ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Вие госпоѓа Гордана, имате дадено низа јавни изјави, но за мене остана трајно врежана, онаа за Богот Јанус во Вас. За Вашите две лица, и со Вас во целост се согласувам
Госпоѓа Гордана, честитки за Вашата номинација за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија. Ви посакувам успех на изборите и исполнување на Вашите и очекувањата на оние кои застанаа зад Вашата кандидатура. Фактот што сте жена, иако во поодминати години, лично го сметам за Ваша голема предност и дополнителна вредност на македонската политичка сцена. Вие госпоѓа Гордана, имате дадено низа јавни изјави, но за мене остана трајно врежана, онаа за Богот Јанус во Вас. За Вашите две лица, и со Вас во целост се согласувам.
За жал и покрај фактот што пораснав и остарев во ВМРО ДПМНЕ, не успеав да Ве запознаам како мој сопартиец, но како докторанд на УКИМ имав можност да бранам научен труд кај Вас, па делумно го забележав Вашето прво лице. Но почитувана госпоѓо, сите ние граѓаните на македонската Република и членови на ВМРО ДПМНЕ, сакаме да го видиме и Вашето второ лице, она политичкото! Тоа од причина, што следните 5 години се клучни за историскиот правец и иднината на македонската Република, а Вие инсистирате да управувате со истата. Вашето прво лице, поткрепено со професионален интегритет и Вашата левичарска ориентација, како министер во транзициска, приватизациона Влада на Бранко Црвенковски и силна определба за граѓански СОРОС организациите, е неспорно! Тоа што јавно се декларирате, длабоко го почитувам и активизам, преку Ви се восхитувам, но не можам да го сокријам моето чувство на незадоволство, поради Вашата левичарска ориентираност, бидејќи никогаш не сум гласал за левичар! Но секогаш има прв пат, нели? Тоа зависи само од Вашето второ лице!
Имено, сите нас, граѓаните на Републиката и членови на ВМРО ДПМНЕ, не интересира Вашиот став, почитувана госпоѓа Гордана, во однос на: – Дали за Вас името Република Северна Македонија е денешна реалност или не? – Што во врска со евро – атлантската интеграција, во услови на неприфаќање на „Преспанскиот договор” од страна на Вас, како иден Претседател на Републиката?
– Дали Вие подржувате членство на РСМ во НАТО или сте против, со оглед на фактот што Вашата кандидатура е поткрепена од Даскаловски и Ванковска, антиНАТО активисти?
– Вашиот став за геополитика и глобализација – ширење на западното влијание во југо-источна Европа, предност за Македонија или проклетство? – Дали потпишувањето на „Преспанскиот договор”, според македонскиот Устав е велепредавство или визионерство?
– Дали уставните амандмани, со кои се промени името на Републиката, се прогласени за законски начин или не?
– Што мислите за „џебното вето на претседателот”? Дали ќе го практикувате?
– Дали „бугарскиот договор” за Вас е отворена перспектива за добрососедство или продажба на нашата историја на Бугарите?
– Дали Ваша определба е граѓанскиот концепт на македонското општество или националниот? Правниот промет, граѓанин – Република или припадноста кон ентитет е Вашата визија? Концептот „Едно општество за сите” на СДСМ за Вас е прифатлив или во целост го отфрлате?
– Вашиот став за Македонската православна Црква, егзархиска или партијаршиска порта кон иднината?
– Вашиот став „европскиот концепт” за иднината на ВМРО ДПМНЕ, со оглед на фактот што побаравте подршка од нас, за Вашата кандидатура? 2/18/2019 Петар Богојески: Гордана Силјановска да се изјасни дали е за европскиот или за грујовиот концепт
– Дали сте на чисто со „грујовизмот” и дали ги потврдувате Вашите ставови од времето на „Студентскиот и професорскиот пленум” и „Шарената револуција”?
– Вашиот став за СЈО?
– Дали бојкотот на референдумот, беше решение за Македонија?
– Вашиот став за бојкот на претседателските избори, особено вториот круг, во услови ако не ги постигнеме посакуваните резултати?
– Дали сте против лажниот патриотизам и поделбата на Македонците на патриоти и предавници?
– Што мислите за македонското национално единство?
– Вашиот став за иднината на македонизмот?
– Дали би подржале идна, двостепена децентрализација на власта? – Во поглед на ЕУ, според Вас е потребна промоција на Европска федерација или европска дезинтеграција?
– Дали го прифаќате „национал популизмот” низ Европа? Што доколку истиот има успех на европските избори?
– Дали на Вас ви се поблиски политиките на Борис Трајковски, за проактивна надворешна политика или оние на Киро Глигоров, за еквидистанца?
– Дали се согласувате со политиките на Ѓорге Иванов, за изолационизам и пакт со „неврзаните”, читајте третиот свет, или на Бранко Црвенковски, за политики без политика?
– Дали ќе промоцирате Ваши изворни политики? …. Госпоѓа Гордана, ние граѓаните на македонската Република и членовите на ВМРО ДПМНЕ, очекуваме недвосмислени одговори од Вас! Токму од тие одговори, ќе зависи нашата подршка, за Вашата амбиција! Следниве денови, ќе Ви ги доставиме на Ваше произнесување, ДЕКЛАРАЦИЈАТА за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ – „Демократска ВМРО ДПМНЕ за демократска Македонија“ и ДЕКЛАРАЦИЈАТА „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Македонија”. Од Вас очекуваме јасна и јавна определба – „европскиот или грујовиот концепт” за иднината на македонската Република?
П.с. Како активист на ВМРО ДПМНЕ, во следниот период ќе објавам анализа за почетокот на Вашата кампања, во неможност тоа да го направам во партиските органи и тела, а со цел да помогнам за успех на нашата партија на следните избори!