Груевски не влезе во затвор, а во 30-дневен притвор завршија пет лица осомничени во истрагата „Империја“ на СЈО: бизнисменот Јордан Камчев и двајца негови соработници, и директорите Цветан Панделески и Тодор Мирчевски
БОРИС ГЕОРИЕВСКИ
Никола Груевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера на домашната адреса не бил пронајден од судскиот доставувач за да му го врачи упатот за извршување затворска казна во траење од две години за предметот „Тенк“. Доставата на судскиот упат уследи откако Кривичниот Совет вчера го одби барањето на Груевски и на неговите адвокати за одложување на извршувањето на казната. Тој во казнено-поправната установа мора да се јави веднаш по добивањето на судскиот упат. Поради неработните викенд-денови, упатот може да му биде врачен лично на Груевски најрано в понеделник, доколку се појави на закажното рочиште за предметот „Титаник“. Со оглед дека во парламентот вчера немаше двотретинско мнозинство (80 гласови) за одземање на неговиот пратенички мандат, Груевски ќе биде затвореник со пратеничка плата.
Претходната вечер, бројни новинарски екипи цела ноќ пред затворската капија го очекуваа доаѓањето или спроведувањето на Никола Груевски. Во исто време, мала група негови приврзаници во знак на поддршка се собраа пред неговиот дом во Кисела Вода. Не го видоа ниту едните, ниту другите.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со пет гласа „за“ одлучи да му препорача на Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски со образложение дека е недостоен да ја врши функцијата. Причината е пресудата за злоупотреба на службената должност во случајот „Тенк“, според која, Груевски треба да оди на издржување двегодишна затворска казна.
Сега на ред е да се изјасни Собранието. Препораката за одземање на мандатот треба да ја поддржи мнозинство од две-третини од пратениците. Такво мнозинство, според изјаснувањето на пратениците од опозицијата, нема. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција ја напуштија денешната комисиска седница пред гласањето, а претходно се изјаснија дека обвинението и пресудата за нивниот поранешен партиски претседател се политички мотивирани.
Против одлуката за одземање на мандатот на Груевски се изјаснија и пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот претставник Сашо Василевски рече дека е против барањето кое се случува во период кога започнува процес на помирување.
Како што веќе пишувавме, одлуката за одземање на мандатот на Груевски нема никаква врска со одлуката тој да оди во затвор, и нема никакво влијание врз неа.
Барањето за одземање на мандатот на Груевски во парламентот се бара заради „осуда за кривично дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник“.
Адвокатот Драган Малиновски и поранешен претседател на Антикорупциската комисија, смета дека Собранието едноставно требало да „констатира престанување на мандатот на Груевски, а не да води постапка за одземање.“
„Членот 65 од Уставот вели дека ‘на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години’. Значи, не според тоа колку години затворска казна некој добил (Груевски две), туку ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години“, изјави Малиновски за ДВ. Од тие причини, вели тој, Собранието треба само да констатира престанок на мандатот на Груевски во моментот кога тој ќе се упати на издржување на затворската казна или по негово шестмесечно отсуство од собраниските клупи.
Согласно листата на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори, пратеничкото место на Груевски треба да го заземе Ѓорги Камчев.
Конечно, и доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски, тој сепак ќе мора да оди во затвор доколку не му успее последната жалба пред Кривичниот совет.
„Се прави фама дали ќе имало двотретинско мнозинство што ќе гласа за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. И да нема двотретинско мнозинство, тоа не е пречка за почеток на издржување на затворската казна“, изјави за ДВ адвокатот Александар Тортевски.
(Дојче веле)