НИКИЦА КОРУБИН
Треба да сме свесни, дека позади секој наш поединечен идеал, седи една брутална калкулација. И таа за разлика од нашата наивност и отвореност, затворено го чува својот „простор”. Оној кој мисли дека нејзе и припаѓа. Ако треба и „независна” ќе стане
Една година подоцна, се чини дека големите партии сепак се длабоко загрижени за големиот губиток на гласови од граѓани, на кои функционалниот систем им е побитен од партијата.
Минатогодишните парламентарни избори беа обележани со драстичното намалување на поддршка, и лево и десно, во условно кажано, македонскиот дел. Посебно лево. Иако, трендот на чисто граѓанска поддршка и во условно кажано албанскиот дел е со слични тенденции. Денес имаме, генерално гледано, прилично оттуѓена партократија, од секаква провиниенција и големина. Довербата е речиси целосно изгубена, а и начинот на нивно делување речиси целосно обесмислен. Едноставно кажано клиентелизмот, површноста, итроштината при глумење делување, зачинето со брутална но приземна пропаганда; се исцрпува себе си’. Како ретко кога крајно е продлабочен дијапазонот и свеста за тоа што е држава, помеѓу граѓаните и партиите, во корист на граѓаните. Тие се во моментот, генерално, далеку посериозни од партиите, иако партиите сесрдно се трудат во односот и пристапот, да ги држат на ниво на малолетни деца, користејќи ја инфантилноста во комуникација како modus operandi.
Иако, декларативно сите се за граѓаните, во основа сите се за интересот. Личниот и оној на партијата. Таа неспособност, да се направи јасна или било каква дистинкција помеѓу партијата и државата, го загрозува опстанокот на смислата на уставноста на државата. Се’ уште е добар опис синтагмата “заробена држава”. Но, суштински сите се против граѓаните односно за партијата, самосвесниот граѓанин е најголема опасност. Оттаму и таа “инфантилизација” во комуникацијата. Тој страв ги обележува и овие локални избори.
Па, наеднаш сите се “граѓански”. Некои се и “зелени”. Наеднаш, партиите се “движења”, а кандидатите “независни”. А, сите заедно треба да ги поклопат и апсорбираат вистински независните. Кои треба да се свесни дека, партиите од моќта тешко се откажуваат. Во моментов се чини дека не се (доволно) свесни. Во таква миш-маш ситуација, крајната цел е збунетоста. Ако, досега главната тактика беше “политиката е најлошото нешто” за никој да не се охрабри да влезе во узурпираната и предодредена територија, сега тактиката е посуптилна. Сега се “освојува” просторот на граѓаните, активистите и независните. Со нивно оружје. Иако, навидум, за публиката е невидливо и е во обланда на “независни” кандидати, врските никогаш не се прекинати. Врските со моќта, која не се откажува од својата власт.
Ако во 2016 се мереше рејтингот на “шарената револуција” сега се мери рејтингот на “независните листи”. Дали пет години подоцна, се исполнија идеалите, заложбите и напорите на граѓаните, како индивидуалци што беа дел од тоа изворно граѓанско движење, кои без страв и калкулации влегоа во таа борба? Тешко. Бидејќи историјата е учителка, а оваа историја е тазе, треба да сме свесни, дека позади секој наш поединечен идеал, седи една брутална калкулација. И таа за разлика од нашата наивност и отвореност, затворено го чува својот “простор”. Оној кој мисли дека нејзе и припаѓа. Ако треба и “независна” ќе стане. Таа калкулацијата. Чија? Одговорот е прилично лесен.