ДАНИЕЛА КАСПЕР КЛЕРИЏ
Доминацијата на Унијата и СПД замина во историјата – избирачите дадоа јасен сигнал за промена. Тоа е шанса за неопходните промени, оценува главната уредничка на ДВ
Промената стигна, гласањето на германските избирачи е недвосмислено – доста е со минималните компромиси на „големата коалиција“. Треба да се засукаат ракавите за големите задачи – заштита на климата, дигитализација и неопходната модернизација на Германија. Оваа херкуловска задача може да се реши само заедно со помалите партии. Како Зелените, така и ФДП (либералите) ќе имаат важна улога при составувањето на која и да е замислива коалиција. Без нив нема да биде можно ништо. И, добро е што е така. Можеби може да се создаде дури и нов либерален центар.
Со значително зголемениот број гласови на свое конто Зелените јасно покажуваат дека стравот од последиците од промената на климата е во свеста на избирачите. Со ваков резултат Зелените самоуверено можат да влезат во сондирачки разговори за создавање владеачка коалиција. Тие се невестата околу која се вртат сите и оваа невеста може да стане скапа. Но, Германија е веројатно помалку подготвена на промени отколку што се надеваа Зелените и нивната шпиценкандидатка Аналена Бербок. А, уште помалку кога тие промени значат пари. Изборните резултати го покажуваат и ова, меѓу другото.
Создавање нова влада тешко ќе биде можно и без ФДП. Либералите се гледаат себеси како голем дерегулатор и може да спречат дел од желбите на Зелените. Слободните демократи (ФДП) веруваат во пазарот, се залагаат за дигитализација и намалување на бирократијата, сакаат заштита на климата без притоа да се зголемуваат даноците. Како ќе биде можно такво нешто, ќе мора да разјаснат сондирачките разговори за коалиција.
Она што е јасно на овие избори е поразот на ЦДУ/ЦСУ, дури и покрај тоа што загубата на гласови не е толку голема како што се предвидуваше од страна на најголемиот дел од институтите за истражување на јавното мислење. Драматичниот минус во споредба со претходните сојузни парламентарни избори не може да се разубавува. Шпиценкандидатот Армин Лашет не можеше да ги увери гласачите, иако владее релативно успешно како премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија. И баварската сестринска партија ЦСУ бележи пад. Ова е далеку најлошиот резултат на ЦСУ од 1949 година досега. По 16 години на власт, Унијата е зрела за опозиција.
Сепак, ЦДУ/ЦСУ ќе се обиде да направи сѐ за да состави влада – таканаречена Јамајка-коалиција, црно-зелено-жолта, значи Унијата заедно со Зелените и ФДП. Такво нешто е можно, иако Унијата е втора по јачина партија. Одлучувачки ќе биде – кому ќе му успее да состави мнозинска коалиција. Досега веќе трипати канцелар дала пратеничка група која не била најбројна во Бундестагот.
Тоа е предизвик за Олаф Шолц, кој ја направи СПД најсилна партија на овие избори. Резултатот е многу тесен, но тој успеа да надополни невиден минус. Социјалдемократите на почетокот на кампањата делумно се тетеравеа и имаа резултати од само 12%. Се чинеше дека партијата е на дно. Олаф Шолц успеа да направи пресврт. Но, за што тој лично се залага, што му е навистина важно? Остана нејасно. Тој делува како „Меркел 2.0“ – пресметлив, се држи до темата, без големи емоции. Тоа очигледно наиде на добар одзив кај избирачите.
Сега Олаф Шолц треба да покаже што се крие во него. Ако сака да биде нареден канцелар, мора брзо да влезе во сондирачки разговори со Зелените и Либералите. Негова цел е црвено-жолто-зелена коалиција (таканаречена семафор-коалиција). Тоа нема да биде лесно, зашто ќе мора да им прави отстапки на помалите партии. На пример, во делот на климатската политика, или во делот на даночната политика. Истото ќе се обидува да го постигне и ЦДУ, која му „седи на вратот“.
Резултатот е неизвесен, но Германците не сакаат продолжение на политиката на Ангела Меркел. Моќта и влијанието на големите партии ЦДУ и СПД е значително намалена во споредба со минатото.
Германската политика станува пошарена. Тоа е шанса за зафаќање со големите теми на иднината – дигитално и со наклонетост кон заштита на климата.