денес во Гари животот е речиси замрен. Со текот на годините жителите на селото се раселиле низ сите светски меридијани. Според пописот од 2021 година во Гари постојано живеат 10 луѓе. Еден од нив е 79-годишниот Јордан Кузмановски кој со тага се присеќа на времињата кога сите куќи во селото биле полни, а семејствата броеле и по десетина и повеќе членови. Според Јордан, денес Гари живее само во летните месеци, а во деновите на селската слава Голема Богородица сите Гарчани се собираат во селото.
Според народните преданија претходната локација на селото била 200 метри над сегашната, на локалитетот Дрениче, а на сегашното место е преместено откако тука започнала да се гради црквата која денес го носи името „Успение на Пресвета Богородица“. Црквата е осветена во 1866 година, а во неа се наоѓа вреден иконостас чија резба е дело на познатите копаничари Петре Гарката и неговите браќа Марко и Јован, како и фрескоживопис изработен од познатиот мајстор Дичо Зограф.
(остатокот од живописот видете го на https://doma.edu.mk/zhivotna-sredina/garska-reka-raj-za-setilata-i-dom-na-reliktna-shumska-zaednica/?fbclid=IwAR1XIh8E429Y_FceV-Zpm5eoMg4djdqzEBHRxUxMhZU38hG8QGoXe)