Редовната миграција во Германија според таканареченото правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 лица годишно

Германија ќе го преполови бројот на имигранти кои како дел од таканаречените Правила за Западен Балкан заради вработување се селат во Германија од 2016 година, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.
„Редовната миграција во Германија според таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија во четвртокот во Берлин.
Правилото кое им овозможува на вработените од Западен Балкан да имигрираат заради работа беше воведено на почетокот на 2016 година откако земјите од тој регион беа прогласени за безбедни земји, што практично го оневозможи стекнувањето право на азил во Германија за граѓаните на тие земји. Ова правило имаше за цел да им овозможи на оние лица кои ќе најдат работа во Германија да имигрираат во Германија на редовна основа. За разлика од другите правила за трудови имигранти кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската унија, за имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не е потребна квалификација, туку само договор за работа со работодавач во Германија.
Пред помалку од една година, последната социјалдемократско-зелено-либерална влада ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно. На крајот на минатата година во Германија се регистрирани 79.500 лица по основ на имиграција како дел од Правилата за Западен Балкан. Најголем број доаѓа од Косово, а потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Граѓаните на шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила.
Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде во почетната фаза беше потребно повеќе од една година за да се закаже термин.