Текстот не е наменет за атеисти, агностици, еретици, противници на религија, туку само на припадници христијани со право на глас
СЛАВЕ МЛАДЕНОВСКИ
Една од најважните основи на христијанското учење и христијанската теологија е учењето за „Седум смртни гревови“. На листата што прв ја систематизира монахот Евагриј Понтијски, триста години по смртта на Христос се наоѓаат следниве гревови: 1. Гордост, 2. Алчност, 3. Сладострастие, копнеж, 4. Завист, 5 Дрчност, 6. Лутина, бес и 7. Мрзливост. На латински: superbia, avaritia, luxuri, invidia, gula, ira и acedia. Акронимот или поимот направен од првите букви на овие именки е SALIGIA.
Mонахот Евагриј Понтијски, составил листа од осум „страшни искушенија на човечката душа“, а во 590 година папата Григориј Велики ја заокружил на седум и ги прогласил за „смртни“. Според христијанските учење: гордост, сладострастие, завист, дрчност, мрзливост, алчност, гнев се гревовите што може да се направат без притоа да се размислува за нив. Во наредните 1400 години оваа листа од „седум смртни гревови“ претставува важна одредница за христијанската теологија, историја, и за развојот на општеството според христијанските догми. Во одредена општествена констелација имаат влијание и врз денешницата. Според учењето на христијанските свештеници седумте смртни гревови не се одвоени од кој било друг грев што не се смета за „смртен“, од една страна и седумте смртни гревови се изворот на сите други постојни гревови и пороци, од друга страна.
За мене гордоста не е грев и убаво е човек да биде горд на својата работа и резултатите од неа, на здравјето на сопствените деца и радоста што ја прават во домот и семејството, на туѓата среќа и на успехот на соседот итн. Имам цврста определба дека во мојот живот не сум поданик на никого и никому не сум му должен да му служам и да му се покорувам, а најмалку на Бог. Јасна и искрена позиција во однос на тој што вели дека е верник, јас велам дека сум атеист.
Според христијанското учење гордоста се смета за грев поради следново Горделив човек го потценува БОГ, ги потценува луѓето и лично се преценува. Горделив човек многу знае, смета дека сè може да направи, препотентен и полн со себе. Горделивоста е преценување на своите можности и чувство на надмоќ во однос на другите.
Значи сите луѓе со поданички менталитет може да се идентификуваат со ова толкување и лично да мислат дека ако се горди прават грев, од една страна и соодветно на таквото толкување да го избегнуваат секој оној што смета дека е горд, од друга страна.
За нив гордиот човек го навредува Бог со тоа што го потценува, а себе се преценува поради постигнатото знаење, квалитетната работа и личните особини што ја красат неговата личност во односите со другите луѓе. сл. Очигледно за горделив човек нема место во неговиот живот за Бог и затоа христијанството го прогласува ваквото однесување за грев, а тој што тоа го прави за грешник што треба да биде казнет.
Вие што припаѓате на христијанската религија и се идентификувате со ова учење имате целосно право тоа да го правите и така да мислите. Меѓутоа, со оглед дека во државата постојат закони што ги штитат правата и слободите на сите граѓани (ја штитат позицијата на луѓето што не мислат како христијаните) не постои опасност за нивниот живот како пред 200 и повеќе години, кога некои беа живи палени.
Истовремено, ако сте христијани и сте убедени дека ГОРДОСТА Е ГРЕВ имате право да размислите и да донесете соодветна одлука за тоа која личност се обидува да ве стави во „смртно искушение на човечката душа“ правејќи ве да бидете горди. Законот го штити лицето што пропагира гордост, но Вашата припадност на христијанството е поголема и посилна од секој закон на земјата и со самиот чин што ВИЕ НЕМА ДА ГО ПОСЛУШАТЕ ЌЕ ГО ПОРАЗИТЕ. Со барањето да бидете горди, тој ја тестира, ја проверува Вашата верба во Бог и сигурно ќе ве доведе во искушение да направите еден и повеќе гревови.
Добро забележавте текстот не го прочитаа атеисти, агностици, еретици, противници на религија, туку само припадници што се идентификуваат со христијанската религија и имаат право на глас на избори за претседател.