ВОЈО МАНЕВСКИ
МОН ја објави својата намера за реформа на гимназиите. Таму се наведени целите кои се сакаат да се постигнат со реформата и повикуваат на дебата од страна на експертите, наставниците и родителите. Ова е добро како намера, ама да не се заглави во општиот конзерватизам
Еден од столбовите на образовниот систем во последните осумдесет години се гимназиите. По реформите во почетокот на шеесеттите години и воведувањето на основното осумгодишно образование тие беа основа на високото образование. Во нив се образуваа пред сѐ кадри за понатамошно образование. Во осумдесеттите се воведе насоченото образование, но тоа после само шест години се врати на познатата шема. Во независна Македонија се надополнуваа програмите, но суштинска реформа немаше. Отворањето на голем број универзитети место да ја зајакнеше нивната улога доведе до пад на квалитетот на знаењето и покрај податокот дека скоро сите ученици се запишуваа на некои од универзитетите. Матурата како последна проверка на подготвеноста на учениците за факултет неколку пати се ставаше на испит. Екстерното оценување засега не ги даде очекуваните резултати.
МОН ја објави својата намера за реформа на гимназиите. Таму се наведени целите кои се сакаат да се постигнат со реформата и повикуваат на дебата од страна на експертите, наставниците и родителите. Ова е добро како намера, ама да не се заглави во општиот конзерватизам и неподготвеност на општеството за било која промена. Има за тоа низа на причини, но и можни социјални последици. Наставниот кадар ќе мора да биде на испит, бидејќи општата партизација ги намали основите од кои се регрутираше наставниот кадар. Општо познато е дека со партиска книшка се стануваше наставник. Колку тие кадри сега ќе можат да ја прифатат и спроведат реформата останува да се види. Секако не треба да останат на улица и издржана социјална програма, треба да се осмисли како дел од реформите. За наплата доаѓа и општествениот статус и платата на наставниците. Вистина е дека тие не се меѓу посакуваните занимања на најдобрите студенти. За споредба ќе ги посочам платите на наставниците во осумдесеттите и до половина на деведесеттите кога еден електроинженер и наставник во гимназија со полн фонд на часови имаа скоро иста плата. Денес тоа не е така, а да не зборуваме за угледот и статусот кој го уживаа наставниците во целото средно образование, а посебно во гимназиите. За жал, тој денес е далеку од потребното ниво.
Да не бидам здодевен кога во секој текст повикувам на реформи. Но тие не се само потребни, туку и нужни. Сметам дека само реформата во гимназииите тешко ќе се спроведе, ако не биде дел од цел систем на реформи во образованието. Вака се плашам дека ќе биде промена само во средината на образовниот столб. А кога се чепка во средина има шанси столбот да биде климав, па и да се сруши. Мора да се започне со реформи во основата на стобот или барем тие реформи што се предлагаат да бидат суштински.
Повикот на МОН треба да поттикне дебата за новиот концепт, но и сеопшта дебата за состојбата во образованието. Не може секое место во системот на образование да биде достапно за секој ученик, ниту наставник да биде некој што се провлекувал низ студиите и поради долгото чекање или некаква партиска или друга врска дојде до положбата да биде наставник. На образованието се пресликува состојбата на моралот на една нација и нејзината одговорност за иднината и на државата и на општеството во целост. Како вечната спротивставеност на интересите на поединецот и заедницата. Мора да се намали врзаното мислење дека е најважно „мој Стојанче да си дојде, па за дугите како им е судбината“.
За да биде успешна дебатата мора да се анимира јавноста за целите на дебатата и тие да бидат јасни без непотребна фразеологија. Затоа сметам дека и покрај многу други актуелни теми, задача на новинарите е да се поттикне што поширока и постручна дебата за најавената измена на концептот на гимназиското образование.
Како прилог кон дебатата ви го приложувам мислењето на еден мој пријател кој сака да се вклучи во дебатата, а засега го истакнува својот став за потребните концепти.
Можеме да правиме реформи колку што сакаме и какви што сакаме, ама ништо нема да постигнеме, ако немаме сериозен пристап кон реалноста. Прво, тешко дека сегашниот кадар е подготвен да ги впие и примени знаењата за новите технолгии, сѐ додека се обидуваме компјутерите да ги користиме како помошна алатка и калкулатори или потсетници вистинските реформи потребни на современите трендови ќе се површински и козметички. Вистинскиот чекор би се направил кога во образовниот процес компјутерите и нивните моќности за комуникација, видео, аудио и виртуелната презентација, а сега и вештачката интелегенција би го завзеле централното место и образовниот процес би се засновал и доградувал на нив. Дали е тешко тоа да се направи? Многу е тешко. Дали мора тоа да се направи? Мора и немаме повеќе време за салонски дебати. Според народната „тоа што се мора не е тешко“! Секое одложување и правење на половична реформа е само губење на време, а тоа истекува. На опашката остануваат оние што не го научиле орото, мислењето е на доктор по информатички науки.
Нема да е добро општата партиска спротивставеност да ја загадат дебатата и сѐ да се сведе на партиска преписка за способноста или неспособноста на министерот или Бирото за развој на образованието. Потребна е конкуренција на концепти, а не дневно препукување за личности.
Инаку сѐ ќе сведеме како во вицот кога балканец отишол да игра покер со англиските благородници. Бидејќи сѐ е на доверба и на чесен збор во тој свет балканецот има лукавство „кога ми тргна една карта“. Кога Европа ни советуваше дека треба да правиме реформи во образованието и да имаме поголем број на образовани и стручни кадри како наш капитал во конкурентната пазарна економија, ние кога му удривме во отворање на универзитети и издавања на дипломи од сите рангови ееее, сите ќе станеме магистри и доктори. Таа наша балканска лукавост ја плаќаме со иселување на најдобрите кадри и сеопшт пад на квалитетот. Ете ни шанса да се зафатиме со суштината и да покажеме одговорност за денешнината за да имаме иднина. Да не се доведеме до состојба кога ќе ни се нужни реформи по принципот на чистење на Аугиевите штали.
(civilmedia.mk)