Русија ги користи нерешените конфликти, слабите медиумиски структури, подложноста на корупција, како влезни точки, а, нагласи, сето тоа е насочено против безбедностата структура поставена по Втора светка војна и човековите права за кои се одлучливме по војната
Интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е стратегиска цел не само за нив туку и за целата Унија, што се гледа и сега во контекст на конфликтот меѓу Русија и Украина. Нему треба да му се даде јасна перспектива со цел да нема промена на јавното мислење во однос на ЕУ и да се остави простор за делување на трети страни. Но, во истовреме, и земјите кои се кандидати за членство и оние кои сакаат да бидат мора да се изјаснат која на која страна се, на страната на ЕУ или на Русија, пренесува МИА.
Ова се дел од пораките што ги упатија учесниците на дебата на тема „Западен Балкан и ЕУ во контекст на новите безбедносно-политички предизвици“ што ја организира германската Амбасада во Скопје, по повод посетата на Сабине Штер, директорка за европска политика и Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија.
Шуц истакна дека уште во 2003 година кога ЕУ одлучила за европската иднина на Западниот Балкан сфатила дека неговата интеграцијата е стратегиска цел не само за самиот регион туку и за ЕУ. Таа вели дека нападот на Русија врз Украина е настан без преседан, и нешто што со децении не било видено во Европа.
– Соочени со оваа трагедија сфаќаме, иако веќе доста време знаеме дека има влијание на трети страни во регионот, дека Русија е подготвена да ги употреби сите средства и да ги истурка своите цели. Украина е една работа, но знаеме дека и Западниот Балкан со својата цел да стане член на ЕУ, а некои се веќе и членки на НАТО, се уште се смета како закана или барем како влезена точка за дополнителна дестабилизација од страна на Русија, рече Шуц.
Според неа, Русија ги користи нерешените конфликти, слабите медиумиски структури, подложноста на корупција, како влезни точки, а, нагласи, сето тоа е насочено против безбедностата структура поставена по Втора светка војна и човековите права за кои се одлучливме по војната.
-Сега тоа се уништува моментално и треба да го браниме тоа и во овој регион. Ова е ѕвончето што треба да ја разбуди ЕУ за уште порешително да продолжи со евроинтеграцијата и проширувањето. Сега е време земјите од Западен Балкан да продолжат со резултати и реформи, но и да решат на која страна се дали се со ЕУ или се со Русија, односно против ЕУ. Ова е прашање што секоја земја и поединец треба самите да го одговорат. Сметаме дека сите земји кои се за членство во ЕУ треба јасно да бидат на страната на ЕУ бидејќи со оглед на војната што е во тек нема неутралност, истакна Шуц.
Сабине Штер, директорка за европска политика, во контекст на ова прашање со конфликтот на Русија и Украина вели дека слабите точки се одбраната и прашањето до каде е ЕУ подготвена да оди во поддршката за Украина.
Слаба точка е и воената реакција, енергетската зависност – многу земји вклучително и Германија се премногу зависни од руски фосилни горива и интензивно се работи на постепено повлекување од таа зависност, потоа се разбира ефектот врз нашата економија, но и врз светската и безбедноста во снабдување со храна станува важно прашање, рече Штер.
Според неа, нема краткорочно решение и брз крај на ужасите на војната во Украина.
Затоа треба да го задржиме единството, а тоа со време ќе станува потешко бидејќи ќе се јавуваат проблеми, треба да ја засилеме отпорноста и да ги зајакнеме мерките и реакциите и од земјите од Западен Балкан, кои ни се сојузници, пријатели и истомисленици, истакна Штер и додаде дека исто така земјите од регионот треба да бидат вклучени во мерките на ЕУ за поддршка за справување со последиците од оваа криза.
На дебатата говореше и Ненад Марковиќ, член на Советот за безбедност на претседателот на државата според кого можноста за влијание на трети земји во земјите од Западен Балкан може да е резултат на предолгиот процес и застој во интеграцијата.
-Во земјава по секое вето – грчкото, француското и бугариското, имаше промени во јавното мислење и тоа е повеќе или помалку нормално краткорочно. Не би сакал ова да стане тренд и фиксирано раположение кај општата популација, бидејќи веќе се зајакнува јавното мислење и тогаш почнува да се губи битката за срцата и умовите на луѓето. Дополнителен проблем е дека оваа поларизација отвора простор за маневар на трети страни во земјата, тоа го покажуваат долгорочните податоци за јавното мислење, рече Марковиќ.
Во врска со тоа што може да се направи во однос на јавниот дискурс со цел да се смири ситуацијата, тој нагласува дека земјава помина во манични и депресивни фази кога се работи за односот со ЕУ и како што рече, многу е лошо кога овие депресивни фази се јавуваат и траат долго.
-Треба малку да го рационализараме ЕУ дискурсот. Потребни ни се 20 години да разбереме дека овие промени на расположението не се добри за стабилноста на регионот и треба да сфатиме дека отворањето преговори е само прв чекор. На тоа така треба да се гледа и за тоа така да се говори, бидејќи има две можни сценарија дека сите процеси за ЕУ интеграција ќе бидат забрзани односно ќе има краток пат за членство во ЕУ или пак поверојатно дека процесот ќе биде целосно заглавен, истакна Марковиќ.
Во врска со одржливата отпорност кон, како што рече, злонамерни влијанија и дали може да се постигне, тој не е оптимист.
-Може да го управувате тој процес, да го менаџирате, може да имате најдобра стратегија, но сепак ќе сфатите дека е потребна секојдневна работа и нешто што бара и ангажман и сериозна опозиција на она што се јавува на социјалните медиуми, рече советникот за безбедност на претседателот.
Методи Хаџи Јанев, професор на воената академија во Скопје, смета дека случувањата со Русија и Украина се во контекст на нова геостратешка конкуренција, што, мисли, е нешто што се уште не се препознава. Тоа, рече, треба да се разбере и така да се постават работите и од ЕУ и од другите земји во светот. Смета дека ова што сега се случува е последица на, како што нагласи, либералната доминација последните дваесет и пет години.
-Таа има цена и ова е цената што ја плаќаме. Одбраната и безбедноста ја земавме здраво за готово и не ги сфативме сериозно заканите што Путин ги даде пред многу години дури и пред да ја направи инвазијата на Крим и неговата анексија, рече Хаџи Јанев.
Сппоред него, за справување со состојбите треба да се дефинира каков вид одбрана сакаме, дали може да се постигне одржлива отпорност и како може да се дефинира отпорноста.
-ЕУ треба да се промени, многу да ја жртвува комотноста на либерализмот кој е присутен, што значи дека не дека треба да се откажеме од демократјата, туку да разбереме малку повеќе кои се различните перспективи на безбедноста и што значи самата одбрана. Во мобилизирање и постигнување на таа отпорност процесот на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ треба да се гледа како двонасочна улица, а не како едноснасочна, рече Хаџи Јанев.
Според него, билатералните прашања кои што го опструираат тој процес резултираат само во скептичност во јавното мислење кон ЕУ и ги хранат авторитарните режими да дејствуваат.