АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Дас се презре „докрај и привид и лага“, тоа не значи друго освен човек да се „заборави себеси,“ поправо својот живот. Потребно е да се „заборави себеси“’ за да може да положи живот на олтарот на слободата во широка, и на олтарот на татковината во потесна смисла. Тоа е парадокс, вели писателот Ками во поглавјето „Деликатни убијци“
Овој текст го пишувам за поширокота, евентуално најширока читателска публика. Но и за сите оние, повеќе или помалку, учени луѓе кои живеат од/за политика. Тие луѓе неретко му даваат високо, прво место на т.н. национален идентитет во комплексот други кои го обликуваат интимниот лик на човек. За таа цел ќе се повикам на еден епизоден лик од повеста „Крчмите“ на Конески од 1942, првпат објавена во книгата „Лозје“ (1955), кој се вика Аритон Газозаџиев. Патем да кажам: неговата проза денес малку се чита. Има за тоа две причини: а) по таа книга Конески престана да пишува проза; б) тој се посвети на поезијата; таа ја потисна на втор план неговата чудесна проза.
Тој Аритон Газозаџиев студирал агрономија во Софија, како и главниот лик во „Крчмите“ Кочо (маска на Конески) кој студирал филологија. При една средба во главниот град на Бугарија, Аритон му се доверил на студентот по филологија: „Јас одам горе…знаеш веќе каде [кај партизаните – „шумкари“ како што ги викаа Бугарите].” Кон тие зборови главниот лик Кочо го додава следниов коментар: „Немаше во гласот и во погледот негов ниту фалба ниту пак некаква нијанса на презир за тоа дека, ете, другар му заборава на долгот [да стане и тој, како и толку млади Македонци, партизани].“
По таа средба Кочо се повлекува во едно „прибалканско гратче“ (Софија во таа 1942 година била бомбардирана од силите на сојузницита) каде што бара начин да се врати во Скопје. Многу се изненадил кога случајно го сретнал таму и оној Газозаџиев, за кој си замислувал веќе дека „броди вкрст низ македонските планини“ како партизан. Тој му објаснил на изненадениот Кочо: „Чекам јавка.“ Кон тоа Кочо го додава следново објаснение: „тој си нашол работа во месното агрономство или лесничарство.“
Каква врска има ова мала епизода од „Крчмите“ на Конески со темата „национален идентитет“ и Гоце Делчев кој, како што се знае, го дал својот живот за слободна, или автономна Македонија во рамките на Отоманската империја и, згора на тоа, со актуелента, острастена расправа дали Делечев се борел за Санстефанска Бугарија (Чепреганов), став на бугарсаката историографија и политика, или за слободна Македонија, став на КПЈ на чело со Јосип Броз Тито на кој подлегнале македонските комунисти според сегашниот Мемурандум на владата на г. Б. Борисов кој го упати до земјите-членки на Евро-унијата?
Оној „долг“ за кој зборува Конески во повеста „Крчмите“ е долг на секој човек кон неговата татковина и, во крајна анализа, кон слободата. Пишува за тоа во 1942 и писателот Албер Ками во неговите славни писма „До германскиот пријател“. Во едно од тие четири писма Ками кој, во тоа време поминува во илегала како член на францускиот Отпорот против фашизмот, му вели на својот замислен германски пријател: “Ние ќе победиме затоа што на наша страна е – правдата.“ А правдата е на страната на згазени и понижени. На друго место тој писател вели дека доаѓа време кога понижениот и згазен роб му вели на својот господар: „дотука да, оттука натаму – не!“ Тому тоа „оттука натаму – не!“ го кажаа и нашите Илинденци во 1903 кои ги организираше првиот човек на ВМРО Гоце Делчев. Такво „не!“ кажаа и мекедонскити комунисти кои први се кренаа против воената и, потоа, административна окупација на Македонија што Хитлер и ја препушти на соседна Бугарија, сојузник на силите на Оската под водството на обичен „каплар“ како што го нарекувал Черчил.
Иако тој долг е долг на сите луѓе во екстремни околности, не сите луѓе се во состојба да положат живот на олторот на слободата во широка, и на оној на татковината во потесна смисла. И за тоа зборува Конески во лирска форма – сонетот „Девственици,“ посветен на Г. Делчев, П. Тошев и Д. Груев, како и во песната „Че Гевара,“ Аргентинец по потекло. Тој, рамо до рамо, со Фидел Кастро се бори за слободата на Куба, а гине во Венецула. На тоа потсети, при еден повод, г. Б. Борисов кој го спореди со Г. Делчев од Кукуш. Првите луѓе на ВМРО Конески ги нарекува „аскети преки“ во „Девственици,“ а пак „аскети преки“ се сите оние што „презреле докрај и привид и лага“ и затоа „не живот, а смрт бара[ат]“, поентира тој во песната „Че Гевара.“
Дас се презре „докрај и привид и лага“, тоа не значи друго освен човек да се „заборави себеси,“ поправо својот живот. Потребно е да се „заборави себеси“’ за да може да положи живот на олтарот на слободата во широка, и на олтарот на татковината во потесна смисла. Тоа е парадокс, вели писателот Ками во поглавјето „Деликатни убијци“ (руските терористи на Савинков; тие, во 1905 го убиваат кнезот Сергеј, вујко на цар Николај II); тие луѓе толку многу го сакаат животот, вели Ками, што го забораваат својот. Или – презираат, вели Конески. Како и нашите „аскети преки,“ како и славните велешки „Гемиџии,“ како и сите оние партизани што положија живот за слободна Македонија.
