Апсурдот е што партијата која изминатите години постојано укажуваше на неразумните задолжувања и на опасното зголемување на јавниот долг, мандатот да го почне со истата практика, рекорден Буџет и огромен буџетски дефицит и уште поголем јавен долг
Кога во предизборието ќе се оди со големи ветувања со кои се обидува да се освојат гласачите, резултатите не може да бидат поинакви од она што се доби – уште еден рекорден буџет и уште поголем буџетски дефицит. Работата да биде уште попроблематична, зголемените буџетски трошоци се предлагаат во услови на надолно ревидирање на економската активност, односно на раст кој ќе биде помал во однос на првичните предвидувања, врз основа на кои лани беше скроен Буџетот за 2024 година. Ваквата равенка: поголем Буџет, а помал економски раст, неминовно води до поголем јавен долг.
Несомнено е дека новата влада наследи прилично сложена економска ситуација. Лузните што ги оставија прво здравствената и безбедносната, а потоа и енергетската и економската криза проследени со висока инфлација, ја кутнаа македонската економија која, за жал, не успеа да најде модел да закрепне, како што тоа го сторија повеќето од земјите во регионот. Заковани на дното според економскиот раст и покрај државната помош што се испорачуваше во вид на антиковид мерки за стопанството и за граѓаните (за што се потрошија стотици милиони евра), покажува дека нешто не штима во приказната. Прашањето коешто остана без одговор во изминатиот период е зошто покрај најголемата поддршка (како што констатираше и Светска банка во нејзините извештаи), економскиот раст остана толку низок? Дали компаниите средствата ги трошеа ненаменски или бенефициите кои ги даваше претходната влада беа „пукање во празно“.
Сегашната владејачка гарнитура добро ги знаеше состојбите, за некои со упорното блокирање на мерките во парламентот само долеа масло на огнот, но и покрај тоа, таа не се воздржуваше од големи ветувања, како на пример, линеарно зголемување на пензиите, финансирање на проекти во локалната самоуправа и тн. Само за овие две ветувања се потребни големи финансиски средства, иако од актуелната Влада во повеќе наврати се обидоа да ги релативизираат бројките за годинава.
Таквите пресметки, очигледно, не поминувааат. Доказ за тоа е новото рекордно зголемување на буџетските расходи и огромниот буџетски дефицит за кој ќе треба да се најдат и соодветни извори на финансирање.
Дали волшебното стапче е милијардата која ја најави премиерот Христијан Мицкоски и нејзиното „консумирање“ на делови, ќе се види наскоро. Според најавите, овој износ лесно може да биде надминат веќе следната година кога стасуваат за плаќање големи финансиски обврски.
Она што засега е познато е дека годинава ќе се искористат половина од средствата, односно 500 милиони евра, но очигледно за да се нахранат апетитите на буџетските корисници со вградените предизборни ветувања за зголемување на пензиите од 2.500 денари и за проектите за општините од 125 милиони евра, тие нема да биде доволни, па државата ќе треба да затропа на вратата на домашниот пазар на капитал преку издавање државни обврзници.
Издавањето еврообврзница, очигледно, во моментов не е опција, бидејќи условите на меѓународните финансиски пазари воопшто не одат во прилог на држави како Македонија.
Тоа значи дека секое следно задолжување надвор ќе биде со далеку повисоки каматни стапки од оние со кои се задолжуваше земјата во време кога во светот каматите беа нула или блиску до нула отсто.
Познато е дека Македонија мора да се задолжува за да ги врати обврските кои доспеваат во однос на претходно издадените еврообврзници. Но, она што е трагично, е што државата до сега не успеа да го подобри кредитниот рејтинг, кој е закован во она што се означува како „шпекулативен“, односно кое било излегување на меѓународниот финансиски пазар ќе треба да го платиме соодветно на таквиот рејтинг. Што значи, со високи каматни стапки.
Уште попоразително е што таквите камати не може да се покријат со стапката на економски раст, која доколку беше повисока ќе дадеше надеж дека долгот како процент од БДП во наредниот период ќе може да се намалува.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера на прес конференцијата вината за лошите состојби во државната каса ја префрли на минатата влада. За тоа делумно имаше право (како на пример „трикот“ на претходната влада декемвриските пензии кои беа исплатени по новогодишните празници да ги „книжи“ во јануари, наместо во декември лани). Но, тоа е тенко алиби за одговорноста која власта ја презеде.
Засега не е познато која ќе биде волшебната формула којашто ќе може да се примени за да се поправи крвната слика на државната каса. Аргументите дека тоа ќе се сторело со кратење на непродуктивните трошења, намалување на сивата економија и намалување на корупцијата, можеби звучат убаво, но секој економист знае дека тоа не може да се направи преку ноќ и дека за првите резултати е потребна цврста политичка волја и истрајност во спроведување на политиките. Во секој случај, треба да се поздрават заложбите за такво нешто, иако на резултатите ќе треба да почекаме.
Претходниот министер за финансии, Фатмир Бесими, се обидуваше високиот буџетски дефицит да го покрие со т.н. „златно правило“ во Буџетот, односно капиталните инвестиции да бидат поголеми од дефицитот. За жал, како што тоа го потврдуваат и ревизорските извештаи, тоа не му успеваше многу, односно, тоа правило беше применето во пракса само еднаш.
Новата влада најави дека во пристапот за економски раст, наместо форсирање на потрошувачката ќе се потпира на пораст на инвестициите, односно на инвестициската потрошувачка. Допрва ќе се види што тоа ќе значи за растот на минималната плата, на просечната плата и воопшто на порастот на платите, за што притисокот на синдикатите е голем, но приоритет на сегашаната влада е прво зголемување на продуктивноста.
Засега немаше можност да се види кои се инвестициите кои ќе ја донесат економската преродба, освен најавата за изградба на ветерен парк, но најавата за почеток на оваа инвестиција е 2026 година. Од друга страна, се замрзнуваат средства за инвестиции во тек, како што е изградбата на патниот Коридор 8.
Колку растот ќе биде поттикнат од најавената поддршка на проекти на локалната самоуправа, како и евтините кредити за компаниите, допрва ќе се види. Но, годината полека изминува, а тешко е да се очекуваат инстант резултати. Тоа особено се однесува на компаниите кои ќе добијат средства под одредени услови, меѓу другото и да гарантираат дека ќе остварат раст пет отсто повеќе од стапката на инфлација. Тоа значи дека компанија која ќе се задолжи кај државата со поволни кредити, во сегашни услови треба да гарантира дека ќе има пораст од најмалку 8,5 отсто (инфлацијата за годинава е проектирана на 3,5 отсто). Прашање е колку таква обврска може да се преземе во крајно неизвесни економски околности какви што се денес во Европа и во светот.
Оние кои што ги следат економските состојби во државата и состојбите во Буџетот, знаат дека просторот за дејстување е прилично ограничен, бидејќи многу од ставките во државата каса се законски обврски од кои нема бегање. И тоа е ограничувачки фактор кој го знааат сите што се вклучени во политиката, особено во креирањето на економските мерки.
Затоа и апсурдот е поголем, партијата која во изминатите години постојано укажуваше на неразумните задолжувања и на опасното зголемување на јавниот долг, мандатот да го почне со истата практика, рекорден Буџет и огромен буџетски дефицит и уште поголем јавен долг.