Делата на еминетниот сликар се начин да се заплови по светлината на животот, се вели вотекст на „Мактел“
АНЕТА ШИЈАКОВА
Еден од најдобрите уметници во Македонија, но и пошироко, академскиот сликар Горјан Ѓорѓиев трета деценија го освојва светот со својата автентична уметност која е вистинска експлозија на бои, емоции и движења кои пренесуваат универзални пораки. Негови дела се наоѓаат речиси на сите континенти, а зад себе има 17 самостојни изложби и многу групни постановки и ликовни колонии во Македонија и во странство.
Веќе трета деценија вашите најдлабоки инспирации ги пренесувате на сликарското платно и се уште имате многу изненадувања за домашната и странската публика. Како гледате на вашиот досегашен опус?
– На убавина… Се радувам кога по некоја случајност ќе видам некое мое дело, кое одамна го вдомила некоја фамилија, се воодушевувње гледам на мојот тогашен среќен емотивен момент кој сум го пренел на платното со некој од моите омилени симболични композиции.
Кога гледнам назад кон сите мои дела, со сигурност можам да заклучам дека бадијала не сум дошол на светот, со мојата линија и боја сум направил ликовен вонвременски квалитет кој дури и сега одлично се вреднува, но и прекрасно коренсподира со луѓе кои се докажани во светот како интелектуални квалитети и племенити личности. Тие и нивните поколенија ќе ја чуваат и негуваат мојата ликовна експресија. А јас и понатаму колоритно ќе живеам низ вековите.
Бикови, ангели, трубачи.. Од вашите слики зрачи голема мистична моќ. Што за вас значат овие мотиви?
– Разоткривање на мистиката и креирање нова читлива симболика за мое исполнение и хедонизмот на „убавите“ луѓе.
Бикот е битие на сила, симбол кој треба да ни биде водилка во животот. Во страста , убавината, силата, племенитоста, љубовта но и доследен кон себе без разлика на разочарувањата и болката која може да пресретне до крајот на животот.
Ангелите се меѓу нас за оние кои не можат да ги видат јас ги насликувам. Тие се љубопитни и не следат за да најдат некоја душа која понатаму би им се придружила во бесконечноста.
Трубачите тие трубат најгласно што можат, за да ни укажат дека сите сме составени од светлина, да ја тргнеме лошата мисла и да бидеме божествени затоа што секој го носи светот во себе.
Експлозија на бои, емоции, динамика и страст. Тоа е она што на прв поглед се забележува на вашите дела. Кои се вашите најчести инспирации и каква енергија ве води низ творештвото?
– Единствената енергија што ме води се секвенците на позитива во просторот.
Инспирација е уловениот момент на веселата насмевка на некои минувачи, музиката, мотивирачкиот ритам, веселоста на цинганчињата задоволни со едно корче леб. Вистинска и транспарентна љубов на некој стар или млад пар. Природата со сета нејзина убавина и суровост. Кога сево ова ќе се допре до мене, но и со актуелната негативна реалност која ни ја сервира наметнатиот Матрикс се случува експлозијата на бојата.
Љубителите на уметноста секогаш знаат да препознаат добра слика. Како вие го доживувате односот со таа публика?
– Најмногу ги сакам оние кои купуваат дело поради тоа што го чувствуваат и сликата е сопатник во сите нивни весели случувања. Резервиран сум кон оние кои купуваат слики само поради нивната материјална вредност. Ги сакам и оние што ќе ме замолат да дојдат и да уживаат помеѓу моите слики. Моите фанови ги доживуваат моите слики, но и си прават свои приказни и гледања, така доаѓа до некоја интересна синергија каде што јас како автор заедно со опсерваторот ја зокружуваме целината на моментот.
Ваши слики има и во Австралија. Каква енергија пренесуваат тие?
– Да, во Австралија почнав од минатиот век со тогашниот австралиски амбасадор Кемпбел. Тој тогаш специјално дојде од амбасадата во Белград за да купи мои дела, за тоа време тоа беше голем куриозитет. И други убави фамилии наши иселеници имаат извезено мои слики и со нив сум често во срдечен линк. Ако ја прочитаат статијава топло ги поздравувам. Инаку да, за австралиското поднебје сигурно сликите се автентичен момент наспроти нивната сега фаворизирана абориџинска уметност која ја ценам.
Пандемијата ги скрати можностите за изложби и претставување на уметниците во земјата и странство. Вие сте имале многу изложби и во Македонија и надвор. Имате планови за ново следно претставување?
– Да и не. По 36 години творештво ја немам силата да партиципирам во националните установи од Х причини.
Но, за моите љубители на 23 мај 2021 година на мојот 56-ти роденден ќе ја отворам новата голема галерија до мојот дом на Водно, каде љубителите на мојата уметност ќе можат да уживаат во нова поставка која ќе биде менувана на секој шест месеци.
Каде ја гледате услогата на сликарот и сликарството во современиот свет?
– Суштината на сликарот е да се одслика себеси, сите врвни сликари го направиле тоа без присила и потреба да се допаднат. Оригиналните естетики и прикази се водилки во светската естетика, но и етика.
Кои се главните пораки кои сакате да ги упатите со вашите слики?
Горјан Ѓорѓиев: Силата на бикот да е со вас.
– Сакајте се, всушност -толерирајте се, погледнете ги моите платна кои ќе ви помогнат да запловите по светлината на животот.