Во петочното гостување во Дневникот на Сител, директорот на пулмологија, д-р. Дејан Докиќ објави зошто кај нас имаме толку голема смртност поради тешки компликации со Ковид-19 и зошто претходните денови беа најлоши од почетокот на пандемијата, ако ги земеме во предвид починатите лица.
Најголем број, 80 проценти од лицата кои доаѓаат во тријажните Ковид центри, се со лесна клиничка слика и не им треба хоспитализација затоа што немаат потреба од кислород. Доколку кај некој се утврди потреба од хоспитализација од сиптомите се одредува каде има слободно место адекватно за неговата состојба. Ниту еден пациент не е вратен, вели проф.др. Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и координатор на ковид центрите на Клиничкиот центар. Според него, вирулентноста на британскиот сој на коронавирусот, кој доминира во земјава заедно со индивидуалната способност на имуниот систем, потоа факторот на возраста и коморбидитетните состојби, се причина за високата смртност.
„Смртноста кај нас во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти. Во европски рамки е од 22 до 30, значи ние се наоѓаме некаде на средина од оние бројки коишто се во другите европски земји. Од тие што починале повеќе биле мажи. Старосната група на оние што починале, најголем број се меѓу 70 и 80 години, па потоа меѓу 60 и 70, значи не е изненадувачки.
Во однос на коморбидни состојби кај тие што починале во најголем процент била застапена хипертензијата или покачениот крвен притисок, па потоа следат кардиоваскуларните заболувања, па дијабетесот, обезноста, респираторните болести, бубрежни болести, итн. Тоа се оние статистики коишто ние ги имаме и варијаблата која што е предиктор на смртта е сатурацијата на крвта со кислород на прием. Колку е пониска толку е поголема шансата да умре пациентот. Сите овие состојби заедно со вирулентноста на вирусот придонесуваат да имаме една ваква смртност“, рече Докиќ во гостувањето на Тема на денот на Сител Телевизија.
Тој воедно, подвлекува дека карактеристично за овој мутиран вид на вирусот е што ги напаѓа помладите, а компликаците и влошувања се јавуваат подоцна. Причина за смртноста кај нив се можни проблеми, дефекти на имунолошкиот систем кој не може да се избори со вирусот. „Оние што пред две недели биле релативно добри, после две недели настанува влошување со можна смрт. Овие бројки сега се одраз на она што се случувало пред две недели. Сега со намалување на бројката, мерките дополнително тоа ќе го подобрат, тие бројки верувам дека за две недели ќе опаднат“, наведе Докиќ. Подвлекува дека има доволно број на кревети, но исто така и медицински персонал којшто е спремен да биде ангажиран ако има потреба. Очекува епидемијата да опаѓа но, дополнителен капацитет, има на Институтот за рехабилитација Козле, којшто веќе има на призмеје 38 кревети, околу 36 се веќе зафатени со пациенти, но има уште два ката кои што се комплетно гасифицирани на централен довод на кислород, со по 38 кревети.
Во однос на вакцинацијата Докиќ посочува дека се уште мал број на луѓе се вакцинирани во државава и сигурно уште долг низ на месеци ќе нема да го имаме посакуваниот колективен имунитет, но смета дека вакцинирањето е еден од најважните начини да се спречи епидемијата не само кај нас, туку во светски рамки, така што треба да се почитуваат сите препораки за вкацинаирање. Освен кај „АстраЗенека“ за која Европската агенција за лекови (ЕМА) и Комитетот за заштита за сигурност на вакцините укажа дека постои редок несакан ефект од вакцинацијата на зголемено згрутчување на крвта, кај вакцините што сега ги имаме и што се најавени дека ќе дојдат, вели, не постои некоја контраиндикација за вакцинирање. Единствено вели, се можни алергиски реакции кај многу мал број на пациенти коишто се алергични на составните делови на вакцините. „На пример полиетилен гликол или некои други конзерванси коишто ја стабилизираат практично вакцината. Оние коишто се алергични на пеницилин или аналгин или апсирин или на некаква храна, или на некакви други лекови или на полени можат да се вакцинираат, па макар имале и потешка клиничка слика тогаш кога биле алергични на соодветниот алерген. Не постои значи контраиндикација но една претпазливост би требало да постои во смисол на тоа дека тие треба да останат малку подолго време до 30 минути на местото на вакцинацијата, а таму се спремни пунктовите со антишок терапија, бидејќи тоа е пропис и регулатива. Така што, не верувам и не сум чул дека во Македонија од кога почна вакцинацијата дека има некаква алергиска реакција при вакцинирањето со која било од вакциниве“, вели Докиќ.
За информациите во некои медиуми дека, наводно долгото носење маска може да предизвика пневмонија кај пациентите, Докиќ вели дека е апсолутна заблуда мислењето дека носењето маски може да биде штетно по здравјето. „Пневмонијата настанува ако се секретираат и инхалираат бактерии било од долните дишни патишта или од горните, но не игра улога дали носите маска или не. Правени се испитувања во кои може да најдете некои бактерии од носот на маската, но тие во никој случај не можат да направат ниту воспаление на горни, ниту на долни дишни патишта во смисол на пневмонија. Националниот центар за превенција и лечење во Америка укажува дека доколку правилно се употребуваат маските, асолутно не претставуваат некој недостаток кај тие пациенти ниту може да предизвика некоја болест, но се разбира, да се носат онолку долго колку што се препорачани и правилно да се употребуваат“, вели пулмологот, подвлекувајќи дека покрај маската важни се и дистанцата и хигиената на рацете
Сите знаеме дека доминира мутираниот британски вид, кој е повеќе агресивен и тоа е фактор што се должи на самиот вирус. Тој на пример, кај пациентите што се заразени во поголема количества, коментира д-р Докиќ се наоѓа во секретот на оние кога киваат во околината, а од друга страна потребна е помало количество да дојде кај здрав човек, за да го зарази. Значи тоа се особините, а некои од луѓето имаат поголема способност да го излажат имунолошкиот систем. Исто така фактор е и одбранбениот систем, кој е како една армија што се бори против надворешните непријатели кај секој организам. Како што некаде имате силни армии во земјите, во други држави имате слаби армии и исто е и со организмите. Возраста е исто така отежнувачки фактор, како и коморбидитетите. Овде сакам да потенцирам дека смртноста во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти и тука зборуваме за хоспитални установи. Во европски рамки тоа значи од 22 до 30%, што значи дека сме некаде во средина во однос на другите земји. Сепак главен фактор е имуниот систем кај лицата кои се заразуваат“, изјави Докиќ.