Иако Париз го поздрави писмото на првите шест држави – членки на Унијата бројот од 15 членки, кои јасно побараа брз почеток на преговорите со Македонија и Албанија, на кои може да им се приклучат и други држави создава една поинаква, се чини и ултимативна атмосфера
На писмото на шесте земји испратено минатата недела до Европската Комисија во кое се бара почеток на преговорите со Албанија и Македонија во март 2020-та се збогати со потписите на уште девет други држави членки на ЕУ.
На Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Полска и Чешка од вторникот им се придружија и Бугарија, Естонија, Грција, Унгарија, Ирска, Летонија, Литванија, Малта и Португалија и го додадоа својот потпис на писмото до Европската Комисија во кое се дава согласност за реформа на методологијата на преговарачкиот процес доколку тој овозможи отворање на пристапните преговори за членство со Скопје и Тирана во март 2020.
Писмото доаѓа како своевиден одговор на иницијативата на Франција предложена минатата недела да се измени процесот на преговарање за земјите кандидати пред да се продолжи со политиката на проширување.
За потсетување, писмото, сега потпишано од петнаесет земји, потсетува на важноста на процесот на евроинтеграција за земјите од западниот Балкан и нагласува дека консолидацијата на Европската Унија е невозможна без вклучување на земјите од регионот, како и дека процесот на ЕУ интеграција најдобро може да обезбеди успешен реформски процес на Балканот.
– Нема одржлива алтернатива за полноправното членство на земјите од западниот Балкан во ЕУ ако сакаме ефикасно да ги сочуваме интересите на регионот. Точно е дека сегашниот пристапен процес на западниот Балкан бавно и нееднакво напредува. Поради тоа сме подготвени конструктивно да се ангажираме во напорите за подобрување на овој процес. Тоа ќе го сториме доколку оваа задача се води на ефикасен начин, свртен кон добивање резултати и доколку тоа и овозможи на ЕУ да ги започне преговорите со Албанија и Македонија во март 2020-та, бараат петнаесетте земји членки на Унијата.
Со зголемувањето на бројот на потписници на ова писмо, од 6 на 15, мнозинството земји – членки застануваат зад оваа иницијатива и бараат преговорите да започнат во март идната година. Земјите членки ќе се навратат на оваа дискусија за време на идните министерски состаноци за општи работи на ЕУ кои се одржуваат еднаш месечно, но потребно е новиот состав на Европската Комисија да почне со работа за да може да поднесе предлог до земјите членки на ЕУ, врз чија основа тие би можеле да изградат компромис по ова прашање.
Од Самитот во Солун во 2003 година, ЕУ постојано ја повторува отвореноста за членство на сите земји од Западен Балкан, кои се во можност и се подготвени да ги исполнат критериумите на Унијата. Со текот на годините, оваа европска перспектива беше извор на мотивација за реформите во земјите од регионот и донесе конкретни резултати, вклучително и историскиот Договор од Преспа.
Минатиот месец, ЕУ не постигна консензус за започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Во време кога ја славиме 30-годишнината од падот на Железната завеса што започна во ерата на обединување на Европа, повторуваме дека консолидацијата на Европа не може да се заврши без Западен Балкан.
Покрај тоа, нема сомнеж дека трајната стабилност и безбедност, како и продолжувањето на реформските процеси во регионот најдобро може да се постигне преку интеграција во ЕУ. Процесот на пристапување е суштински инструмент за постигнување на оваа цел, тој е клучен придонес за безбедноста и просперитетот на Унијата. Затоа, мора да продолжи без непотребно одложување. Не постои одржлива алтернатива за полноправно членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ ако сакаме ефективно да ги заштитиме нашите интереси во регионот.
Паралелно, ја повикуваме Европската комисија да разработи конкретни предлози до јануари 2020 година за начини за подобрување на ефективноста на пристапниот процес како инструмент за поддршка на напорите за реформи и интеграција во регионот.
Отвореноста на ЕУ кон сите европски нации кои ги споделуваат нашите вредности и се подготвени да го прифатат законодавството на ЕУ, е клучна за историската мисија на Унијата за завршување на европското обединување”, се вели во писмото на шесте земји потписнички.
Во ЕУ интензивно се работи на деблокирање на проширувањето
Нашиот став, како и кај голем дел од другите земји-членки, не е променет. Ние сакаме прво да ги почитуваме нашите обврски за отворање на пристапни преговори, а во меѓувреме можеме да разговараме како да се реформира процесот. Писмото е типична дипломатска алатка, сакаме да покажеме дека сакаме да бидеме конструктивни , изјави висок дипломат од една од шесте земји потписнички на ова писмо.
