Писателот и професор Владимир Мартиновски, раскажа еднаш за Дојче Веле дека приказната за Зорба би можела да биде еден од позитивните адути за проникнувањата меѓу културите на балканските народи
„Уште во гимназија, кога ги читав романите на Казанѕакис, бев многу возбуден кога случајно дознав дека човекот кој бил прототип за ликот на Алексис Зорба живеел во Скопје. Можеби ќе звучи парадоксално, но сè уште не сум го посетил неговиот гроб и покрај симпатиите кон книжевниот лик“. Ова го вели писателот и професор Владимир Мартиновски, кој раскажа еднаш за Дојче Веле дека приказната за Зорба би можела да биде еден од позитивните адути за проникнувањата меѓу културите на балканските народи
„Но, пред десетина години бев на гробот на Казанѕакис на Крит, чиј епитаф гласи: ‘Не се надевам на ништо, не се плашам од ништо. Јас сум слободен“. Неодамна ги возобновив читателските контакти со Казанѕакис преку филозофско-мистичната поема Salvatores Dei / Спасители на Бога, благодарение на одличниот превод на македонски јазик од страна на Томислав Османли. Далекусежноста на филозофско-поетските идеи, пласирани во оваа рана поема, во која се наоѓаат никулците на подоцнежните дела на овој автор (вклучувајќи го и романот „Алексис Зорба“), засегаат голем број предизвици пред кој е исправен современиот човек, а особено темите на слободата, довербата во сопствените потенцијали и ‘задачите’ на човекот како духовно битие“.
Приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик, би можела да биде еден од позитивните примери и ‘адути’ за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов ‘мит’ туку како потстрек за барање на конструктивни решенија. Романот на Казанѕакис би можел да се чита, меѓу другото, и како книга за моќта на пријателството и за отвореноста кон различните светогледи меѓу ликовите од романот“, вели Мартиновски.
Казанѕакис почина во 1957 година далеку од родната земја, во Фрајбург, Германија, но неговите останки се погребани во родниот Крит. Тој не успеа да го види своето книжевно дело на големото филмско патно. Режисерот Михалис Какојанис, кој во својата кариера создаде многу фимови, никогаш не го повтори светскиот успех со филмот „Гркот Зорба“ од 1964 година. Филмот кој се закити со три „Оскари“, имаше славна актерска екипа – Ентони Квин, Алан Вејтс, Ирена Папас, Лила Кедрова… Музиката за филмот, дело на најпознатиот грчки композитор, Микис Теодоракис, стана втора грчка „химна“, а популарното сиртаки продолжи да живее и преку адаптација за балетската претстава „Гркот Зорба”, која премиерно е изведена во 1988 година, во Арената во Верона. Оттогаш е претставена пред повеќе од 3 милиони гледачи во 30 земји од светот, а во една прилика одеднаш собрала дури и 120.000 публика на отворениот стадион во Рио де Женеиро.
„Гркот Зорба“ и натаму има публика. Но, никогаш не бил истовремено пред македонската и грчката, иако неговата реплика во славното дело јасно зборува за неговиот став по тоа некогаш, но и сега актуелно прашање: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“
Се чини дека и тој и неговиот книжевен татко, во аманет на Скопје и Атина, и не само ним, им оставиле и повеќе од „увертира“ за следните чекори. Дали ќе ја искористат?
(продолжува)