Гаревски: Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија
Според податоците објавени во понделникот рано попладме двајца македонски државјани се повредени во земјотресот во Турција. Според информациите од МНР, се работи за ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција, каде во раните утрински часови во понеделникот се случија земјотреси со гигантска моќност
Министерството за надворешни работи преку својата амбасада во Анкара и преку Генералниот конзулат во Истанбул обезбеди информации и стапи во контакт со деветтемина наши државјани што се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот двајца од учениците добиле телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница, на која во моментот работат медицински лица и е во фаза на санирање, а вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност.
Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не можат да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
– Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес – вели Гаревски.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување, имајќи во предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
– Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес кој го имало се случил во 1939 година во градот Езерџан со магнитуда 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1.200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед близу Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше страотна како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби – додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја в предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
– Засега бројот на жртви, официјално е 1,500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но имајќи ја во предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но дај Боже да грешам – посочува професорот.
На денот на спасување на преживеаните се појави снимка направена три дена претходно. Имено, на Твитер беше објавен статус во кој Френк Хугербитс, научник од Институтот за геометрија на сончевиот систем (SSGEOS), предупреди дека порано или подоцна ќе се случи земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтер во областа на јужна Турција Откако земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа утринава, и бидејќи SSGEOS е истражувачки институт кој ја следи геометријата помеѓу небесните тела поврзана со сеизмичката активност, многумина почнаа да ја споделуваат објавата на Хугербитс како доказ дека земјотресите може да се предвидат. Тој утрово го предвиде и вториот земјотрес кој се случи околу пладне, а најави дека извесен период ќе следат потреси со јачина од 4-5 степени, но и дека е можен и посилен потрес.
„Ова е најсилниот последователен потрес досега. Во регионот уште извесен период ќе продолжат потресите со претежно магнитуда од 4-5 степени, но можен е и посилен потрес“, објави тој на Твитер.
Некои луѓе веруваат дека тие можат да бидат предвидени од одредени животни како жаби и птици. Некои мислат дека може да се предвиди врз основа на емисиите на гасот радон. Некои студии го потврдуваат тоа, меѓутоа, практичната примена на овие наоди е речиси невозможна бидејќи овие емисии се мали и тешко е да се знае каде треба да се измерат. Покрај тоа, многу земјотреси се случуваат без емисии на радон поради различниот состав на почвата.
Некои веруваат дека тресењето на земјата пред голем земјотрес може да биде знак за она што следува. Има и луѓе кои веруваат дека полната месечина предизвикува земјотреси, но тоа не е научно потврдено. Катастрофални земјотреси се случуваат во сите фази на Месечината.
За жал, научниците сè уште немаат никакви методи или уреди за да го предвидат точното време и јачината на земјотресот. Случајноста како оваа со твитот на Хугербитс во такви околности може да биде само плодна почва за теории на заговор, според кои научниците кријат нешто од луѓето.
Многумина сè уште се сеќаваат на судењето во кое шест италијански научници беа обвинети за убиство од небрежност поради советите што ги дале непосредно пред катастрофалниот земјотрес во Аквила, во кој на 6 април 2009 година загинаа 309 луѓе. Меѓу нив имало тројца сеизмолози, еден вулканолог и двајца сеизмолошки инженери.
Судот ги осуди научниците на шест години затвор бидејќи не предупредиле на можна опасност врз основа на потресите кои му претходеле на големиот земјотрес. Голем број научници од целиот свет тогаш протестираа против пресудата за вина, посочувајќи дека до денес не е откриен метод кој точно може да предвиди земјотреси. Апелациониот суд во 2014 година, а потоа и Врховниот суд во 2015 година, ги отфрли пресудите против научниците кои во текот на судењето тврдеа дека потресите се нормална сеизмичка активност и дека врз основа на нив не може да се предвиди голем земјотрес.