Отсега нема да не прислушкува Мијалков, туку тоа ќе може да го прави, со сите овластувања кои се нужни новата агенција – ОТА
Од минатата недела официјално започна со работа новоформираната Оперативно-техничка агенција (ОТА), со која, меѓу другото, треба да се стави крај на нелегалното прислушување во земјата. Оваа појава на масовно прислушкување направи во земјава атмосфера на сеприсутен страв дека постојано и во секое време се внимава со кого контактираат, што говорат, па дури и каде се движат.
Оттаму, некои мдиуми излегоа со наслови дека 1 ноември е значаен датум, со оглед дека од осамостојувањето до денес земјата ја потресоа два мега-случаи на незаконско прислушување на политичари, новинари, бизнисмени, амбасадори и јавни личности.
Првиот случај на незаконско дејствување на „Големото уво“, како што се нарекува таа појава на масовното слушање на телефоните на правните и физички лиоца, беше обелоденет во јануари 2000 година, од страна на тогашниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, но функционерите осомничени за тој чин, беа амнестирани од тогашниот претседател Борис Трајковски. Да кажеме дека прва на листата на осомничени тогаш беше министерката за внатрешни работи, сега покојната Доста Димовска и началникот во МВР Александар Цветков
Инаку група од 17 новинари поднесе тужба до надлежниот суд а откако немаше одговор судењето продолжи во Стразбур. Судот во Стразбур потврди дека тужителите новинари, кои беа жртви во аферата „Големо уво“ биле прислушкувани од службите за безбедност за најмногу три месеци од државата треба да добијат по 1.850 евра отштета,.
– Судот донесе одлука за тој предмет. Нема утврдено повреда по Членот 6 кој се однесува на фер судење, а донесена е одлука само во делот за судење во разумен рок, односно дека постапката на апликантите. Според судот, спорот во Македонија траел долго и на секој поединечно им е досуден износ од 1.850 евра.
Петнаесет години подоцна, вториот случај што го откри лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заврши со обвинителен предмет „Таргет-тврдина“, во кој СЈО го обвини врвот на УБК за незаконско прислушување на над 20.000 граѓани, и за уништување на опремата преку која го извршиле кривичното дело.
Оттаму ОТА стартува со голема хипотека но и очекувања кај граѓамните дека работите на планот на „вжестените линии“ ќе се променат. Резултатите од теренската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена од 28 јуни до 15 јули годинава преку лични интервјуа со 1.100 испитаници, покажаа дека 45 отсто од анкетираните одговориле дека телефонските разговори што секојдневно ги вршат не се приватни и безбедни. Наспроти нив, 34 отсто веруваат дека никој не ги прислушува. Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, избран со мандат од 5 години и без право на реизбор, гарантира дека таквата практика останува во историјата.
„Како директор можам да ви кажам на сите, на медиумите и на јавноста, дека во моментов опремата е пренесена во ОТА и дека незаконско прислушување – нема! Тоа го гарантирам со целиот интегритет“, изјави Ангеловски пред три дена, кога ја одржа и првата средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите.
Ваквите гаранции произлегуваат од техничката и медијаторска улога што ќе ја има ОТА во однос на комуникациите. Имено, наредбата за прислушување од Обвинителството ќе оди до ОТА, по што таа ќе го пренасочува сигналот кон корисникот, односно барателот на услугата. Вработените во ОТА нема да можат да собираат податоци и да слушаат, само ќе можат да го вклучат сигналот. Од друга страна, барателот ќе може само да слуша и да собира податоци, но не ќе може да приклучува, со што се избегнува можноста од злоупотреба.
Поради краткото време што претходеше до законски определениот рок за старт на ОТА, одлучено е Агенцијата да биде сместена во зградата на Телеком. Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниска Комисија, составена од четири члена – двајца од мнозинството и двајца од опозицијата, и претседател од редовите на најголемата опозициска партија. Тие ќе може да вршат надзор без најава. Новина во системот на контрола ќе биде и т.н. Совет за граѓанска контрола, кој ќе биде составен од претседател и шест члена, кои ќе ги избира Собранието по распишан јавен оглас. Тие ќе имаат мандат од три години и обврска да поднесуваат годишен извештај до парламентот. За да изврши контрола во ОТА или кај операторите, Советот ќе мора претходно да се најави.