– Ние сме подготвени за реформа на процесот на проширување на ЕУ. Секогаш има простор за подобрување, но тоа не смее да доведе до одложување на стратегијата во однос на Северна Македонија и Албанија и нивната европска перспектива , изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг по пристигнувањето во Советот за општи работи во вторникот наутро. „Сакаме да бидеме сигурни дека следната година ќе има зелено светло за отворање на разговорите за пристапување“, додаде тој.
Франција која ја предизвика бурата имаше позитивна реакција на ова писмо, уште кога беа само 6 држави.
„Ние сакаме да испратиме силна порака до земјите од Западен Балкан дека ЕУ ќе ја испорача својата обврска и лидерите ќе се навратат на ова прашање на пролет “, рече Тити Тупураинен, министерка за европски прашања на Финска, која е претседавач со Советот на ЕУ.
Осврнувајќи се на францускиот предлог, таа рече дека „добро е што тие имаат свој предлог, тој го одржува процесот во живот, но сепак сите треба да ја чекаме новата Комисија да го започне нејзиниот мандат и да се прилагоди на овие барања, доколку има нешто што можеме да направиме во процесот, за да можеме да постигнеме едногласна позиција за проширувањето. Но, многу е важно денес да испратиме порака до земјите од Западен Балкан“, рече Тупураинен.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ вчера на состанокот на Советот за општи работи повоторно разговараа за проблемот со пропирувањето, но не постигнаа консензус.
– Пораката од многу министри до Тирана и во Скопје беше „ние сè уште сме тука за вас, ние ве сакаме и сакаме да го одржуваме живиот овој процес на проширување“, рече министерот за европски прашања на Грција Милитиадис Варвициотис.
Втората порака, како што рече е до Европската комисија: „Дојдете со ревидиран процес на проширување што може да ги задоволи потребите на земјите членки“.
– Се надевам дека во рамките на новата Комисија процесот на проширување ќе се подмлади“, рече Варвициотис, обраќајќи и се на претседателката на ЕК Урсула вон дер Лејн.
Државната секретарка за европски прашања на Франција Амели де Моншалан пред Националното Собрание, каде се дебатираше за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, уште еднаш да ги објасни француските позиции за проширувањето на ЕУ, јавува МИА.
Според Моншалан, европската перспектива на Северна Македонија, како и на сите земји од Западен Балкан беше призната на самитот во Загреб и во Солун и земјата беше призната како кандидатка во 2005.
– Сакам да кажам дека европската перспектива, тој марш кон членството не е доведен во прашање, туку напротив, рече таа пред Националното собрание.
Законот на министерот за Европа и надворешни работи за ратификација на Протоколот за членство на Северна Макеоднија во НАТО, изутрината беше прва точка на дневниот ред на Француското национално собрание, кое по расправата во која учествуваа претставници на сите политички групи даде зелено светло за ратификација.
Со голем број на гласови, освен тие на комунистите и Непокорна Франција, најмногу поради идеолошки причини, Француското национално собрание го усвои законот за ратификација на Протоколот.
Во воведниот збор француската државна секретарка за европски работи, Амели де Монтшалан нагласи дека „Скопје секогаш давало потврда за постојаност во својата надворешна политика, ориентирана кон Европа, Европската Унија и НАТО“.
Во дебатата која траеше повеќе од еден час, речиси сите учесници ја истакнаа геостратешката положба и значење на Северна Македонија за Балканот и Европа и нејзиното определување за евроатлантските интеграции, за што се направени големи жртви, како промената на името на земјата.
Пратеничката Фредерик Дима, потсети дека како филмски продуцент работела со Милчо Манчевски на филмот Пред дождот, и за тешкотиите филмот да се запише под името на земјата, во 1993 година.
– Сакам со ова да потсетам колку беше тешко да се најде согласност за името Северна Македонија, кое допира во идентитетот на народот, тоа беше долго и тешко. Последиците од Договорот од Преспа беа одлучувачки за Грција, на изборен план владата претрпе пораз директно поврзан со оваа одлука. Од друга страна македонското население исто така има чувство дека беше распродаден нивниот идентитет, рече Дима.
Таа понатаму потсети на референдумот за промена на името, при што изрази надеж дека предностите од скорешното членство во НАТО ќе придонесат за намалување на негативните чувства, но тоа, како што наведе, треба директно да биде видливо од населението, како што беше посочено во извештајот од Сенатот, кој го усвои предлог законот за ратификацијата на Договорот на 17 октомври, односно дека членството во НАТО ќе има директно влијание и за странските инвестиции во земјата.
Дебатата и гласањето во Француското национално собрание, од собраниската галерија ја следеше и македонската амбасадорка во Париз, Јадранка Чаушевска-Димов.
Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, според објаснувањето дадено во законот од француското министерство за Европа и надворешни работи, ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата како целина.
Франција, стои во усвоениот закон, ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.