Документарниот краткометражен филм „Господата од Современа“ доби уште едно врвно признание, наградата Бронзено јајце на Интернационалниот филмски и музички фестивал „Кустендорф“
Документарниот краткометражен филм „Господата од Современа“ на нашата режисерка Ана Алексовска, доби уште едно врвно признание, наградата Бронзено јајце на Интернационалниот филмски и музички фестивал „Кустендорф“, што дигитално се одржа од 22 јануари до 25 јануари 2021 година.
Филмот особено ја заинтригира публиката поради тематиката која ја обработува, односно приказната за повозрасните љубители на уметноста, кои неуморно ги следат културните настани во Скопје, а воедно се осудувани дека доаѓаат исклучиво поради храната и пијалоците што се служат.
Алексовска на искрен и топол начин нѐ спои со главниот протагонист, која е системска жртва на транзицијата на Македонија во независна држава, и која како двократен технолошки вишок, се придружува на група ентузијасти кои своето секојдневие го кројат според културната програма на градот Скопје.
По онлајн проекцијата на „Господата од Современа“, збор зема и еминентниот Емир Кустурица, кој несомнено го пофали филмот и ја поттикна режисерката да развие долгометражен игран филм, базирајќи го на оваа приказна.
Филмот веќе освои неколку меѓународни награди, меѓу кои и главната на Московскиот фестивал на краткометражни филмови. Филмската екипа ја сочинуваат Владимир Димоски, Богољуб Милованоски, Бранко Аврамовски, Анџелика Апсис, Ѓорѓи Клинчаров, Марија Димитрова, Михаил Димитров, Сашко Поттер Мицевски како и кинематографот Самир Љума, кој стои зад најуспешниот македонски документарен филм, „Медена земја”.
Ана Алексовска од 2020 година работи како продуцент и режисер на документарните остварувања на платформата ДОМА на Институтот за комуникациски студии. Магистер е по општа и компаративна книжевност на Сорбона Нова, а додипломските студии за филмска и ТВ режија ги завршува на ERSA – Bretagne и FAMU.
Има повеќегодишно искуство во филмската индустрија како режисер и асистент на продукција. Нејзиното авторско деби е токму со „Господата од Современа“.Има двегодишно работно искуство при Центарот за образование, култура и наука – ДАСТА како едукатор на млади лица во областа на филмската режија, глума и сценарио.