ДЕНКО МАЛЕСКИ
Во пет-шест глупави реченици базирани врз „рекла-казала“, поранешниот претседател го обесмисли целиот мој ангажман во македонската политика од 1991 до 1993 година. Кој е тој порив кај луѓето да срушат се, камен на камен да не остане од било каква чесност во поведението во македонската политика?
Ги слушам зборовите на поранешниот претседател Ѓеорѓи Иванов за „името“ и не можам да си верувам на ушите:„Но, ние самите очигледно не сме знаеле да си го чуваме, негуваме и оставиме за идни поколенија. И сме влегле во игри кои што ги разоткри Андов, Стојан Андов кога соопшти дека специјалниот пратеник на претседателот Глигоров договара со Алојз Мок, министерот за надворешни, за сума од еден милион долари за промена на името, за да дојдат две милијарди инвестиции. Подоцна, дојде еден куфер кеш до претседателот Глигоров од милион, па на еден мој претходник му се нудени педесет милиона, и сегашната сума, ако прашате било кој упатен во грчка политика – сто педесет милиона, е толку вредеше името“.
Во пет-шест глупави реченици базирани врз „рекла-казала“, поранешниот претседател го обесмисли целиот мој ангажман во македонската политика од 1991 до 1993 година. Кој е тој порив кај луѓето да срушат се, камен на камен да не остане од било каква чесност во поведението во македонската политика?
И кои се тие македонски амбасадори кои слушаат глупости без да реагираат во заштита барем на првиот претседател на независна Македонија? Зошто се лаже дека сите се исти? Затоа што во општество на измамници и крадци се е јасно: за „името“главните виновници не се оние кои ги поставија темелите на македонскиот идентитет во едно туѓо минато и направија целиот свет прво да ни се смее а потоа да се сврти против нашата држава, туку некакво куферче со пари кај нечесните претходници на Иванов.