Ќе ви речат добро упатените лингвисти, се работи за именска конструкција (З.Тополинска) со два епитета: „горка и горда“. Таа конструкција е трансформација на две прости реченици со именски прирок: 1) „Одлуката е горка“ и 2) „Одлуката е горда.“ Ете од каде извира нејзината концизност, убав израз на духот. Извира од трансформацијата. Таа прави „две во едно“
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Откако заврши епската, неизвесна голгота по двотретинско мнозинство, откако по низа одлагања парламентот изгласа уставни промени, премиерот Заев и се обрати на јавноста со краток говор во кој, меѓу другото, даде концизен и впечатлив опис на неговата одлука. Таа била „горка и горда одлука,“ рече тој. По што е концизен и впечатлив тој опис?
Ако помнам добро, премиерот Заев првпат вели дека таа одлука била – „горка.“ Досега обично велеше дека треба да се донесе „храбра“ одлука. Така велеа и вискои функционери од Брисел (Хан, Могерини). Потоа – „тешка“ одлука која многумина нема да ја голтнат. Или „болна,“ како што напиша во еден пост А. Кировски, директор на Телма: „тежок и болен компромис“; „Не разбирам некои ова да го величат како успех.“ Што е толку упадливо (значи: впечатливо!) во тој краток и концизен опис на премиерот?
Најпрвин, ќе ви речат добро упатените лингвисти, се работи за именска конструкција (З.Тополинска) со два епитета: „горка и горда“. Таа конструкција е трансформација на две прости реченици со именски прирок: 1) „Одлуката е горка“ и 2) „Одлуката е горда.“ Ете од каде извира нејзината концизност, убав израз на духот. Извира од трансформацијата. Таа прави „две во едно.“
Затоа што, во денешно време, добри лингвисти можат да бидат само оние што се добро упатени во поетиката и обратно (Конески, на пример), тие ќе ви речат уште дека тој опис на Заев е изразито парономастички. Се работи за една базична реторичка фигура за која се користи уште и називот „етимолошка“. Без неа не може ни да се замисли лириката на поетот Гане Тодоровски: „колку сме, толку сме, токму сме!“; „Ура Гане, ура Гане, ураган е“; „Ако постиме, нема да постоиме“; „L’étranger, le rage étranglé au fond de ма gorge“ (странец, задавен бес на дното од моето грло“, прва реченица од книгата „Странци на самите себеси“ (L’étranger à nous même) од Ј. Кристева, лингвист и психоаналитичар од бугарско етничко потекло. Сум ја запаметил токму поради таа парономазија.
Како работи таа парономазија? Кои се ефектите од нејзината работа? Таа избира (селекција) зборови кои ги комбинира за да направи порака не по нивното значење, туку по – звучење. Ќе ги запишам тука со големи букви гласовите кои се совпаѓаат во „горка и горда одлука“, а со мали оние што се разликуваат: „ГОРкА и ГОРдА ОдлукА.“ Истото начело важи и за завршниот, ударен стих од песната „Македонски монолог“ на Г. Тодоровски: „Ако ПОСТОИМЕ [=почекаме] нема да ПОСТОИМЕ [=опстанеме].“ Не поинаку е и кај Ј. Кристева: „L’ÉTRAGER LЕ RAGE ÉTRAGlÉ au fОnd de mA GОRGE“.
Уште две важни работи се во игра кога се избираат зборови по звучење (не по значење!) за да се направи ефектна и впечатлива порака. Првата е: тие се разликуваат по значење, понекогаш многу. Многу, затоа што припаѓаат на различни „парадигматски оски,“ ќе ви речат учените лингвисти. Комбинацијата ги постава на иста „синтагматска оска.“ Tаа ги зближува, а пак тоа зближување вe тера да ги разберете како блиски и по – значење. Кога ќе го направите тоа, вие можете да добиете уште две силни скриени пораки од описот „горка и горда одлука“. Првата е: “Гордоста е горка“. Второта е: „Горчината е горда“.
Ете ја на видело онаа славна полисемија како карактеристика на секоја (добра) поезија која, меѓутоа, содржи уште нешто. Зборот „гордост“ упатува на контекстот дух (внатрешен свет) кој не е материјален. Напротив, зборот „горка“ упатува на еден гастрономски контекст. Тоа треба да каже дека се комбинираат зборови од две далечни „парадигматски оски“, како што би рекол романскиот семилог С. Маркус. Тие две далечни оски генерираат ретки, силни реторички фигури, одлика на добрата поезија. Таа живее од постапката „рарификација.“ Истата анализа важи и за исказот „Горчината е горда“.
Откако ќе излезат на видело тие скриени пораки на описот „Горка и горда одлука,“ откако ќе разбереме (декодираме) што точно сакаат да ни кажат, ние се прашуваме: каква е таа „горка гордост“ наспрема обичната?; каква е и таа „горда горчина“ или „огорчение“(Конески) ? Тука треба да се укаже на два вида гордости за кои, во нашиот јазик, не постојат посебни називи, односно на разликата меѓу огорченоста (ресантиман) за која зборува Ниче во „Генеалогија на моралот“ и револтот (побуна) за кој зборува писателот Албер Ками во својата култна книга „Побунетиот човек“ (L’homme révolté).
За еден вид гордост зборуваат Фрацузите кога го користат зборот orgueil, за друг кога велат fierté. Првата е поблиску до тоа што се вика amour-propre (самољубје). Втората потекнува од добро завршена работа. Таква е или тука некаде е „горката гордост“ на премиерот Заев. Што се однесува до „гордата огорченост“, треба да се рече дека е таа поблиску до побуната/револт на Ками и подалеку од труењето на душата за кое зборува “Генеалогијата…“ на Ниче.
Вистина е дека спорот со Грција беше еден наметнат спор. Вистина е дека, по многу нешта, тоа беше еден ирационален спор. Вистина е дека грчката дипломатија успеа да го убеди светот (Ст. Андов) дека името Македонија има иредентистичка контоција кој, потоа, постави услов: или име со гео-додавка, или нема НАТО и ЕУ без додавка. Значи, тоа беше императив. За владата на Заев во екстремно лоша конфигурација на политичките сили. Тој мораше да сработи нешто по заповед на дивото „мора.“ Не по волја на питомите „сака“ и „треба“. Тој го саботи тоа. Задоволството од сработеното, гордоста која се добива е сепак една гордост (fierté) која горчи, како што многу убаво и точно кажа. Со „првикус на трпко вино од петрински лозја“, би додал Конески.