АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Дуриданов наведе еден детаљ од Историјата на Конески кој дава основа да се мисли дека, своевремено, словенските маси се спуштиле дури до Пелопонез, за што сведечел топонимот „Гардаки“ кој, сапоред Историјата на Конески, бил грчка адаптација на словенизмот „городец“.
Во август 1974 се најдов се најдов ма Летниот семинар за бугарски јазик и литература, заедно со Иво Прањковиќ и Боривое Радаковиќ, првиот асистент на Филолошкиот факултет во Загреб, а вториот видно име во редакцијата на тогашниот неделник Око, чиј уредник беше поетот Горан Бабиќ. Имаше некои, коџамити, крупни отпори на мојата матична катедра да учествувам на тој Семинар па така, отпатував таму донекаде на своја рака.
Имено, за мене беше повеќе од доволна (и пресудна!) препораката на покојниот Блаже Конески кој добил писмо од тогашниот директор на софиискот Семинар Кујо Куев, професор по старобугарска литература на универзитетот во Софија. Тој му се обратил на Конески со писмо да одбере човек од скопскиот универзитет кој ќе го прати на софискиот Летен семинар. Изборот на Конески паднал на мене па така, и покрај отпорите на мојата матична Катедра, јас се најдов во Софија во таа далечна 1974 г.
Ми остана во живо сеќавање од тој софиски Семинар едно предавање на знаминитиот бугарски лингвист Иван Дуриданов (1920-2005) на тема од историјата на бугарскиот јазик. Меѓу другото, во тоа предавање Дуриданов се повикуваше и на некои детали од Историјата на македонскиот јазик (1967) на Конески во која бев добро упатен. Веќе не се сеќавам по кој повод и со кој мотив, меѓутоа добро се сеќавам дека Дуриданов наведе еден детаљ од Историјата на Конески кој дава основа да се мисли дека, своевремено, словенските маси се спуштиле дури до Пелопонез, за што сведечел топонимот „Гардаки“ кој, сапоред Историјата на Конески, бил грчка адаптација на словенизмот „городец“.
Причина да се потсетам на тој детаљ од предавањето на Дуриданов беше една изјава на нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров кој, деновиве, му беше домаќин на својот грчки аналогон Никос Коѕиас . Речиси по една деценија тој дојде во Скопје со седум (тврди) точки на својата влада кои треба да помогнат да се реши „спорот со името Македонија.“ Една од тие седум точки на атинската влада предлага името Република Македонија да се смени во „ГорнаМакедоника“ или „Горнамакедонија“ затоа што, на тој начин, ќе била отстранета заканата од „иредентизам“ кон територија со име Македонија во сегашна Грција. Таа отсекогаш била грчка. Во неа немало никогаш сповенско население. Иако, како што сведочат учените лингвисти Дуриданов и Конески, словенизми можат да се најдат дури на Пелопонез, а не само во Северна Грција (Егејска Македонија) која стана тоа по 1913 г.
Изјавата-коментар на нашиот министер Никола Димитров на точката „ГорнаМакедоноја“ или „Горна Македонија“ беше, во добриот дух на еден вид дипломатска пристојност – дискретна, деликатна, отмена, супериорна. Иако сето тоа некако се меша со некој вид склоност кон мачно и мрачно самопонижување кое гази по човечноста, во името на повисоки цели какви што нема, затоа што повисоки цели од човечноста ни не може да име.
А што и како рече Димитров за предлогот на Коѕиас? Тој рече дека ќе било „малку потешко“ да им се објасни на Македонците зашто би бил за нив „добар, разумен компромис“ ако се согласат тие да се викаат „ГорниМакедонци“ или “Горнимакедоноци.“ Тоа свое „малку потешко“ Димитров го изговори со некои видливи напори, со упадливи семантички паузи кои кажуваат многу повеќе од тоа што го кажуваат меките зборови „малку поешко“, а пак тие напори и паузи јасно кажуваат дека е неможно да му се објасни на простиот, обичен свет како и зошто неговиот прв сосед подобро знае од него зошто е добро за него само тоа што е добро за неговиот сосед, но не и тоа што самиот си мисли дека е добро за него. Така, по којзнае којпат, доаѓаме до ирационалната (надвор од умот) димензија на еден меѓудржавен спор за кој нема, ниту може да има разумно (рационално) решение. Уште помалку – достоинствено! Иако збоот достоинство не го вадат од уста веќе две децении политичарите и на двете земји кои „преговааат“ за името.
За какво достоинство (dignitas, axiprepeia) може да стане збор кога твојот сосед Грк ти вели дека ти си го украл името Македонец? Дека сега е време да ја признаеш таа кражба? А ќе ја признаеш кога ќе го смениш тоа име што си го украл? Ќе го смениш според мислата и умот на тој сопственик-сосед кој, под притисок на некои демографски движења во историјата и самиот, врз словенски основи, во духот на својот јазик, правел некои топонимиски адаптации во срцето на елинскиата држава какво што е Пеолопонез со Спарта, за што добро зборува она „гардаки“ со основа во “городец“?.
Ако не може, во такви околности, да стане збор за достоинство (почит кон себеси како услов за почит кон другиот), тогаш достоинствено е да се стави точка на преговори кои немаат минимум шанса да завршат – достоинствено.