Стручната анализа што е објавена на 20 март годинава говори дека со растот на слободните економски зони во Северна Македонија и заживувањето на старите индустриски објекти, се појавуваат интересни можности за германските компании, сметаат странските анализи
Како последица од настанатата криза со корона вирусот, веќе може да се каже дека ќе има промени на пазарот на трудот во Германија, но и во Северна Македонија. Со зголемувањето на невработеноста во Германија, емиграцијата од Северна Македонија во Германија истовремено ќе се намали. За компаниите во Северна Македонија, ова значи дека достапноста на работната сила може да се зголеми индиректно, наведува во денешната утринска телеграма директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс.
Повикувајќи се на стручната анализа што ја објави Делегацијата во понеделникот, на 20 март годинава, Мартенс вели дека со растот на слободните економски зони во Северна Македонија и заживувањето на старите индустриски објекти, се појавуваат интересни можности за германските компании.
Во овој момент, оценува, особено е битно да се поддржат компаниите кои се важни за системот, како и компаниите кои се поставени на здрава основа.
На прашањето, пак, за последователните трошоци како резултат од користењето на мерките за поддршка на стопанството кое, според него, си го поставуваат сите компании, треба да се одговори што поскоро и транспарентно.
„Минатата недела Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК) ги претстави резултатите од World Business Outlook анкетата (пролет 2020), која се спроведе помеѓу германските комори во светот. Добиените резултати покажуваат дека германските компании во странство ги чувствуваат во целост последиците од пандемијата на корона вирусот. Сите релевантни истражувања кои се спроведени досега се разликуваат во однос на степенот на претстојниот пад во стопанството во нивните земји. Прогнозите се менуваат секојдневно и се одраз на фактот дека во моментов сè уште ситуацијата не е јасна“, пишува Мартенс.
Додава и дека за да се спречат последиците од економската криза споредливи со онаа од 1929 година, Владите во САД, Германија, но исто така и во Северна Македонија презедоа силни мерки за јакнење на компаниите и не ги повторија грешките направени со водење политика на штедење кои беа направени во 1929 година.
„Особено е важно да се поддржат компаниите кои се важни за системот, како и компаниите кои се поставени на здрава основа. Одржливото закрепнување на економијата нема потреба само од терапија што ќе делува веднаш, туку има потреба и од чувство за пропорција „Вклучување на државата што е можно помалку, вклучување на државата онолку колку што е потребно“. Откако компаниите ги поздравија мерките за поддршка на стопанството, треба да стремат кон што е можно поскоро враќање со полна снага на пазарот“, пишува Мартенс во утринската телеграма.
На ова сознание да додадеме дека во слободните економски зони во Македонија работат вкупно 26 компании во кои на крајот на мај 2018 година беа вработени вкупно 12.432, покажуваат податоците на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, а базирани се врз податоците од Агенцијата за вработување на Македонија. Договорите за државна помош покажуваат дека странските инвеститори добивале државна помош за секое отворено работно место којашто се движи од 1.000 евра до 7.000 евра во одделни компании, а кај една компанија таа достигнува дури 11 илјади евра по отворено работно место.
Според податоците објавени во истражувањето на Призма, овие 26 компании кои работат во слободните економски зони добиле вкупни субвенции од 121 милион евра, од кои 26 милиони евра биле кеш грантови за изградба на фабриките, помош за обуки за работниците или пак, субвенции за секое отворено работно место, додека пак, 95 милиони евра се даночни и царински ослободувања заклучно со крајот на 2016 година.
Тоа беше првпат досега да се добијат податоците за точниот број на компаниите во слободните економски зони по одделни компании, податок кој тешко можеше да се добие во претходниот период.
Ако се има во предвид дека компаниите кои работат во слободните економски зони имаат еден куп олеснувања и ослободувања, заради кои не учествуваат во полнењето на буџетот и фондовите, нивниот реален ефект се сведува на отворање на нови работни места и исплаќањето на нето плати на вработените. Другите ефекти, како приходи по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, царини, акцизи, придонеси за здравствено и социјално осигурување, отсуствуваат, бидејќи странските инвеститори се ослободени од плаќање на овие давачки.