Сите обиди на кандидатката на ВМРО ДПМНЕ да игра на некаква вонпартиска програма се осудени на неуспех и Мицковски знае дека професорката треба да му обезбеди алиби само нему, да остане на чело на партијата. Не е без проблем ниту Заев: неговиот коалиционен партнер ДУИ воочи на барањето на консензуален кандидат за претседател се однесува како Пепелашка во дворот на правната држава: ги селектира активностите до полноќ а го губи чевелот пред вратите на преговорите со ЕУ
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нем сомнение дека изборот на професорката Гордана Силјановска Давкова за кандидат за претседателската функција има за цел да собере за шефовите од Белата палачинка барем 350 илјади гласови на претседателските избори во првиот круг и на тој начин да потврди дека актуелниот претседател на ВМРО ДПМНЕ има со себе задоволувачки дел од возрасната популација. Тоа би значело дека под негово раководење партијата не се распаднала и дека тоа е задоволувачки скор за негова, лична иднина на позицијата каде Мицковски е сега. Отфрлувањето на сите други потенцијали на струшката конвенција се должи на тоа што најпрвин Силјановска Давкова е сама по себе клучен идеолог на партијата која ја претставува сосе сите контрадикторности што се јавуваа повремено на тој линк. Таа на денот на партиската конвенција говореше, да се потсетиме, дека ќе ја вратела Егејска Македонија во манирот на филмските херои од „Назад во иднината“ – со еден скок би доживеале да се најдеме во периодот пред Балканските војни. По изборот рече нешто што значеше помирување со реалноста – ќе го почитувала Уставот (значи и Преспанскиот договор) како реал политичарка. Го спомена и богот Јанус со две лица како еден вид на Едипово несвесно откривање на воличноста. Впрочем веќе следниот ден се прошета по охридската чаршија со Иванов, од една страна и Мицковски од другата страна, со што јасно покажа во какво менгеме од ставови е ставена и тоа го поднесува со – насмевка. Демонстрираше колку само и годи тоа непартиско друштво! Дали тоа приличи за некој кој навистина сака да биде рал-политичар? „Тоа сум јас“, како да покажа демонстрираше кандидатката за претседател во таа променада на сончевото време, и стави на знаење дека Иванов и Мицковски „убаво и прилегаат“. Таа комбинација, за нејзина жал, не е можна деновиве, бидејќи, освен што времето стана многу студено и облачно, кандидатката се најде во друго менгеме; она на социјалните мрежи: ја напаѓаа и приврзениците на социјал-демократите, што беше за очекување, бидејчи професорката се смета за креатор на идеологија против која се борат последните речиси три децении, но и нејзините очекувани гласачи, кои и приговараат за нејзиното минато (свекорот „комуњара“, таа соросоид…).
Оттаму, не мина ниту недела дена по тој избор во Домот на културата во градот на Миладиновци а веќе лакмус-пробата на Мицковски покажува дека е неопходна покохерентно штимување на настапите на Гордана Силјановска Давкова, веројатно во насока на задоволување пред се на вкусот на вмроовското јадро. Никаков живот во турска куќа, ниту братимење со Албанците како реторика … за почеток.
Втората лакмус хартија на оние кои ги наслушуваат сигналите кои доаѓаат од будимпештанските интернет клубови е обидот да се игра на драматизацијата на целата атмосфера во земјата. Медиумите веќе и не јавуваат, ама секое пладне во работни денови десеттина лица го блокират просторот пред Владата, во периодот меѓу 12 и 14 часот создавајќи хаос во главниот град. Паролите се рзлични, а се почесто и ги нема, само се пријавува протест под некој повод и со грст луѓе се создава, нема сомнение – плански, нервоза кај граѓаните. Тука е кампањата за непотизмот, но и создавањето на психоза на страв со убиствата, што, навистина ги има доста во последно време а кои од социјалните мрежи ги толкуваат како киднапирање на граѓани за вадење на органи, кои потоа влегуваат во трговијата за нелегални трансплантации.
