Познатиот новинар Џери, со новата книга ја шармира тинејџерската читателска публика!
В.Г. ПАРГО
Најновата книга на мултимедијалниот пишувач и познат новинар Љубомир Грбевски, беше промовирана на 6 ноември 2020 во ресторанот „Пелистер”. Насловена е Џери за тинејџери: (КАЛЕИДО)СКОПСКИ ШЕМИ (улични легенди и урбани песни удобни како чевли тесни)“.
За книгата се осврнаа писателите Александар Прокопиев и Ѕвездан Георгиевски, со музичка придружба на Јаков Дренковски, а стихови од книгата читаше актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска.
Александар Прокопиев ќе ја опише книгата: апла штосно, акустично, акробатично, бајковито, блескасто, брзозборно, ведро, ветровито, весело, громко, грижливо, гребливо, дирекно, дарежливо, другарски, еуфорично, егзотично, ем емпатично, жешко, жуборливо, жиш, зафркантско, забавно, занаетско, ѕиркачко, ѕурливо, ѕе, интересно, игриво, игличесто, јасно, јужно, јуначко, кондураџиско, кујунџиско, кираџиско, лесно, лекокрило, летно, љубопитно, љубаво, љупко, мангупско, музикално, мамливо, намигливо, натрапничко, негувателско, њежно, њемирно, њезгодно, лвдешно, обратно, огледално, примамливо, парталаво, пресно, разнообразно, различно, разбранувано, симпатично, слатко, слободно, трчлевско, тротинетно, тркалесто, ќерамидно, ќираџиско, ќелешко, урнебесно, улаво, ушлесто,
фино, фудбалерско, финтаџиско, храбро, хакерско, хуморно, циглесто, целосно, царски, чрчорливо, чудникаво,чукнат, џиновско, џуџлесто, џиџано, шашкасто, шарено, шуш-бушаво…
Ѕвездан Георгиевски пак се осврнува со овој опис :
– Љубомир Грбевски и е познат на македонската културна и поширока јавност како долгогодишен новинар, проследувач на случувањата во поп-културата, но и промотор на вредностите на овој специфичен начин на урбано живеење. Се разбира, го познаваме Грбевски и како текстописец. Имено, автор е на повеќе текстови за поп и рок нумери, кои одамна влегоа на вечната македонска евергрин листа. Да, го знаеме Грбевски, иако можеби помалку, и како автор на литература за деца. Тоа што не влегол доволно во фокусот на јавноста како детски автор, не говори толку за неговиот квалитет, колку што говори за нашиот однос кон овој многу битен литературен жанр.Токму затоа сметам дека објавувањето на книгата „(Калеидо)скопски шеми“ на Грбевски е од извонредно значење од повеќе аспекти. Имено, песните на Грбевски се обраќаат до читатели од една специфична животна возраст – помлади тинејџери, оние пред кои допрва следува или тукушто почнува иницијацијата во возрасни луѓе. Самиот факт дека македонската литература страда од хроничен недостиг на дела наменети за оваа возраст е доволна препорака за нејзино објавување. Но, се разбира, не е единствена. Грбевски застанал на лизгав терен. Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но, авторот не само што успешно се справува со овој предизвик, туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област, туку се идентификува со сегашните тинејџери. Грбевски суверено го владее нивниот речник, нивните преокупации, па, ако сакате, и нивните проблеми. Просто е изненадувачки колку успешно се идентификува со сегашната младост.
Посебен аспект е тематската преокупација на авторот. Песните го имаат оној градски шмек, толку редок во нашата литература. Песните, ако може така да се каже, се своевиден прирачник за урбаното живеење. Тие се „питки“, пишувани во релативно прецизна и приемчива метрика, лесни за читање, а сепак ја разгоруваат фантазијата на младиот читател. Сите ние го криеме своето детство во себе. Додека ги читав песните на Грбевски, неговите „стихувани бајки“, во кои се споменуваат и Бред Пит, и мобилни телефони, и панк-бендови, и вонземјани, принцови и принцези, морам да признам дека и јас успеав да влезам во овој негов волшебен свет.
Сакам да кажам дека песните на Грбевски ќе бидат уживање не само за читателите за кои се формално наменети, туку за сите нас, за сите деца од седум до 97 години”, заклучува промоторот.
Љубомир Грбевски е роден во Скопје 1953 година. Неколку години работи во библиотеката на ССМ, а поголемиот дел од работниот век го поминува како новинар во ревијата „Екран“, во дневниот весник „Македонија денес“, во неделникот „Денес“…
Како новинар и музички критичар е еден од најпознатите, пред сè е познат по написи и рецензии за македонската и светската рок и џез музика, а воедно и како селектор и
долгогодишен уметнички директор на познатиот „Рок Фест“.
Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација.
Збирката Стихови празни и рими безобразни – антипесни тинејџери, е негова дебитантска книга која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата (Хоро)скопски шеми во печат се појавува 2009.
Во 2016 година излегува неговата книга Бајки тралалајки за „урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019 книгата Лет со умот, кон папокот на Универзумот.
Неговата пиеса „Сликата на Дориан Змеј“ е влезена во Антологија на драмски текстови за деца и млади во 2013, а пак бајката „Мал крал“ е влезена во Антологијата на македонски авторски бајки.
Неговата, пиеса „Како шутот доби на дар, работно место да стане цар“ е снимена како радиодрама во 2018.
Во светот на македонската рок музика е познат како автор на либретото на првата македонска рок- опера Житието на сликарот (1981)и како автор на полчасовната рок- поема Седумте пеења на пророкот (2012).
Се јавува и како текстописец на над седумдесетина текстови за рок
композиции. На манифестацијата „12 Величествени“ во 1992 прогласен
е за текстописец на годината. Негови се и стиховите на антологиската фолк мелодија “Русе ле моме убаво” од Наум Петрески.
Годинава се претставува со својата најнова книга –(Калеидо)скопски шеми.
(TEXT.MK – опремата е на Глобус)