НИКИЦА КОРУБИН
Граѓанскиот концепт кој се обидуваме да го градиме повеќе од три децении, во сложени услови на мултиетничко општество, со „партиска” леснотија го враќаме на почеток. А, тоа не’ враќа на изворниот проблем: причината за постоењето на партиите како такви, кризата која интензивно го разорува општеството деновиве …
Кога Прибе говореше за феноменот „заробена држава” фокусот беше на злоупотребата што тогаш се правеше, како и суспендирање на системот во име на партијата. Малку кој, ја забележа главната оска на “заробената држава”, а тоа е целосната замена на постулатите на државата со интересите на партијата. Всушност и првичното заробување на државата беше и направено поради самата партија. Бидејќи не може истовремено да има два “владетели”, зарем не, државата и партијата?
Речиси триесет години на независност, точката на обединување е европската интеграција на земјата. За сите, без исклучок, од каква и да е провиниенција, европската иднина никогаш не била ставена под знак прашање. Сите, работеле на тоа или барем не работеле против тоа.
Но, кога сме конечно поставени пред отпочнување на преговорите со ЕУ, и кога конечно сите ќе мораат да се занимаваат со вистински проблеми во општеството и да се пристапи кон суштинска трансформација и реформа; ние повторно, ненадејно започнавме интензивно да се занимаваме со етничкото и етницизмот по сите основи, а сега и по основа на етничката припадност во личните карти. Па, нели за „граѓанинот” не беше битна „етничката” припадност? Нели се боревме сите да бидеме исти пред правниот поредок, без разлика на личната определба? Зошто „етничкото” повторно се врати на врвот на интересот, па тој се појавува или во форма на одбрана на „идентитетот и јазикот” или како сега во форма на етничко изјаснување во личните карти? Некаде помеѓу е се разбира, етничкото пребројување на пописот. Зошто, преку ноќ, никој повеќе не се интересира за правната држава, владеењето на правото, човековите права, демократизацијата? Што се случи, од донесувањето на Законот за јавното обвинителство, како пример на јасна определба на државата пред една година, до враќање на етничкото пребројување една година подоцна? Како и зошто од иднината на дофат, потонавме во блиското минато?
Се чини дека, етничките теми се наједноставната алатка по која нашата партократијата посегнува кога не може, не знае или не сака да се соочи со се’ друго. Но, зошто нашите партии не може да ја направат дистанцата од државата? Зошто за нив, се уште државата е „продолжена рака” на партиските одлуки? И зошто упорно, препораките и предупредувањета од ЕУ ги адресираат до сите со многу мала или никаква моќ, а не до нив самите, реално со најголема моќ? Зошто ние граѓаните остануваме заложници, на тие кои постојано не’ повикуваат декларативно да се реформираме, а самите одбиваат: партиите. Суштински, а не декларативно. Дали е тоа токму поради моќта, која одбиваат да ја делат, на пример со институциите на државата? Нели е нормално во граѓанска држава, граѓаните да ја имаат моќта? И нели е нормално, партијата да биде патот до државата, а не самата држава? Тоа одбивање на јасно разграничување, во прв ред ги става нивните интереси. Кои во моментот на судирот со општите интереси, на површина го вади нивниот страв. Стравот на партијата од реформата на општеството. Стравот на партијата од системот на вредности. Стравот на партијата од европската иднина, од неизбежната контрола и владеење на правото. Ама, правото по закон, а не „правото да се владее”.
Каква ќе биде иднината, во многу зависи од процесот на “демократизација” и „нормализација” на партиите; и од процесот на надминување на “стравот”. Засега стравот од одење напред е поголем од стравот од враќање назад, на почетокот.