Клучот на оваа пропаганда е целата онаа драма со притворите во Шутка. Првиот чин, со драмулетката во затворскиот простор за дневна прошетка им појде од рака на креаторите на сценариото и сега е еден спрема нула за нив во пропагандната војна. Посебно, се чини, откако во бекстејџот успеаа за себе да ги врзат и мислењата на странската асамблеа за судбината на двоецот Миле и Спире. Особено за првиот. А потоа, концентрацијата на врвот на ВМРО ДПМНЕ е завртена кон тоа да не оди во притвор експретседателот на Парламентот Трајко Вељановски, обвинет како еден од членовите на генералштабот во правењето на пучот, изведен до половина на 27 април 2017 година. Најнапред, за Мицковски во време на викендот зад нас дилема му беше дали парламентарната моќ на опозицијата може да ги врати одбегнатите осуммина (или беа деветмина?) пратеници во своите редови или тие засега се уште, по ова прашање се во дилема?
Оваа можна позиција во стартот ја направи понеизвесна настапот на пратеничката Емилија Александрова, која покажа колку е тешко стоењето среде мостот: за нејзината група ова е идеална ситуација кога бранејќи го „дигнитетот“ на пратеничката функција би направиле чекор кон брегот на своите довчерашни „камаради“, но во исто време, тешко е да се заборават заканите кои ги имаа во периодот на донесување на уставните измени, како и се уште свежите конекции со некои судски списи во Кривичниот. Нападот што го направи Александрова во вториот дел на говорот во Собранието кон Мицковски веројатно е најсилниот плексус што го добил од неговите редови после изборот на чело на партијата. Имено таа покажа со прст кон неговата хипокризија кога е во прашање грижата за оние кои се појавуваат во судовите како пучисти или кои преспиваат во затворот, во однос на грижата за двајцата ексминистри, кои низ својот пример требаа очевидно да покажат „како би му било на Груевски ако завршел во Шутка“.
Но таа ни таму, ни ваму позиција на групата на независни пратеници ја оддолжи седницата на собраниската Комисија за деловничко мандатни имунитетни прашања околу барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд. Дебатата заборави на часовникот, па пратениците беа обврзани да продолжат во викенд матине изданија. Но, не ја должеа дискусијата само претставниците на ВМРО ДПМНЕ (што би рекол аналитичарот Малчевски „суверенистите“), туку и нивниот опозит, чиј претставник, како церемонијал мајстор на Комисијата, даваше чудно долги паузи. Веројатно се одеше внимателно кон точката која значи пребројување на гласовите. Не заради опозицијата, туку и заради – се чини – „растур“ композицијата на власта. Просто, се гледа и по отсуството на коалициониот партнер ДУИ од дискусиите за изземањето на имунитетот дека интегративците, како и самите да се гледаат како можни жртви на секоја обвинителска офанзива – ако порано стравот доаѓаше од СЈО, сега и Вилма Русковска изгледа не помалку застрашувачки и покрај добриот избор на шапки на нејзината глава.
Во претпладневниот дел од расправата во неделата можеа да се чујат различни мислења на членовите на Комисијата. Но, кога дојде чинот на гласањето се виде дека гласот на претставникот од ДУИ во Комисијата бил многу важен. Тој наводно се разболел наеднаш, неговата заменичка наводно не дознала дека треба да дојде на работното место и ете проблем – Комисијата немаше став. Во контнуитетот на лагите, првиот човек на Собранието Талат Џафери си дозволи само седница од три часа. Истата ја закажа за 21 часот! Опозицијата играше на време и бараше паузи, тие Џафери ги даваше и на крајот … тој не отиде во болница како пратеникот Агим Шаќири, ама како Пепелашка од бајките ја затвори седницата на полноќ и го снема од салата.
ДУИ очевидно има конекција со ВМРО ДПМНЕ и затоа прашањето на одземањето на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски што е со постар датум, едноставно не е поставена на дневен ред!
Ситуацијата на политичката сцена се компликува а коалицијата е силно расклатена. Во таква атмосфера е тешко да се оди на консензуален партиски кандидат, бидејќи, довербата е силно расклатена.