Одбележан роденденот на Горан Стефановски кај спомен-клупата во неговото маало

Во Дебар Маало, на местото каде што спомените оживуваат, во неделата беше одбележан 73-тиот роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски.
Настанот ,,Горан е тука“ што се одржа кај спомен клупата посветена на уметникот, беше исполнет со одлични уметнички изведби кои силно потсетија на неговото дело и на неговата трајна вредност за македонската култура.
„Горан не беше само писател – тој беше совеста на едно време. Со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина. Горан не е само спомен, тој е присуство”, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Со читања на одбрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музичкиот сет на Игор Стефановски, синот на легендарниот драматург, впечатливата пантомима на Дарко Вељиќ, живите статуи, учество на пријатели и колеги од театарот, како и настапот на групата „Аудио Скопје“, беше создадена атмосфера што го оживеа духот на големиот автор.
„Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање“, додаде Герасимовски пред присутните.
Организатор на денешниот настан беше Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со целосна поддршка од Општина Центар, како дел од Програмата за култура за 2025.
Општина Центар ја изразува својата почит кон ликот и делото на Горан Стефановски преку уредување на културни катчиња посветени на неговото творештво, меѓу кои е и триаголниот парк скулптурата на уметникот, како и ќошот со муралот со неговиот лик
„Тато, сите сме супер, не нѐ мисли. Сите ракии испиени денес во Дебар Маало ги прогласувам за испиени во знак на твојот роденден. „Мама е супер, таму е во селото Вај до Јана. Таму како што знаеш е многу инволвирана и сега во мај ќе биде кандидат за локалните избори во Кент, југоисточна Англија. Да, мојата мајка. Мама уште се бори за своите вредности и принципелности. Јана е добра, мудра и сѐ уште многу позитивна и многу ја сакам. Моите деца, Калина, твојата прва внука, слуша многу добра музика, мноу сака некои разни сцени. Јавор е момче, фудбал, ‘Мајнкрафт’. Стандардно момче ама шегаџија е во фамилијата. И синот на Јана е супер, свири бубњеви. Јас сум таман, не ме мисли. Пламена си е океј, си гази“, рече Игор Стефановски, син на великанот на македонката драматургија Горан Стефановски, на денешното (27 април) одбележување на неговото раѓање.
Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018.
(libertas.mk)