АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
По повод 75 години од победата на фашизмот – во тие мрачни години македонските првоборци, предводени од комунистите, го запалиле огнот на слободата кој во наредните четири години ги спржи силите на злото. Затоа, не случајно, кај нас еден долг период збород „комунизам“ беше синоним за „слобода“, а „комунист“ синоним за „слободен човек“. И затоа, не случајно, очите на светот, тогаш, во Македонија, како и насекаде каде се гинеше во борбата против злото, го видоа распламтен оганот на слободата
Минатото живее додека трае во сеќавањето на живите. Минатите настани изразени преку звук, боја, текст и волумен се дел од животот. Па, дури, и самиот живот. Особено кога се однесува на оние преломни години на националноослободителна борба вербата на правдољубивите македонски синови во победата на правдата, братството и еднаквоста социјална, им даде сила неможното да го направат можно, да јуришаат и да ги поразат силите на мракот, силите на фашизмот, силите на домашните мизерни одроденици и петоколонаши.
Во тие мрачни години македонските првоборци, предводени од комунистите, го запалиле огнот на слободата кој во наредните четири години ги спржи силите на злото. Затоа, не случајно, кај нас еден долг период збород „комунизам“ беше синоним за „слобода“, а „комунист“ синоним за „слободен човек“. И затоа, не случајно, очите на светот, тогаш, во Македонија, како и насекаде каде се гинеше во борбата против злото, го видоа распламтен оганот на слободата.
Добро е да се знае и памети: само малкумина се одважија на антиокупаторски и антифашистички храбар ôд. Повеќето талкаа низ мракот во погрешна насока и молчеа пред злото. И, истовремено, додека некои страдаа, гладуваа, премрзнуваа и се бореа за македонските интереси, за социјална и национална правда, од нашите десничарски пијани биртии одекнуваа национал-шовинистичките песни на врховистичко-бугароманските одроденици и албанско-балистичките предавници, а рацете на сите овие фашистички силеџии и љубители на Хитлеровиот „нов светски поредок“ беа целите крвави од колењето на македонољупците, слободољупците и правдољупците.
Се изнаслушавме последниве години многу клетви, пцости, зборови на потценување, омраза, презир, етикетирања, навреди и закани со кои се урива интегритетот и достоинството на луѓето кои „гинеле и умирале без глас“ (Вапцаров) за слободата и државата македонска. „Комуњарите“, пејоративен јазичен израз кој влече паралела и ги изедначува денешни левичари со некогашните комунисти, станаа главниот замислен противник и непријател во идеолошкото, антимакедонско и антикомунистичко, лудило. А, токму комунистите беа оние кои, несфатливо храбро, влетаа во антиокупаторската и антифашистичка борба, во онаа националноослободителна војна во која, голем дел од нив, ги дадоа своите животи, за да имаат држава денешниве десничарски глупаци, за да имаат свои македонски институции, образование, култура, јазик, политичка слобода, кров над главата, фабрики, училишта и останата инфраструктура. Може да се заклучи дека денешнава фашизоидна глупост е безгранична, оти, очигледно, денешниве оѕверени „патриоти“ поима немаат ниту што значеше комунистичкото движење во светот, ниту што значеше за Македонија. Ако знаеа, ако глупоста не им ја имаше расквасено мозочната маса и претворено во пивтија, ќе разбереа дека попусти им се збореклетието и погрдната употреба на зборот „комуњари“, оти во тој израз се врамени најважните и најдоблесните, не само македонските национални, туку и цивилизациски и хуманистички вредности.
Вистината за оваа земја македонска е испишана со крвта и коските на македонските партизани! Токму тие покажаа дека оваа земја е можеби географски и демографски мала, ама со големо срце. Не е Америка или Русија, но преку своите партизански херои се извишува до ѕвездите. Оваа Македонија е слободољубива земја каде што се случуваат алхемиларски чуда во кои остриот камен натопен со потта и крвта на нејзините антифашистички борци се претвора во злато, во злато на слободната мисла и живот и економската рамноправност.
Гордост, вистина и слобода – тоа е македонското сеќавање за Националноослободителната и антифашистичка војна пред седумдесет и пет години. Тука, во Македонија, и плодородната црница, и златножолтиот тутун, и бигорот, и реките и птиците…, ја пренесуваат пораката за борбата и храброста на македонските антифашисти. Македонија ги меморирала и не смее да ги заборави Дабница и Ваташа, Беличица и холокаустот, плачот и илјадниците лелеци на македонските мајки, жени и деца за своите најблиски по фашистичките казамати. Ги памети и песните партизански и маршевите февруарски… Македонија мора да памети, оти и државноста македонска, е донесена преку крвта антифашистичка и втемелена врз епопејата на бестрашната борба. Едноставно кажано, memento mori партизанска – за Македонија е нужност од која ѝ зависи опстанокот.