На тој „заборав“ посветува посебно внимание и Цветан Тодоров во својата книга „Ние и другите“ (“Nous et les autres”, 1989). Во долгото поглавјето „Нација и национализам“ (стр. 237-260) тој „апостол на хуманизмот“ зборува за базичен идентитет кој се обликува на најрана возраст и кој, во текот на животот, не се менува; тој се стврднува (crispation). Врз таа база почиваат: идентитетот на кварт или на маало, потоа оној на град или на село, па идентитетот на нација, па оној на дел од континент (Балкан), па на континет (Европа) и, конечно, на светот, за кој Тодоров го користи името „супранационален идентитет.“
Во својот роман „Самураите“ Јулија Кристева, Бугарка по потекло која, како и Тодоров, беше „родоотстъпник и апатрид“ во времето на Живков затоа што стана Французинка, вели: нејзиниот земјак совршено зборувал француски, напишал и еден куп книги на тој јазик, но не можел да се ослободи од мекиот, словенски акцент. Тоа кажува дека оној „базичен идентитет“ не допушта никакви промени, што не е случај со сите оние други кои се врзуваат за него. Ете и зошто во 2011, кога примаше награда во Шпанија за својот опус, Тодоров изјави: „Јас излегов од Бугарија, но таа не излезе од мене.“ По истиот начин и Делчев, кога би бил жив, би можел да му каже на г. Борисов: „јас излегов од Македонија за да учам воено школо во Софија, ама Македонија не излезе од мене.“
Семејството, свет во кој се обликува оној базичен идентитет на човек кој не се менува во текот на цел живот е – вистинското „училиште на солидарноста,“ наспрема националниот идентитет кој може да се нарече како вид училиште на оној „заборав“ за кој зборуваат и Конески, и Ками, и Тодоров. Во екстремни (ѕверски!) околности кои бараат од секој човек да востане против насилството, кога употребата на сила станува легитимна затоа што насилството може да се победи само со поголема сила, оној национален идентититет избива на прв план. Тој ги потиснува сите други, но не и оној – базичен. Тој базичен идентитет има и своја логика. Тоа е логика на солидарноста, вели Тодоров, наспрема националниот идентитет кој подразбира една логика на – заборавот. Ние сме солидарни повеќе со своите најблиски, потоа со своите роднини, па соседи итн. Помалку солидарни сме со луѓе од своето мало и кварт, уште помалку со оние од село или град во кој живееме, па од регионот во кој се наоѓа тоа село или град и, најмалку, со луѓето од нашиот народ или нација. Така е затоа што оној базичен идентитет е конкретен, наспрема националниот кој е – апстрактен.
Можеме сега таа работа да ја поедноставиме вака: Гоце Делчев потекну-ва од релативно имотно семејство на кукушки меанџија. Тој Кукуш,.кон полови-ната на 19 век, крева глас против цариградската патријаршија со закана дека ќе се приклони кон папата ако допушти служба на црковно-словенски јазик. Таа борбена традиција на Кукушани против грчкото духовно ропства не можела да не остави печат врз менталниот склоп на првиот човек на ВМРО. Тој печат влегува во неговиот базичен идентитет кој, како што се рече, не се менува. Значи, Делчев е прво син на еден Кукушанец, потоа човек од Кукуш, па од Јужна Македонија како дел од турска Македонија во која се враќа откако го напушта офицерското школо во Софија, Под маската егзархиски учител, тој подготвува востание во Македонија. Што треба да заклучиме од сето тоа?
Во таа идентитетска низа националниот е на последно место. Токму затоа може и да се менува. Тој подразбира еден вид „заборав“ во екстремни околности кога човек жртвува живот за слобода на сите. Тоа го прават, без колебање, само оние „аскети преки“ на Конески или „деликатни убијци“ на Ками. Не и луѓе како оној Газозаџиев од „Крчмите“ на Конески. Сите оние радикални националисти од ВМРО-ДПМНЕ или јастреби во владата на г. Б. Борисов во мирно, „демократско време,“ се луѓе на кои не треба да им се верува. „Тие мислат само на себе“, вели Конески во својата песна „Лажни пророци.“ Професионални националисти се тие „лажни пророци“ кои живеат од/за власт. Јас сум убеден дека и г. Борисов добро го познава делото на нивниот „апостол на хуманизмот“ Цветан Тодоров. Затоа и прашувам, јавно: „на къкво општо основание“ вели дека легендарниот Делчев имал „българска съзнателност“ и – ништо друго? Освен тоа, г. Борисов „хич“ не е „някой фълшив“ Европеец само затоа што е “първо Българин!“