Се работи за предмет за истрагата за проневера, која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани
Ако не држи добро сеќавањето на гостувањето на обвинителката Вилма Рускоска, која го води секторот за организиран криминал најави процесуирање на два предмети од потежок калибар. Едниот предмет беше врзан за реконструирањето на фасадата на зградата на Владата, кој беше најавен како „сега, во понеделник“ и вториот, поенигматичен, кој беше накавен во „најскоро време“ а се однесуваше на висок владин функционер од „не баш највисок ранг“. Емисијата одеше во последната третина на март на „360 степени“, независен проект кој се прикажува на „Алсат М“. Понеделникот малку се одложи, но сепак се исполни а вториот предмет, се чини се случи во петокот, кога новинарски екипи се построија пред зградата на Обвинителството крај Вардар.
Се работи за предмет за истрагата за проневера, која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани. Обивнителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година, вели обвинителката Вилма Рускоска во изјава за „Слободен печат“.
– Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а. надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден (четврток, 7 април) стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска,“ вели Рускоска.
Таа понатаму нагласува дека „Обвинителството за организиран криминал цврсто стои на ставот дека секој кој направил кривичен престап, а за што постојат докази, ќе биде гонет, без разлика на неговата позиција во системот на државата.“
Зекири нема стражарно да биде спроведен пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Тој добил писмена покана да даде исказ откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара притвор за Зекири и двајца хрватски државјани кои се осомничени дека со изигрување на тендерската постапка, незаконски присвоиле 145.400 евра.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на Буџетот на Македонија
Треба да потсетиме, просто се наложува таа споредба дека во тек е судењето за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања, за спорна набавка на софтвер и за хонорари. Тој процес не е завршен.
За што се работи. Медиумите тврдат дека тимот на Русковска го тресе консултантскиот договор што Владата го склучила со фирмата „Интерхолдинг ДОО“ и на која лани ѝ исплатила вкупно над 940 илјади евра. Префрлањето на парите се наведува под конто „други договорни услуги“. Индикативно е дека фирмата каде се адресирани парите е основана еден месец пред првата исплата! Според обвинителството, од април 2021 година до јануари 2022 година, Зеќири, без да спроведе тендерска постапка, склучил договор за консултантски услуги со фирма во што со умисла му помогнале двајца осомничени хрватски државјани.
За сите тројца осомничени Обвинителството бара притвор. Обвинителството информира дека договорениот износ за консултантските услуги бил 795 илјади евра, но биле исплатени над 900 илјади евра, со што, за Обвинителството буџетот на државата е оштетен за околу 145 илјади евра.
Според достапните податоци, Владата, всушност е единствената институција што нарачала услуги од оваа фирма. Друга активност фирмата практично, кон други субјекти, немала. Фирмата е основана во април 2021 година, односно еден месец пред првата уплата во мај 2021 година, нешто над 140 илјади евра. Дејноста со која е основана фирмата во Централниот регистар е консултатска односно, „советување во врска со работењето и останато управување“. Сопственици на „Интерхолдинг“, пак, се фирмата „Интерфајнанс ДОО“и Хрватот Данијел Иванагиќ. (види
https://www.poslovni.hr/karijere/fusek-vodi-dalmatinski-a-ivanagic-centar-u-varazdinu-306470) и https://novac.jutarnji.hr/novac/aktualno/drzava-interfinanceu-mora-platiti-30-milijuna-kuna-zbog-uzimanja-dozvole-za-rad-15025709). Според регистарот на вистински сопственици компанијата е на Денис Фудуриќ, кој е сопственик и на „Интерфајнанс“. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за „Слободен печат“ изјави дека знаат каде се парите, а дека осомничените хрватски државјани, според нивните информации, не се во државава. „Ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска“ изјави Русковска.