„Зојкиниот стан“ на Михаил Булгаков е често поставуван драмски текст. Во одлично сеќавање ми е и изведбата во Драмски театар – Скопје. Од друга страна, таквиот текст бара голема одговорност од режисерот што го поставува.
Деновиве претставата на Београдско драмско позориште – Белград, во режија на таму гостинката нашата Наташа Поплавска, гостуваше на сцената на Македонскиот народен театар – Скопје. Полниот салон (особено кога станува збор за театар/актери од Белград) пред актерите на сцената постави и поголема одговорност. Меѓутоа нивната игра ги покажа и сите недостатоци на режијата кои, разбирливо, се пренеле на нив.
Претставата нема цврст контакт со одбраниот текст и настаните низ кои поминува секој лик. Нема систематски пристап кон дејствието во кое се различните животни искуства, копнежи, страсти, изневереност, напуштеност.
Од друга страна, Поплавска која на истата сцена на МНТ постави два добри мјузикла, и низ режијата на „Зојкиниот стан“ меша елементи на мјузикл што не се во содејство со текстот и изведбата. Особено и поради фактот дека при поставувањето на оваа драмска фарса на Булгаков не се потребни (речиси недозволиво) мешања на жанровите. Иако ги имала сите услови во Театарот да создаде „голема“ и би рекла и раскошна претстава.
Измешаноста на жанровите се и најголема сопка за актерите.
Ако се испочитува играта на Ана Софреновиќ како Зојка и на Анѓела Поповиќ во ликот на нејзината домашна помошнича Мањушка, другите ликови (Театарот не донесе програмско ливче) се недооформени. На сите им требала поголема работа и цврст режисерски концепт. Вака секој како да лунѕа по ликот и никако да се најде во целината/претставата.
Темата на фарсата се случува во постреволуционерниот период во времето на новата економска политика на Ленин во Советскиот сојуз. Тоа е време полно со политички превирања кои на луѓето им носат и големи разочарувања, профитерства, беда и борба за опстанок.
Во една ваква и денес актуелна тема, мајсторски сработена од Булгаков, мешањето на жанровите и „посветеноста“ на режисерката на надворешната страна на општата атмосфера, ги држи сите учесници речиси в место, или секој да се снаоѓа сам.
Како сите на сцената да се оставени сами на себе, да се снаоѓаат кој како умее. Оттаму е и, во најмала рака, карикатуралноста на ликовите и на целата претстава. Затоа и таа е полупразна, под очекувањата најнапред од Поплавска, а потоа и од омиленото на македонската публика белградско глумиште.
Било какво „разглобување“ на овој „Зојкин стан“ на Београдско драмско позориште, води кон недоразбраност или површност кон обработката на Булгаковата драмска фарса од страна на режисерката Наташа Поплавска.