Леонид Ивашов, познат по своите просоветски и национал-патриотски ставови, во својство на претседавач на „Серуското офицерско собрание“, издаде обраќање против војната на Русија со Украина
Ретко кој во Русија може да го критикува Путин поради стравот кој владее кај сите што не се согласуваат со неговите политики. Затоа, изјавата на познатиот генерал-полковник Леонид Ивашов е исклучително важна
Пензионираниот генерал-полковник Леонид Ивашов, познат по своите просоветски и национал-патриотски ставови, во својство на претседавач на „Серуското офицерско собрание“, издаде обраќање против војната на Русија со Украина. Во подготовка на таква војна тој ги обвини руското раководство и претседателот Владимир Путин, кого го повика да поднесе оставка, се наведува во објавата на Серуското офицерско собрание.
Обраќањето е од 31 јануари. Еден ден претходно, обраќањето го привлече вниманието на политикологот Иван Преображенски, а потоа и други коментатори на интернет.
Според Ивашов, „претходно Русија (СССР) водеше присилни (праведни) војни и, по правило, кога немаше друг излез, кога виталните интереси на државата и општеството беа под закана“. Меѓутоа, сега, како што пишува генералот, единствена закана за постоењето на Русија е деградацијата на нејзиниот внатрешен живот. Додека надворешните закани „во моментов не се критични“.
„Во целина, стратешката стабилност се одржува, нуклеарното оружје е под сигурна контрола, силите на НАТО не се собираат и не покажуваат заканувачка активност“, пишува Ивашов.
Како што се наведува во обраќањето, Украина како независна држава има право на индивидуална и колективна одбрана. „Нормално, за Украина да остане пријателски сосед на Русија, неопходно беше таа да ја покаже привлечноста на рускиот модел на државата и системот на владеење“, пишува Ивашов. Тој, исто така, забележува дека огромното мнозинство од државите во светот не ги признаваат анектираните Крим и Севастопол како руски, што „убедливо го покажува неуспехот на руската надворешна политика и неатрактивноста на внатрешната“.
Според генералот, употребата на воена сила против Украина „прво, ќе го доведе во прашање постоењето на самата Русија како држава; второ, засекогаш ќе ги направи Русите и Украинците смртни непријатели“. Ивашов стравува и дека земјите од НАТО, посебно Турција, ќе влезат во конфликтот. „Покрај тоа, Русија дефинитивно ќе биде вклучена во категоријата земји кои го загрозуваат мирот и меѓународната безбедност, ќе подлежи на најтешки санкции, ќе се претвори во параја на светската заедница и веројатно ќе биде лишена од статусот на независна држава“, смета генералот. Тој смета дека Русија „провоцира тензии на работ на војна“ за да го одвлече вниманието на населението од внатрешните проблеми. Обраќањето содржи барање претседателот да се „откаже од криминалната политика на провоцирање војна“.
Ивашов во 1996-2001 година беше началник на Главниот директорат за меѓународна воена соработка на Министерството за одбрана на Русија, а заземаше и други високи позиции во Министерството за одбрана. Тој стана особено познат по неговите остро негативни оценки за операцијата на НАТО против Србија во 1999 година. По оставката, тој зборуваше за весникот „Завтра“ и други медиуми критикувајќи ја политиката на руските власти од „национално-државни“ позиции. Тој ги критикуваше и НАТО и Западот.
„Серуското офицерско собрание“ е јавна организација која обединува резервни офицери со просоветски и национал-патриотски ставови, во неговото раководство спаѓаат, на пример, полковникот Владимир Квачков и други познати личности.
Во последните недели Русија во близина на границата со Украина концентрираше голема вооружена група, додека дополнителни единици и опрема пристигнуваат за вежби во Белорусија. Западните земји стравуваат дека Русија може да изврши инвазија на Украина од големи размери. Москва негира подготовка на таква инвазија.