„Стоп за извршителите“ повика на протестен марш на 1 Мај
„На 1 Мај ги повикуваме тие што се сега блокирани и тие што биле блокирани и заради тоа биле многу онеправдани, ги повикуваме сите вработени кои одвојуваат една третина од платата, тешко спечалена и мала, ги повикуваме сите пензионери, кои исто така одвојуваат по една третина од малите пензии за извршителите, за виртуелни долгови кои им се додадени на нивните сметки, ги повикуваме тие што плаќаат заостанати долгови од пред 20 години, спротивно на сите закони, сите кои се дискриминирани и осиромашени, кои едвај врзуваат крај со крај, да дојдат на Протестен марш на 1 Мај, во 11 часот, на просторот меѓу Основен суд 1 и Македонска телевизија. Ќе поминеме покрај Собрание, покрај Министерство за правда и ќе завршиме пред Владата на РМ“, рече денес Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.
Неколкуте здруженија кои стојат зад иницијативата не се задоволни од предлог-законот за извршување. Тие бараат итно одблокирање на сите блокирани сметки на граѓаните и ревизија на работењето на судовите, банките, извршителите и нотарите.
„ Ни се случува социјален геноцид. Бараме извршителите и нотарите да се вратат во рамките на судот, а не да се богата врз грбот на нејакиот народ“, кажа Глигорова.
На сметките на десетте извршители со најголеми приходи, минатата година се слеале речиси 4 милиони евра. Нивната добивка изнесувала дури 1 ,1 милон евра, објави денеска ТВ 24. Според информациите на оваа телевизија, на врвотсо најголема добивка е поранешниот прв човек на комората на извршители Гордан Станковиќ. Тој во 2016 имал приходи од 600.000 евра, додека пак неговата добивка изнесува 267 илјади евра.
Зоран Петрески. Минатата година на неговата сметка се слеале половина милион евра. Петрески имал добивка од 227 илјади евра.
Извршителката Снежана Андреевска од Скопје лани имала приходи од 415.000 евра, додека пак добивка од 47.000 евра.
Гордана Џутеска, извршител од Струга, минатата година имала приходи од 380.000 евра, и добивка од 184.000 евра.
Извршителот Андреја Буневски од Скопје минатата година имал приходи од 377.700, но пријавил расходи од 377.500 евра, со што неговата добивка за лани изнесува околу 200 еврa.
Фанија Каламатиева остварила приходи од 352.700 евра, а минатогодишната добивка и изнесувала 32.000 евра.
Извршителката Даница Страчкова лани имала приходи од 344.400 евра, додека нејзината добивка изнесува 82.000 евра.
Весна Јакимовска, извршител од Гостивар, остварила приходи од 298.000 и добивка од 62.000 евра.
Магдалена Симовска Давидовиќ имала приходи 260.700, додека добивката за минатата година и изнесувала 115.000 евра.
Извршителот од Кавадарци Љупчо Јованов за минатата година остварил приходи од 252.000 и добивка од 88.000 евра.
Неколку граѓански и синдикални здруженија најавуваат наскоро протести против извршителите посочувајќи дека тие предизвикале финансиски „геноцид“ на близу 200 илјади граѓани во земјава, додека државата, како што се наведува, е соучесник во осиромашувањето и ограбувањето на граѓаните на кои им се блокираат сметките.
Здруженијата „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија се обратиле со иницијативи до повеќе надлежни институции посочувајќи дека со блокирањето на трансакциските сметки не се почитува законската регулатива. Посочувајќи на Законот за платен промет, овие здруженија како аргумент го наведуваат тоа дека единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа е Управата за јавни приходи.
Никој друг, според посоченото, нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата. Извршителите се лица со јавни овластувања, дадени со закон, тие можат да вршат присилно извршување, но не и присилна наплата. Извршителите поднесуваат налог или барање за извршување до носителот на платниот промет, но не поднесуваат решение за присилна наплата. Во Законот за платниот промет, како што е наведено, јасно стои дека се бара донесување решение за присилна наплата, а не налог за извршување што извршителите го доставуваат до носителите на платниот промет, по кој тие незаконски постапуваат блокирајќи ги трансакциските сметки на граѓаните.
Левичарските здруженија исто така посочуваат дека државата со продажба на една даночна обврзница може да обезбеди бескаматно кредитирање на долговите на граѓаните чии сметки се блокирани, кога веќе може да зема кредит за деблокирање на сметките на задолжените општини.
Здруженијата „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија се обратиле, меѓу другото, до собраниската Законодавно-правна комисија со барање за автентично толкување на членот 21 став еден од Законот за платен промет. Од Собранието се бара да даде толкување дека терминот присилна наплата не е исто што и присилно извршување. Според посочениот член 21, носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата во согласност со закон. Решенија за присилна наплата, како што е наведено, донесува: УЈП, според Законот за даночна постапка и општинските даночни администрации, односно градоначалниците на општините и градоначалникот на град Скопје, според Законот за даноците на имот. Никој друг нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата.Иницијаторите на автентичното толкување посочуваат дека за оваа точка да се најде на дневен ред во Собранието им е потребна асистенција од барем еден пратеник, кој би се јавил како предлагач. За тоа очекуваат да обезбедат поддршка во текот на денешниот ден.
Со посочување дека извршителите не смеат да вршат присилна наплата, здруженијата се обратиле и до Министерството за финансии, Народната банка на Македонија, Националниот совет за платни системи и до Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија. Во Уставниот суд, пак, е покрената иницијатива за оценување на уставноста на членот 46 од Законот за извршување. Притоа се спорат ставовите кои, како што е оценето, им овозможуваат на извршителите за една иста работа да наплатат двојно, еднаш како надоместок за администрирање, а вторпат како награда за спроведени дејствија. Со втората иницијатива до Уставниот суд, пак, се бара оценување на уставноста на членот 32 од Законот за извршување, според која бројката на извршители на подрачјето на основниот суд ја определува министерот врз основа на согласност од Владата и мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора и од Комората на извршители. Според подносителите на иницијативата, оваа одредба е спротивна на членот 55 од Уставот, каде што е наведено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, така што државата обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување.
Податоците на Народна банка покажуваат дека на крајот на декември 2017 1.635.544 физички лица поседувале трансакциска сметка. Од нив, 80.462 лица имале блокирани сметки.
На крајот на 2016 година биле блокирани 82.263 депоненти.
Владата во предизборната кампања најави дека ќе се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат на извршителите. Граѓаните се жалат на високи трошоци за казни и за извршители, многу често за незначителни долгови, главно кон банките или за комунални давачки.