АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Во својата лирика Блаже Конески ги опишува првите луѓе (Гоце Делчев, Пере Тошев и Даме Груев) на македонската револуција од почетокот на 20-ти век како „аскети преки“, а пак во песната за Че Гевара вели дека тој професионалн револуционер бил од семејството на оние „аскети преки“ кои барале „смрт, а не живот,“ затоа што тие презреле „докрај и привид, и лага“
Цветан Тодоров (1939-2017) е мислител со голем меѓунареден углед од бугарско етничко потекло, човек кој до својата 23-та година живее во Бугарија, а потоа заминува во Франција и речиси сите свои книги (околу педесетина) ги напиша и објави на француски јазик. По своја волја тој стана натурализиран Француз и за прпат по 18 години (во 1981) години се враќа во Бугарија како член на француска делегација која учествува на научен симпозиумот „Илјада години од бугарската држава.“ На тој симпозиум настапува со едно соопштение во кое зборува за „еуфорчен национализам,“ главна одлика на сите балкански нации и култури. Тој го споредува тој „еуфоричен национализам“ со оној во Франција од времето на аферата Драјфус, значи нешто туѓо за денешната француска култура во која се вклучува и ја прима како своја по 1963.
Гоце Делчев (1872-1903) е некој вид професионален револуционер кој актуелниот премиер на соседна Бугарија го споредува со Че Гевара затоа што се родил во една земја, војувал за друга, а загинал во трета. Во својата лирика Блаже Конески ги опишува првите луѓе (Гоце Делчев, Пере Тошев и Даме Груев) на македонската револуција од почетокот на 20-ти век како „аскети преки“, а пак во песната за Че Гевара вели дека тој професионалн револуционер бил од семејството на оние „аскети преки“ кои барале „смрт, а не живот,“ затоа што тие презреле „докрај и привид, и лага.“ Кажано со јазикот на писателот А. Ками од неговата книга „Побунетиот човек“ (1952), тоа се луѓе на изразит парадокс: до таа мера му се посветени на животот што го забораваат својот. Така зборува и Конески во лирска форма кога вели за Делчев, Тошев и Груев: „не сетивте да стане дребен векот, и колку може да навреди жена.“
Од тоа што се рече, во најопшти црти, за еден модерен мислител, Цветан Тодоров, со кој со право се гордеат денес бугарскиот народ и култура, и за еден револуционер, Гоце Делчев, за кој токму сега се води спор: дали е Македонец, Бугарин или и едното и другото истовремено, не може да се повлече никаква паралела. Иако, веќе насловот на овој напис содржи јасна и силна сугестија дека сепак таква паралела може да се направи. Ако „сепак“ може, тогаш прашањето е: како и врз основа на што?
Во својата автобиографска книга „Должности и наслади“ (2002) Цветан Тодоров отворено се спротивставува на една долга интелектуална традиција според која човекот е „вкоренет“ (enraciné) во својата матична култура како што растенијата се „вкоренити“ во земјата и затоа вели: „ми предвидуваат дека порано или подоцна ќе ја доживеам потребата да им се вратам на своите корени. Јас не верувам. Луѓето се така направени шгто се откорнуваат од семејството на своите родители и се приврзуваат за своите деца. Моите корени се моите деца, а тие се Французи. А пак идејата дека и должам нешто на Бугарија за тоа што ми го дала, мене ми е туѓа; им должам само на конкретни личности и јас се трудам да го вратам тој долг.;“ „јас не сум веќе во Бугарија – но Бугарија е секогаш во мене’ (Devoirs et délices. Une vie de passeur, стр. 63.)
Кога во 2008 г. Цветан Тодоров ја доби шпанската награда „Прицот од Астуриас“, бугарскиот весник „Стандард“ објави едно интервју во кое новинарот му постави вакво прашање на еден натурализиран Францув со бугарски етнички „корени“: „како се идентификувате, како Француз од бугарско потекло или пак како Бугарин кој станал натурализиран Француз?“ Во духот на тоа што веќе го кажа во својата книга „Должности и наслади, тој „апостол на хуманизмот’ како што го нарекуваат денес Тодоров во Европа и светот, одговара: „Јас излегов од Бугарија, но Бугарија не може да излезе од мене.“ Таа формулација на Тодоров е само блага модификација на онаа веќе кажана од неговата книга “Должности и наслади.“ Таа се разликува само по форма, но не и по содржина (смисла). Што практично ни кажува таа формула која, очигледно, ја релативира составката „нациоанлна култура“ како доминанта во идентитетот на човек?
Таа ни кажува, во прв ред, дека идентитетот на Тодоров како и на секој човек (така и на Делчев!) подразбира некоја основа – културата на семејството во кое се раѓа. Таа основа се врзува за културата на регион кој, од своја страна, се врзува за култура на една нација, дел од поширока, “наднационалната’“ или европска култура. Човек може да ја смени, може да се „откорне“ од својата национална култура како што го стори тоа Ц: Тодоров, но затоа пак “темелот“ (семејна и регионална) култура си останува ист. Врз тој темел се надградува новопримена (француска) култура. Ете зошто Тодоров вели дека “Бугарија не може да излезе“ од него, кон што новинарот додава, со право, еден свој кус коментар: „никогаш нема наполно да се дистанцира од Бугарија.“ Ако јас си допуштам тука да правам некоја паралела меѓу Тодоров и Делчев, јас го правам тоа имено врз основа на тој темел – семејна и регионална култура.
Како што со право денешна, модерна Бугарија го смета Тодоров за еден од оние големи луѓе кои ја прославиле бугарската култура и нација во светот, а го смета врз основа на тоа што неговата родна земја никогаш не излегла од него, така и Македонија (со Кукуш во таа Македонија) никогаш не излегла од душата на Делчев. Затоа што односот семејна-регионална-национална-наднационална култура е, во прв ред, комплементарен, не конкурентен однос, Македонците имаат право да го сметаат (и го сметаат!) Гоце Делчев, кој загина на денешен ден во 1903, за крупна фигура на својата национална култура, без оглед на тоа дали тој се чувствувал или некаде и некогаш се пишал како – Бугарин.
Најпосле, како што од Тодоров „не излегла Бугарија“, иако тој излегол од Бугарија кога станал Француз, така и од Гоце Делчев никогаш не излегле Кукуш и Македонија. Па ако, со право, Бугарија денес може да се гордее со човекот кој до 1984 го нарекуваше „ападрид“ и „родотстъпник,“ со какво право таа бара од Македонците да не го слават и да не се гордеат со Гоце Деклчев кога се знае дека семејната и регионална култура е не помалку важна од – националната? Тоа е право на силата, а не сила на правото со кое денес Бугарија се однесува кон Македонија и за тоа веќе отворено и јасно зборуваагт некои учени луѓе во таа соседна заемја, како што зборува (и го осудува!) и Цветан Тодоров во својата книга „Ново светско безредие“ (Le nouveau désordere мondial, 2003). Но, тоа си е веќе друга тема и за тоа, со повеќе детали, другпат.