Со фалсификувани дипломи на работа во германски болници. Во Германија владее недостиг на персонал во болниците, на Балканот стотици илјади луѓе се подготвени да ја напуштат татковината за да си најдат работа. Ако е нужно и со лажни дипломи.
ЗОРАН АРБУТИНА
Побарувачката за работни места во медицинскиот сектор во Германија е многу голема, десетици илјади отворени работни места не може да бидат пополнети. „Постојано гледаме работодавци во старечки домови и болници кои се радуваат ако најдат кого било на располагање. Некои не ни внимаваат толку на потребните квалификации на кандидатите, важно е пред сѐ луѓето да знаат германски јазик. Може и автомеханичар да им се појави за да работи во болница”, вели Никола Петровиќ од агенцијата за посредување со персонал Висперо во Бон, во разговор со ДВ.
„Тоа прави притисок особено на Балканот, бидејќи тие земји се географски блиску до Германија”. Таму каде што има побарувачка, пазарот на работна сила реагира со понуда. Само од БиХ во последните десет години се иселени 250 илјади лица, многумина од нив во Германија.
ДИПЛОМА БЕЗ ШКОЛА Истражувачката новинарка Азра Омеровиќ од босанскиот портал Журнал.инфо откри (ова го пренесовме во Глобус) дека притоа квалитетот на обуката игра подредена улога. Таа самата направи експеримент. Сето се одвиваше релативно брзо. Ѝ беа потребни 1.200 евра и еден телефонски разговор за да стане болничарка.
„Ми треба диплома, добив од Германија понуда за работа”, вели Омеровиќ во снимен телефонски разговор со посредник. „Ми треба кон средината на јануари“
Само 17 дена подоцна таа доби диплома од техничка школа за двегодишна сертификација за болничарка, со добри оцени и сите можни печати, а не видела ниту еден час настава од областа.
Извештајот на Азра Омеровиќ и колегата Авдо Авдиќ го привлече вниманието на јавноста во Босна и Херцеговина и ширум Европа. Особено во Германија владее неспокој, бидејќи токму е тоа земјата каде луѓето од сиромашните балкански држави бараат нова работа. Според неодамна објавените статистики на Сојузната агенција за миграција и бегалци, само во 2016 и 2017 година во Германија се доселиле преку 50 илјади луѓе од Босна и Херцеговина.
АКУТЕН НЕДОСТИГ НА ПЕРСОНАЛ Многу Босанци кои живеат во Германија нашле работа во бранши во кои има голем недостиг на кадри, како на пример негуватели во старечки домови и болници. Заради недоволниот број персонал во многу установи, старите лица кои се сместени таму се недоволно згрижени. Во моментов 36 илјади места се непополнети, 15 илјади од нив во домови за сениори. Уште поголема е побарувачката за негуватели во рамки на домашна посета и во иднина ќе расте.
Бројот на луѓе на кои им е потребна таква услуга, според прогнозите, до 2020 година од актуелните 2,86 милиони ќе достигне 4,5 милиони. За таквите професии на германскиот пазар на трудот нема доволно персонал, па се бараат од странство, особено од источна и југоисточна Европа. „Во делот на негуватели недостиг има особено на универзитетските клиники”, вели Никола Петровиќ од агенцијата Висперо. Така, се прима речиси секој што се пријавува, па макар не знаел многу за професијата. „Дури и од официјалните служби се сугерира да се прима секој што би можел да дојде предвид.” Тогаш не е ни чудо што и навистина доаѓаат секакви луѓе.
ОРИГИНАЛЕН ФАЛСИФИКАТ Официјално се разбира тоа е сосем поинаку. Персоналот треба да биде добро обучен, нивните дипломи и сертификати мора да бидат признаени од Централата за образование во странство (ЗАБ), за да може да работат во Германија.
Проблемот е тоа што сепак лажните дипломи често се издаваат од вистински училишта чиишто сертификати се веќе признаени од германските власти.
„Ако ја видите дипломата која ја добивме нема да забележите дека е фалисификат” вели Авдовиќ за ДВ. „Со таа диплома се потврдува дека мојата колешка ги има положено сите испити и дека за две години ги завршила сите курсеви.” Дипломата воопшто не изгледа како фалсификат, објаснува Авдиќ.
За време на босанската криза меѓу 1992 и 1995 личните документи на многу луѓе беа уништени или изгубени, вклучително и дипломите за завршено средно или универзитетско образование.
Бизнисот со фалсификувани дипломи цутеше поради големата сиромаштија, бесперспектувноста и корупцијата. Веќе долго време е јавна тајна дека на многу луѓе им успеало да си купат сертификати за завршено образование. Извештајот го поттикна Парламентот во Босна и Херцеговина да направи проверка и на дипломите на вработените во законодавниот дом, објави неодамна германското радио „Дојчландфунк“. Но, тоа не е доволно, вели Авдиќ, бидејќи документите не се фалсификат, туку се вистински, – проблемот е што не соодветствуваат на фактичките способности на луѓето. Притоа не станува збор само за лажните сертификати за негуватели и медицински сестри. „Ако имавме повеќе време за истражување, и преку моите контакти ќе извадевме и диплома за правник, без ниту еден ден поминат на факултет и без полагање на ниту еден испит“, тврди Авдиќ.
