НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Христијан Мицкоски, барем од прес-конференцијата која ја слушнав, кандидатката за претседател(ка) ќе му биде фин декор, а нејзината улога ќе биде исклучиво за „помалку“ да ги плаши оние умерени гласачи и „центристи“ кои не се толку застранети кон десно
Помина првиот круг од претседателските избори, резултатите како што „политичката јавност“ е информирана во земјата, си ги виде и поброи. Госпоѓата Силјановска ги собра најголемите „вмроовски“ гласови, а нејзините претпоставени рекоа дека тоа биле „гласови на граѓаните“. Јок, море! Тоа се гласови спремни за нова власт, поточно тоа се гласови кои ќе ја „конституираат“ новата власт во земјата на граѓаните и граѓанките.
Христијан Мицкоски, барем од прес-конференцијата која ја слушнав, кандидатката за претседател(ка) ќе му биде фин декор, а нејзината улога ќе биде исклучиво за „помалку“ да ги плаши оние умерени гласачи и „центристи“ кои не се толку застранети кон десно. А земјата Македонија, после синоќешните избори, за жал, тргна десно-подесно. Тоа, драги мои, навистина е лоша околност. Пред сè за самите десни гласачи од тој „традиционалистички“ и „суверенистички“ базен. Сè што лаеше против „сдсмовците“ ќе се врати во својот традиционален синџир.
Беше за очекување, бидејќи последиците на таквото застранување в десно се покажаа уште далеку-далеку пред да се случат изборите. Предупредуваа луѓе, зборуваа и пишуваа за тоа, ама, ете, силите кои сакаа земјата да ја вратат на „фабричко подесување“, а тоа е национализам, укинување на институциите во корист на партијата, повеќе или помалку успеаја.
Стево Пендаровски, тој мил и фин човек, доби „само“ 180 илјади гласови, за разлика од Гордана Силјановска, која доби двојно повеќе. Останатите отцепени „сдсмовски“ и претпоставувам „демократски“ гласови, ги добива Максим Димитриевски наречен „максимилијан“ (Боже, каков претенциозен прекар!). Во албанскиот блок, пристојниот кадар на ДУИ, Бујар Османи, добива 120 илјади гласови, а гостиварчанецот Арбен Таравари добива 83 илјади гласови, барем толку покажува сајтот на Државната Изборна комисија.
И барем до овој момент, признавам, во десниот табор синоќа звучеше и изгледаше многу поживо за разлика од левиот. Врие од опскурни „ориѓинали“ чисто колку да ја потсетат јавноста дека и тие постојат, за разлика од Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска кои, ете, го видовме и тоа – „важно им беше да се учествува“.
Во центарот или малку полево од него, нема толкава гужва покрај голот, сè уште остануваат релевантните играчи СДСМ и Стево Пендаровски (сепак, излезноста за првиот круг и 180 илјади гласови се репрезентативна бројка!). Е, сега, кој со кого во овие две недели ќе коалицира, како ќе се прегрупраат изборите во вториот круг, останува енигма. Останува енигма затоа што во првиот круг, гласачите најчесто гласаат за своите изворни политички преференци – меѓутоа, гужвата ќе се јавува и пред лево-центристичкиот дел на Македонија. А за таквата гужва, секако, во овие две недели има доволно време.
Партијата на Максим Димитриевски „ЗНАМ“, вели дека „расте во трета политичка сила“, што во превод може да се протумачи и како закана кон сите оние кои не се „вмро“, поточно, суптилно и се заканува на онаа јавност која е блиска „во“ и „околу“ социјалдемократите на Ковачевски. Мицкоски, за волја на вистината, на Максим-а му понуди коалиција уште вчера. Надрндан е, сака власт, гребе и гризе. Што ќе испадне од тој башибозук зачинет од ситно-малограѓански ќар, останува да видиме. Оти, да не се лажеме, сите ги сакаат државните пари. А оние десните, поготово.
Што се однесува до Социјалдемократите, тие во овие несреќни седум години: корона, еконoмска и енергетска криза, Уставни измени, и купишта од добри работи кои ги направија, ете, очигледно не направија доволно. Или можеби обратно – направија сè добро, ама „мнозинскиот народ“ повеќе љуби десни, конзервирани партии кои ќе има кажат „кој е тука вистинскиот газда“? Во секој случај, социјалдемократијата е најдобрата македонска политичка „традиција“ што ја има оваа земја. Цифрата која ја доби Стево Пендаровски не е мала, напротив, тоа е втора по сила политичка партија во земјата. Многу луѓе и предвидуваа крај, дебакл и потполна анонимност. Ама факт е дека никој не решава така горливи прашања како што ги решаваше СДСМ изминативе седум години, барем откако е власт во оваа земја.
Кога сè ќе се собере и одземе, може да се (пред)види дека резултатите од вториот круг ќе бидат сосема различни од резултатите во првиот круг. Во таа смисла, претседателските избори се сериозна шанса или пак „смртно sвоно“. Јасно е кој тоа sвонче го движи и мрда, ама понекогаш и родениот циник може да се шокира кога гледа кој сè му се радува, мислејќи дека од тоа ќе извлече, повторувам – беден ситно-малограѓански ќар.
Што се однесува до мене, мислев и сè уште мислам, најдобрата политичка партија која може земјата да ја врати во „нормала“ и на Европскиот пат, тоа е партијата на социјалдемократите. Па, што би се рекло, имате избор, народе! А после бирање, знаеме сите, немам лелекање.
(frontline.mk)