Млада новнарка била вербално вознемирувана од германскиот либерал Рајнер Бридерле. По објавата во списанието Штерн цела Германија дебатираше за темата сексизам. Жените и мажите се судрија и на интернет
СИЛВИЈА ВАСЕРМАН
Ане Вицорек е сосема обична млада девојка. Сексизмот е дел од нејзиното секојдневие, слушајќи дофрлувања како – „ти жешко парче“ или „тебе едноставно ти треба вистински фраер“. Таа сега му објави војна на сексизмот.
Написот на новинарката Лаура Химелрајх за неа беше последната капка што ја прели чашата. Новинарката обвини врвен германски политичар дека сексуално ја вознемирувал.
Бидејќи интернетот за Ане Вицорек не е само работен, туку и животен простор, таа на Твитер упати повик – „Жените повеќе не треба да молчат: конечно јавно жигосување на сексизмот“. Со тоа таа предизвика бура.
„Ноќта тоа навистина одеше многу брзо, бидејќи навистина многу жени се вклучија, а реагираа и мажи и беа шокирани од размерите на сексистичките напади. Некаде околу три часот по полноќ отидов да спијам и следното утро кога се разбудив видов дека тоа комплетно експлодирало“, вели интернет-феминистката Ане Вицорек.
Текстот се појави во магазинот Штерн, кој со задоволство објавува провокативни фотографии. Новинарката Химелрајх имала налог да направи портрет за Рајнер Бридерле, новиот врвен кандидат на либералите за изборите. Во средиштето на текстот е една вечер пред година дена во еден бар.
Либералот ја вознемирувал новинарката со сексуални алузии, меѓу другото и за обемот на градите. Бридерле упорно молчи за обвинувањата. Неговите партиски колеги стојат зад него.
„Многу долго го познавам Рајнер Бридерле. Сметам дека сето ова е многу надувано и поради тоа ние стоиме зад него, бидејќи, знаеме дека тој е шармантен и пред се’ способен“, вели генералниот секретар на Либералната партија Патрик Деринг.
Извештајот за Бридерле и младата новинарка го дадоа почетниот импулс. Во меѓувреме за тоа дискутира цела Германија. Во десетици илјади пораки на Твитер жените објаснуваат како функционира сексизмот во секојдневието:
– Наутро, голем град, на семафор и одеднаш туѓа рака на моите панталони. „Сладок задник“.
Или:
– Мора да трпам шеф кој ги смета за сосема смешни вицовите за силување!
Кристине Лидерс, раководител на германското владино Биро за антидискриминација смета дека акцијата на Ане Вицорек е прекрасна. Она што досега не му успеа на ниту еден закон или орган на власта, го постигна младата интернет-феминистка.
„Откако почна оваа Твитер акција многу работи се променија. Добиваме повеќе барања за информации, а општеството дискутира за оваа тема. Тоа е важно за жените кои сега треба да се охрабрат да се борат против сексуалното вознемирување“, вели Кристине Лодерс, раководителка на Бирото за антидискриминација.
Секоја втора жена во Германија, според антидискриминациското биро, барем еднаш доживеала сексизам на работното место – непристојна сексуална забелешка, непосакуван допир, вознемирувачка телесна близина. Сето тоа е со закон забрането. Но, многу жени молчат од срам и страв да не ја загубат работата. Станува збор за моќ и немоќ. Жените во Германија се свесни за проблемот.
Поради ангажманот против сексизмот, Ане Вицорек и нејзината акција станаа мета на таканаречените тролови – корисници на мрежата, кои ја навредуваат дека и’ недостасува само добар секс.
„Има мажи кои всушност вистински провоцираат со сексистички забелешки. Но, од друга страна, тие го прават проблемот уште повидлив. Во таа смисла трол порака, како што се вели во интернет сленгот, всушност е составен дел од целата оваа дебата“, вели Ане Вицорек.
Таа ќе го даде својот удел за оваа дебата за сексизмот во Германија сега вистински да започне.