Научната фантастика ја има таа вредност, но со само одредена точност, да ја предвиди подалечната утрешнина. Има повеќе автори кои се генијалци, но се наоѓаат на крајните спротиставени граници на спектрумот околу предвидувањето на иднината – мисли Валентин Нешоски, мешу другото и автор на дела од научната фантастика
ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ
Валентин Нешовски е комплексен лик: тој е писател, моторџија, новинар, ерудит, сериозен познавач на жанрот научна фантастика… И разговорот со него е таков – комплексен, забавен, боцка кога не очекуваш, а најмногу од сѐ – те тера да размислуваш. Каде е светот, накај е тргнат, дали сме тикви – или ќе станеме роботи… Неговиот роман „Последната мисла во универзумот“ со кој е номиниран за наградата Роман на годината, воопшто не го спомнавме, за тоа во друга прилика.
Се чини дека научната фантастика има една особина да ја предвиди иднината. Жил Верн го предвиде слетувањето на месечината, Ѕвездени патеки го предвидоа мобилниот телефон (иако таму е наречен комуникатор)… но, исто така предивдуваат и распад на човечката цивилизација каква што ја знаеме, како филмот Елисиум на пример. Каква иднина ни следи според големите автори на научната фантастика?
– Да, со мала корекција, научната фантастика ја има таа вредност, но со само одредена точност, да ја предвиди подалечната утрешнина. Има повеќе автори кои се генијалци, но се наоѓаат на крајните спротиставени граници на спектрумот околу предвидувањето на иднината. Кога ќе размислам подобро – во безмалку целата Си – Фи продукција човештвото победува или е во симбиоза со суперинтелегентните роботи и технологијата. Односно, повеќето автори сметаат дека следува суперепопулирање на планетата со супермоќни андроиди, кои барем на извесно време доминираат во секоја смисла, општествена, социолошка и политичка, а притоа човештвото се чувствува супресирано, за редовно, во епилогот човештвото да победи или барем да стане сојузник со нив.
Дури и еден Филип К. Дик со феноменалната приказна, со маестрален наслов „Дали роботите сонуваат електрични овци“ по која е снимен и Blade Runner, книгата ја завршува така што главниот протагонист Декард конечно се среќава со лидерот на „страшните“ андроиди, Рој Бети. Декард е принуден да се соочи со сопствената смртност и со природата на човештвото, но во неочекуван завршеток, Рој му го спасува животот на Декард, покажувајќи сочуство и емпатија, консеквентно – помирување со роботите. И во творештвото на Исак Асимов, особено во серијалот „Робот“ доминира наративот во кој човештвото се соочува со истребување од заканата на суперинтелегентни битија.
На другата страна на спектрумот се 5-6 книги или филмови на кои можам да се сетам и во кои човештвото станува мултипланетарна цивилизација па е во обратна улога – покорител на тие светови. Такви примери се „Аватар“ на Џејмс Камерон, или “2001: Вселенска одисеја” од Артур Кларк како и делата на Урсула К. Ле Гвин, која често истражува теми на емпатија и разбирање меѓу различни ентитети.
Сепак, бисер во целата таа литература за мене е „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс во која човекот е една помалку смешна, но авантурстична цивилизација која како есенски лист се лелее по беспаќата на универзумот. И не случајно го споменувам ова – во еден дел Адамс опишува смешна, но драгоцена сцена во која Вогоните се наместени со вселенски топови да ја уништат Земјината топка затоа што тука големиот вселенски конструкт планира да изгради интергалактички автопат, а Земјата пречи. Исто како ние, кога градиме автопати па не се грижиме за светот на мравките и другите бубачки. Не ги ни приметуваме. Едно од сценаријата со развојот на Вештачката Интелигенција (ВИ) е дека таа можеби така ќе не третира нас. Како безначајни таму некои суштества, кои сепак и се симпатични и затоа ќе не остави да живееме во својот мал космос. А можеби и ќе ни создаде виртуелна реалност.
Во основа, ми поставивте прашање на кое може да се напишат барем 10 тома книги. Но, ете мислам успеав да доловам дел од актуелните размислувања на Си –Фи авторите во три категории – апокалиптичари, алармисти и авантуристи. Последниве, на технолошкиот развој гледаат со прифаќање и лаконски ја исчекуваат иднината со раширена насмевка на лицето.
Идната историја според Ѕвездени патеки, највува разурнувачки корпоративни војни кои ќе го разрушат светов. Во моментов, војните кои нè загрозуваат, сè уште носат националистички, верски и митолошки барјаци. Дали големите војни се пред нас, или човештвото ќе успее да покаже дека научната фантастика згрешила со тоа предвидување?
– Eден од централните филозофски концепти зад “Ѕвездени патеки ” е идејата за истражување и стремежот кон знаење. Низ серијата се промовираат вредностите на љубопитноста, соработката, толеранцијата и разбирањето. Прикажани се и комплексни морални и етички дилеми во мизансценот на футуристичките технологии. Мислам дека промовира визија на утописка иднина каде човештвото продолжува многу од сегашните конфликти, но сепак повеќето вонземски цивилизации соработуваат за заеднички цели. Секако има и „лоши момци“ – Ромулите или Доминионите, но најинтересни за мене се Боргите кои постојано асимилираат нови култури во потрага кон нови технологии. Боргите ги споменувам затоа што еден од песимистичките наративи за тоа како ќе се развива нашата ВИ е токму тој, асимилација на се наоколу, освен ако не ја направиме подобра од нас.
