Социјалдемократите, зелените и либералите во средата го претставија коалициониот договор на кој ќе се заснова новата влада. На 117 страници се поставени главните цели, од борбата против пандемијата и намалувањето на штетните гасови, до заштитата на волците и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. ЕУ ќе мора да ја подобри својата способност за прием на нови членови
Два месеци по сојузните парламентарни избори, Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и либералите ги усогласија своите ставови за приоритетите на идната влада и поделбата на министерството во коалициски договор од 117 страници.
Претседателот на СПД, Олаф Шолц, ќе биде канцелар и ќе го претстави својот кабинет за две недели. Претходно, партиските структури мора да го одобрат коалицискиот договор што го постигнаа нивните лидери.
Централните точки на коалицискиот договор се борбата против пандемијата, климатските промени, дигитализацијата и модернизацијата на општеството. Утврдени се многу детали, на пример дека сите донации над 7.500 евра мора да бидат јавни.
Социјалдемократите добиваат седум министерства, меѓу кои и МВР, одбрана, труд и економска соработка, градежништво и здравство.
Зелените ќе раководат со Министерството за економија и климатски промени и Министерството за надворешни работи, ќе ги добијат одделенијата за животна средина, потрошувачка, земјоделство, храна и семејство.
Како најмал коалициски партнер, либералите ќе назначат министри за четири министерства: финансии, правда, образование и наука.
Договорот, меѓу другото, предвидува германските граѓани да можат да гласаат за Европскиот парламент на 16 години. Целта на новата влада е Германците да можат да гласаат на изборите во Германија на 16 години, но за тоа мора да се смени Уставот.
За научно-истражувачка дејност од буџетот ќе се издвојат 3,5 отсто.
До 2030 година треба да бидат регистрирани најмалку 15 милиони нови електрични возила и да се изградат најмалку еден милион станици за полнење гориво во возилата.
Целта е целосно да се запре ископувањето јаглен до 2030 година, а на териториите каде што многу луѓе живеат на јаглен ќе им се обезбеди помош за префрлање во други индустрии. Целта за укинување на нуклеарната енергија е потврдена, а ќе се настојува да не се градат нови нуклеарни централи во близина на границите на Германија.
Пензиите не смеат да бидат помали од 48 отсто од просечниот личен доход, минималната плата е 12 евра на час.
Канабисот за бесплатна употреба ќе се продава во лиценцирани продавници, ќе важат истите услови како за тутунските производи и алкохолните пијалоци.
Годишно ќе се градат 400.000 станови, од кои 100.000 социјални станови со грантови од државата. Задолжително е поставување на соларни панели на сите државни и комерцијални нови згради. За приватна градба за оваа намена државата ќе одвои значителна помош.
Многу повеќе ќе се инвестира во изградба на пруги отколку во патишта. Железниците нема да се приватизираат.
Има многу прописи поврзани со земјоделството, меѓу нив толку необични што целта е да не се загрозува опстанокот на волците паралелно со развојот на сточарството.
Сите прехранбени производи треба да го наведат потеклото, но и условите под кои се транспортирани.
Веќе постоечкото право на истополови бракови е подетално регулирано, до такви детали што може да се каже дека во „брак на две жени“ со дете и двете имаат подеднакво право да бидат мајки.
Ќе биде дозволено двојно или повеќекратно државјанство. Децата родени во Германија, под услов еден од родителите легално да престојува пет години, автоматски добиваат германско државјанство. Државјанството се стекнува по пет години легален престој во Германија, во случај на особено добро интегрирани лица по три години. Многу семејства гастарбајтери живеат легално во Германија долго време без да добијат државјанство. За да се поттикнат да го побараат, ќе се поедностави задолжителното испитување на познавање на германскиот јазик.
