Денес не зборуваме само за правда, зборуваме за совест, порачаа денеска во Кочани родителите и блиските на трагично загинатите во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“

Послeдната сабота пред вториот изборен молк за локалните избори донесе нов собир на родителите и најблиските од жртвите на пожарот во Кочани имаше поинаков тек и насока на говорниците. Од овој собир – како дел од „Маршот на ангелите“ беше упатена порака до сите оние „што ја продадоа душата за фотеља, за пари, за лажна моќ, трчајќи по власт, функција, богатство и ја изгубија човечноста по пат“
Денес не зборуваме само за правда, зборуваме за совест, порачаа говорниците на 28. „Марш на ангелит“е. Од собирот тие упатија повеќе пораки, барајќи вистината да излезе на виделина, а од институциите да имаат совест, а не интерес.
„Само вистината може да им донесе мир на нашите ангели“, порачаа присутните на протестниот марш, кои се движеа кај Трговскиот центар, просториите на УЈП и Полициската станица, продолжувајќи кон зградата на Основниот суд и Обвинителство во Кочани, каде што на влезната врата од оградата беа оставени фотографии од починатите во пожарот од 16. март. Протестниот марш на родителите и нивните подржувачи заврши во „Паркот на Револуцијата“. Јасно беше дека тие се револтирани што и оние кои требаше да бидат дел од нивните собири заминаа на предизборните состаноци и тоа не како публика, туку како активни учесници во таборот на оние кои јавноста ги смета за виновници за завиваањето на градот воцрно.
„Застанете сега, кога катастрофалната штета веќе е направена. Барем со грам жал и сочувство за нашите ангели одговорно признајте ја вината“, беше дел од пораките прочитани на собирот.
„Не кријте се зад прес-конференции, трибини, митинзи и лажни насмевки. Наведнте ја главата и кажете ‘Да, згрешивме’. Бараме правда, не за утеха, туку за вистината. Бараме тишина во која совеста ќе проговори, судница што ќе биде храм, а не циркус, судија што ќе мери со срце и закон, а не со нарачка. Бараме држава што нема да ја штити вината, туку вистината и бараме инситуции што ќе имаат совест, а не интерес“, порачаа учесниците на собирот во обраќањето кое што на кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, го прочита мајка на починато момче во пожарот во кочанската дискотека.
Почетокот на судскиот процес за пожарот во „Пулс“ што однесе 63 млади животи и во кој беа повредени повеќе од 200 лица. е закажан за 19 ноември годинава.




