Северна Македонија го презема претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација. Во оваа организација членуваат 57 земји од три континенти.Една од членките во последната година драматично ги руши столбовите на организацијата
Ова се појавува кога ќе се отвори интернет страницата на ОБСЕ – дека Северна Македонија го презема претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација. Во наредните 12 месеци земјава ќе биде на кормилото на ОБСЕ во која членуваат 57 земји од 3 континенти, која се протега од Ванкувер до Владивосток. Претседавањето се случува во еден од најтешките моменти во 50 годишната историја на организацијата.
„После 50 години се случува една земја учесничка да ги урива основните принципи и основните столбови не само оние на коишто почива организацијата, туку и целокупната безбедносна архитектура врз која почива мирот во Европа, Русија ги поткопува тие столбови и тие принципи преку агресијата во Украина а со тоа доведувајќи до голем број на последици врз луѓето во тие региони. Претседавањето го преземаме под логото „Се работи за луѓето“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Освен што ќе се фокусира на граѓаните, македонското претседавање со ОБСЕ, за приоритети ќе ги има контролата на вооружувањето, сигурноста, замрзнатите конфликти, справувањето со корупцијата на Западен Балкан која станува безбедносно прашање за регионот…. Но, ќе доминира Украина каде ОБСЕ нема своја мисија на терен поради руското вето.
„Ние ќе треба да најдеме начин како да се врати ОБСЕ во Украина, како да воспоставиме мир, како да го имплементираме тоа. Има прашања како ќе контактираме со Русија – треба да се знае дека ОБСЕ е една од ретките организации која се уште комуницира со Русија и тоа во Виена. Но, дали таа комуникација ќе стане реален дијалог ќе зависи од тоа како Русија ќе се постави кон принципите и заложбите на ОБСЕ. Ние како претседавачи сме чувари на столбовите на ОБСЕ. Ако некој ги руши тие столбови, не може да одите преку тоа, преку прекршување на принципите на ОБСЕ. Таа порака е испратена јасно до Русија“, рече Османи.
Прва посета на Османи, како претседавач со ОБСЕ, ќе биде на Украина кон средината на јануари. Властите во Киев очекуваат македонското претседавање со ОБСЕ да продолжи во, како што порача украинскиот премиер, насока на натамошна поддршка и координација за Украина. Османи потврди дека неодамна добил писмо од шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, чија содржина била со не многу дипломатски препораки за тоа како Москва смета дека Скопје треба да раководи со ОБСЕ.
„Кога би требал да правам избор – наше успешно претседавање со ОБСЕ и компромис со кршење на основните принципи, би го избрал второто – нема компромис со основните принципи на ОБСЕ“, додаде тој.
За претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ оваа година, планиран е буџет од околу пет милиони евра. Министерството за надворешни работи (МНР) првично барало осум милиони, но Министерството за финансии им скратило три. Сега, во рамки на овие пет милиони, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе треба да се адаптираат трошоците.
А, најголем, дециден е Османи, е трошокот за организацијата на министерскиот состанок кон крајот на годината, кога во земјава треба да пристигнат министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ, меѓу кои се и на САД и Русија. Една од тешкотиите е како да се најдат 70-ина ВИП-возила за министрите што ги исполнуваат стандардите.
„Најголемата ставка ќе биде министерскиот состанок, со што трошоците тука ќе зависат од тоа како ќе се среди просторот и во однос на возилата. На пример, засега е многу тешко да најдеме 70 возила што ги исполнуваат стандардите. Бараме начини како да најдеме спонзори по однос на возилата за да немаме трошоци. Некои трошоци ќе зависат од тоа дали ќе најдеме спонзори или не, меѓутоа ќе бидеме транспарентни во текот на целата година во однос на трошоците“, вели Османи кој претходно спомена и опција да се позајмат возила од земјите од регионот.
Министерот за овие околности зборуваше одговарајќи на прашања на брифинг со новинарите на кој ги претстави приоритетите што ќе бидат во фокусот на едногодишното претседавање на земјава со ОБСЕ.
Во однос на просторот каде ќе се одржи министерскиот состанок, шефот на дипломатијата рече дека земјава нема таков, па првично било планирано да се изгради времен објект. Меѓутоа, потоа во комбинација влегла и салата „Борис Трајковски“, за што претставници на ОБСЕ од Виена веќе биле тука да направат проценка и е донесена одлука тоа да биде локацијата, но да се направат некои доградби.
„Пред некој ден дојдоа од ОБСЕ од Виена за да проверат точно дали ’Борис Трајковски‘ ги исполнува стандардите. Очигледно ќе треба одредени доградувања за да се создадат нови простории, меѓутоа конечна одлука е дека ќе биде во ’Борис Трајковски‘. Сето тоа ќе треба да се организира, брендира според стандардите на ОБСЕ. Тоа е најизискувачка операција која оваа држава ја имала и има едно меѓуресорско работно време кое од минатата година работи и во кое се претставници од МВР, аеродромите на ТАВ затоа што во еден час треба да слетаат 70 министри за надворешни работи“, вели министерот.
Покрај организирањето на состанокот, Османи како примери за трошоци ги наведе и платите и престојот на членовите на нашиот тим во мисијата во Виена кој е над 11 луѓе, патувањата, како и организирањето на други настани како што е на пример голема конференција за антисемитизам што ќе се одржи во Скопје на 6 февруари со 200-300 учесници.
На прашања околу тоа зошто МНР за пиар за претседавањето со ОБСЕ ангажирала агенција за 100 000 евра, Османи вели тоа не е пиар и оти е ангажирана бидејќи службите во Министерството немаат таков кадар.
„Агенцијата е ’Рејтинг‘, набавката е шест милиони денари (околу 100 000 евра) и се одлучивме за тоа затоа што нема таков кадар во Министерството во однос на дизајнери, брендирање, стратегиски комуникации со надвор во однос на промовирање со државата. Претседавањето со ОБСЕ ќе биде многу поскапо од тие шест милиони денари, но сметаме дека придобивките ќе бидат многу, многу поголеми отколку трошоците што ќе ги имаме, а верувајте трошоци имаме секојдневно, имаме голема мисија во Виена со над 11 луѓе, можеби секој од нив троши по толку годишно во смисла на станови, плати. Меѓутоа, ова е инвестиција во која свесно сме влегле и ова е престиж и големо признание за државата. 56 земји да ве изберат со консензус и вие да претседавате во најтешката година за организацијата е голема привилегија и можност. Така што, да ќе има одредени трошоци, ќе се обидеме да бидат минимални“, вели Османи.