По поглавјето посветено на климатската заштита, следат различни внатрешно политички теми. Дури во седмото поглавје се зборува за „ Одговорноста на Германија за Европа и светот.“ На 28 страни е опфатена оваа тема која е поделена во три подтеми – „Европа“, „Интеграција, миграција и бегалци“, како и „Надворешни работи, безбедност, одбрана, развој, човекови права.“
Идната влада најавува укинување на работните дозоли за стручна работна сила од балканските земји, како и отворање можности за вработување и неакадемски образовани луѓе од тие земји под услов да имаат конкретна понуда за работа.
Паѓа во очи што подрачјето на Западен Балкан се споменува во првиот дел од поглавјето, каде се зборува за европски партнери. Тука се вели: „Го поддржуваме процесот на приклучување кон ЕУ на шесте земји од Западен Балкан и за тоа потребните реформи за исполнување на Копенхашките критеруми. Во рамки на тоа и јакнењето на цивилното општество, и ги поддржуваме натамошните чекори на приближување. Како следен чекор мораат да бидат отворени првите поглавја за преговорите за пристап кон ЕУ на Албанија и Северна Македонија, донесена одлука за визна либерализација со Косово и продолжени преговорите со Црна Гора и Србија. Го поддржуваме дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија под водство на ЕУ и настојувањата за траен мир во БиХ врз основа на зачувување на територијалниот интегритет и надвладување на етничките поделби. Паралелно со пристапните преговори, ЕУ мора да ја подобри способноста за прием на нови членки.“
Спротивно на некои гласини од последниве недели, и во иднина ќе постои Министерство за економска соработка и развој (БМЗ). Со тоа ќе се нагласи улогата на Германија и нужноста од хуманитарен ангажман на земјата. Овој ресор ќе го преземат социјалдемократите, кај кои ќе припаднат и министерствата за одбрана и внатрешни работи. Министерството за надворешни работи го преземаат Зелените. ФДП не е директно вклучена во надворешната политика или на интернационално ниво.
Во коалицискиот договор се споменуваат и актуелни надворешно политички теми. Поддршката за демократското движење во Украина е потврдена. Без споменување на Русија во реченицата, експлицитно се бара „итно прекинување на обидите за дестабилизација на Украина, насилството во Источна Украина и нелегалната анексија на Крим.“
Во коалицискиот договор во голем дел се зборува и за Кина и се споменуваат конкуренцијата и системското ривалство. За во ова ривалство на системите да може „да се остварат нашите вредности и интереси“ потребна е опсежна стратегија за Кина во рамки на заедничката политика на ЕУ кон Кина, пишува во договорот.
Јакнење на меѓународната соработка
„Безбедноста на Израел за нас е од државно значење“ пишува во коалицискиот договор на идната германска влада, исто како што стоеше и кај досегашната. Се поттикнува соработка меѓу израелската и германската младина.
Во однос на Турција се укажува на „внатрешнополитичкиот развој кој предизвикува загриженост и надворешно политички тензии“, поради што идната германска влада нема да се залага за отворање на нови разговори за пристапување на Турција во Европската Унија.
Новата влада исто така сака зајакнување на Обединетите нации како важна институција за меѓународниот поредок – во договорот во повеќе наврати се нагласува важноста на мултилатерализмот и соработката меѓу државите. За тоа Германија ќе се залага и за време на претстојното претседателствување со групата Г7.
Коалицијата на СПД, Зелените и ФДП се залага за „заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика во Европа“. Европската унија би морала поспособно да делува на меѓународно ниво и да настапува посложно. Се споменува и посилна соработка на националните војски, заеднички командни структури и заедничка цивилно – воена команда.
Во документот се појавува и една одбранбено-политичка тема која е актуелна од крајот на август. Истражната комисија на Бундестагот би требало да се позанимава и со мисијата за евакуација од Авганистан, а една истражна комисија ќе ја разгледа целата 20- годишна мисија на германските војници во таа земја. Тоа би требало да помогне околу обликување на идните ангажмани на германската војска во странство.
(A.I./Spiegel/Tagesschau/NZZ)