Со еден збор за мене Ѕвездени патеки е еден комплот од различни идеи преку кои се разгледуваат филозофски прашања за природата на постоењето, свеста, моралот и човечкото состојба (human condition). Сепак е тоа надежна визија за иднината, заснована на истражување, соработка и стремеж кон знаење за подобрување на човечкото битие.
Потешко е да го одговорам вториот де од прашањето кое е втемелено во денешнината. Јас сум по природа оптимист и наративот на Ѕвездени патеки ми е близок. Во слични ориентири и амбиции за човештвото пишувам и во моите книги. Иако втората книга „Последната мисла во универзумот“ носи поднаслов Апокалипса, сепак тоа е кулиса за третата книга која во моменотв ја подготвувам.
Но да се вратам на војните на денешнината за која прашувате. Точно детектирате дека се носат националистички, верски и митолошки барјаци. Слично нешто напишав во еден пост на социјалните медиуми – дека има „анахрони војни“, тоа значи денес, во овој 21 век, има анахрони амбиции и стремежи реализирани во војни за територии, ресурси или авторство и сопственост врз митовите. Па бев напаѓан.
Ние мора да сфатиме дека човештвото е ЕДНО. Тоа е заедно. Разликите меѓу нас, бели или црни, високи или ниски, понапредни или поназадни, носат квалитет и прогрес.
Вештачката интелигенција е тука. Засега, општата јавност има пристап до некои говорни модули и машини за создавање слики. Бизнисот има пристап до понапредни ВИ системи, а со што располага воениот комплекс можеме само да шпекулираме. Што мислиш дека ни носи ВИ, дали човештвото ќе создаде алатка за прогрес, или ќе влезе во големи проблеми?
– Ха, прашање за милион долари. Мислам дека и двете. Но, многу важно – ќе има преодна фаза во која меѓучовечките односи и посточеките политички и економски системи ќе бидат длабоко нарушени. Ова е технологија со голема дисруптивна моќ. За илустрација, во Сан Франциско пред една седмица се случи првиот лудистички настан – група таксисти запалија автономно возило. Возило без возач. Се чувствуваат загрозени, ќе останат без работа. Слично како што работниците во Англија на почетокот на индустриската револуција ги кршеа автоматизираните машини за предење волна. Ни претстои револуција многу поголема и подлабока од било која револуција досега. И тоа многу скоро – годинава, особено во високо развиените земји, но и овде.
ВИ и роботиката, во комбинација, ќе предизвикаат големи промени на пазарот на трудот. На 14 јануари, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави извештај според кој ВИ ќе афектира 60 отсто од професиите во развиените држави, а 40 отсто на глобално ниво. Ова е фрапантен податок и треба да се подготвиме. Едноставно кажано, роботите опремени со вештачка интелигенција или генеративни модели ќе ги афектираат и мануелните работни места, а не само, како што првично се предвидуваше, дека први на удар ќе бидат само висококвалификуваните работни позиции – преведувачи, дизјанери, ИТ специјалисти…На пример БМВ фабриката во Јужна Каролина веќе нарача хуманоидни роботи од компанијата Figure. Тие ќе работат репетитивни, досадни и опасни работи (на пример со хемикалии).
Во оптимистикото сценарио во овој преоден период општествата ќе имаат комплексни предизвици и задачи. Ќе треба да се амортизира и нивелира вишокот работна сила, да се прераспределат новите професии што ќе се појават, да се урамнотежи распределбата на доход, на пример со Универзален основен доход (Universal basic income е еден од моделите) за оние што ќе останат за работа, да се урамнотежат економиите (можно е да се затворат цели фабрики за производство и цели економии да колабираат) доколку не набават роботи (проценките се дека еден робот носи годишна заштеда од 250 илјади долари во споредба со човек работник) па побарувачката веќе сега е многукратно поголема од, пазете, планираното производство на роботи, да се моделираат политичките системи и процедури (регулирање на развивањето и употребата на ВИ и роботиката), потоа да се стабилизираат комуникациските канали (регулација на генеративни и deep fake видеа, фотографии и информации), стабилизирање на меѓународните односи – натпревар во ВИ вооружување…
Тешка задача е тоа. Но, после овој преоден период, според ова сценарио, следува масовно богатство, се за секого (abundance of products), наплив на многу ефтини производи, хуманоидни роботи во домаќинствата способни да работат се, ефтин транспорт на производи до било каде (автоматизирани авиони, бродови и железници), напреднат здравствен систем (со развој на медицината, био-медицината, синтетичко производство на органи), нови еколошки материјали, а со тоа и заштита на животната средина и решени климатски промени. Како? Па идејата е дека ќе има машини што ќе произведуваат машини, или фабрики без луѓе. Всушност до некаде тоа е веќе остварено – ГИГА Фабриката на Тесла во Тексас. Со тоа, за илустрација, чинењето на еден автомобил прогресивно би паднал на трошокот за материјали а со употреба на новите материјали (веќе пронајдени од ВИ) потоа и на нула. Утописки знам, бидејќи желбата за профит е голема. Но овде зборувам за период од некои 50 години. Замислете бесплатна енергија од сонцето, нови ефтини материјали, нема трошок за работници (плата, пензии, боледување, одмор…) и машините произведуваат машини, храна, облека.
(вториот дел од интервјуто прочитајте го на линкот https://racin.mk/intervju/golemi-se-shansite-da-ostaneme-tikvi/)