Извештајот, според Авдиќ, исто така ги покажува и слабостите на правниот систем во земјата. Според новинарите од Журнал.инфо, тие имаат и докази дека повеќе луѓе од судскиот систем се вмешани во бизнисот со фалсификувани дипломи.
Откритието на порталот „Журнал“ во БиХ крена голема прашина не само во Босна и Херцеговина, туку и во Германија. Наводно ќе биде направена проверка на дипломите и на сите вработени во заедничкиот парламент на БиХ. Според Кенан Вехабовиќ, шеф на управата на Парламентот, само се чека зелено светло од Уредот за заштита на лични податоци. Со тоа нема многу да се постигне, смета новинарот Авдо Авдиќ, потенцирајќи дека мора да се откријат механизмите според кои е спроведена измамата и одговорните да бидат казнети.
Германското државно радио „Дојчландфунк“ објави репортажа од Сараево насловена како „Негуватели за 17 дена”. Во извештајот, покрај другото, се наведува дека проблемот со купувањето дипломи во БиХ е познат и дека државното обвинителство не презема речиси ништо. „Дојчландфунк“ исто така наведува дека според последниот извештај за миграција, во Германија во 2016 и 2017 година пристигнале повеќе од 50.000 државјани на БиХ. „Многу од нив се вработија во таканаречените сектори каде недостасува работна сила во Германија. Овие лица во Германија мора да поднесат барање за признавање на нивните дипломи. За признавање на истите се задолжени надлежни служби во германските покраини.” „Дојчландфунк“ пишува дека надлежните служби за признавање на дипломите во Германија се запознаени со босанскиот случај.
НИТУ ДЕН НА УЧИЛИШТЕ Германската тв-станица РТЛ ја анализираше оваа тема во својот централен дневник и покрај другото наведува дека во БиХ може да се купи диплома за околу 1.250 евра. РТЛ пренесува дека голем проблем за истражните органи е тоа што дипломите не се фалсификувани. „Тоа се вистински дипломи кои им се издаваат на луѓе што немаат завршено никаква обука“, наведува РТЛ и додава дека во тој случај негувателот всушност можеби се образувал за автомеханичар. РТЛ исто така додава дека голем број лица кои работат како негуватели во Германија, доаѓаат токму од БиХ.
Што прави германската влада за да се спречи пациентите да бидат препуштени на неквалификуван персонал?
Одговорот на ова прашање РТЛ го побара од министерот за здравство Јенс Шпан, кој рече дека секоја германска покраина е задолжена за проверка на дипломите. „Мора да се разјасни дека тие дипломи за лекари се еквивалентни на нашите“, изјави министерот Шпан во интервју за РТЛ. За Шпан е важно тоа да се реши „што е можно побрзо, бидејќи на Германија ѝ е потребна стручна работна сила и да не се проверува само документацијата, туку важен сегмент да биде и праксата“. Во германските болници и старечки домови во моментов има недостиг од околу 30.000 негуватели. Се проценува дека до 2030 година нега ќе им биде потребна на околу 3,1 милиони лица, додека тој број до 2050 година ќе порасне на 4 милиони.
ТРГОВИЈА СО ЛАЖНИ ДИПЛОМИ Со купувањето дипломи во Босна се занимава и весникот „Ди Цајт“, кој пишува дека земјата во 2017 година ја напуштиле повеќе од 35.000 луѓе и дека главно станува збор за млади кои се загрижени за својата иднина. Весникот наведува дека БиХ е четвртата земја во Европа по број на невработени и дека речиси секој петти во земјата е без работа. „Ди Цајт” додава и дека негувателките во Сараево по тригодишно школување во просек заработуваат до 500 евра месечно и тоа бруто. Во Германија, според синдикатот Верди, еден почетник во оваа бранша заработува 2.635 евра бруто. „За тоа мора да изврши преквалификација, а десетина приватни медицински школи во БиХ се специјализираа за такви курсеви”, пишува „Ди Цајт”.
Весникот наведува дека некои агенции кои посредуваат при вработувањето веќе се соочени со проблемот на купени дипломи. „Знаеме дека во БиХ можат да се купат дипломи. Тоа е јавна тајна“, вели Андреас Деперман од фирмата Профко од Бремен. „Ние ги проверуваме сите кандидати. Годишно имаме по два до три кандидати со лажни дипломи. Но, тој проблем можеме успешно да го решиме.” Обично во приложените документи кај ваквите кандидати веднаш паѓа в очи дека преквалификацијата е извршена за многу кратко време. „Во тој случај ја контактираме болницата во БиХ и проверуваме дали кандидатот навистина ја поминал обуката.”
Клиниката Дипхолц од Долна Саксонија е првата која презема мерки поради скандалот со купени дипломи од Босна и Херцеговина. Оваа клиника го прекина договорот со германската агенција за посредување и вработување од Бремен и најави проверка на сите дипломи кои ги поседуваат негувателите од БиХ. Во моментот не е познато колку негуватели од Босна работат со купени дипломи по германските болници и старечки домови.