Унапредувањето на свеста за потребата од интегритет и професионално, одговорно и ефикасно работење кај носителите на јавни функции и јавните службеници е суштинско за менување на политичката култура, која, мора да си признаеме е недоволно развиена, смета Грковска
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/04/na-frontot-1024x447.jpg)
Антикорупциската борба е систем на сврзани садови и кога клучните елементи во тој систем целосно затајуваат, последиците ги чувствуваме сите. Четирите проценти доверба во судството се доволни да ја опишат оваа состојба, но и да покажат дека само со темелни промени во оваа гранка на власта и елиминирање на неказнивоста, вистински ќе функционираат и ќе дадат резултат сите други механизми.
И само така може да ја менуваме целокупната култура, менталитетот и односот на секој поединец кон корупцијата, која го разјадува општеството, го блокира развојот и ни ја краде иднината и перспективите“, истакна Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната конференција на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Нагласувајќи ја важноста на проактивниот однос на сите институции кога станува збор за спречување на корупцијата, вицепремиерката Грковска посочи дека институциите и носителите на функција не смеат да ги игнорираат наодите од кој било релевантен извештај.
Унапредувањето на свеста за потребата од интегритет и професионално, одговорно и ефикасно работење кај носителите на јавни функции и јавните службеници е суштинско за менување на политичката култура, која, мора да си признаеме е недоволно развиена, изјави Грковска.
Во своето обраќање, таа се осврна на тековните активностите предводени од нејзиниот Кабинет во насока на јакнење на антикорупциските практики и механизми во извршната власт.
Меѓу нив се напорите да се обезбеди трајно системско решение за задолжителни обуки за интегритет и антикорупција, стимулирање на проактивната транспарентност на институциите, подобрување на правната и регулаторната рамка за јавните набавки, подготовка на закон со кој ќе се дозволи конфискација на имот за кој судот одлучил дека не може да се докаже дека е стекнат од законски извори и измени на прописите со кои се уредува функцијата в.д. директор за да се ограничи злоупотребувањето на позицијата.
Вицепремиерката Грковска, исто така, нагласи дека подобрувањето на пристапот до услугите за граѓаните и елиминирањето на корупциските ризици се во основата и на Концептот за дигитална трансформација на општеството, чија имплементација се
подготвува периодов.
Годишната конференција на ДКСК за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 претставува осврт на активностите, предизвиците и пречките со кои што се соочуваат институциите при нејзината имплементација и со тоа сигнализира какви измени се потребни вo поглед на самата Стратегија и на регулативите за намалување на корупциските ризици
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска денеска изјави дека ДКСК веќе добиле дел од потребната документација за предметот што го отворија во однос на проектот за коридорите 8 и 10д, како и дека ја очекуваат останатата документација.
Ивановска најави дека на овој предмет ќе му дадат особено значење со цел, како што нагласи, да ја извадат на виделина вистината.
– Кај нас е отворен предмет, во фаза сме на прибирање на сите потребна документации, дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултаите ќе ги соопштиме на јавна седница, изјави Ивановска, на новинарско прашање во тек на годишна конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
– Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, најавија од ОЈО ГОКК.
Апели да се истражат наводите околу изборот за надзорот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството изминатиот период упати премиерот Димитар Ковачевски.
Проектот беше официјализиран на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.