„Македонска чорба“ е текст на Алек Џигеров, иселеник во Канада, кој во текст на 24 страници говори за потеклото и животот на јунакот од романот на Казанѕакис
Во еден текст на Славе Николовски – Катин, објавен во македонското издание на Дојче Веле се вели дека има многу дилеми околу тоа каде е роден јунакот од делото на Казанѕакис, што бил по етничко потекло и многу други интересни претпоставки и дилеми.
Алексис Зорба, или Јеоргиос Зорбас, како што му било правото име, трансформиран преку вистинските уметнички квалитети на артистот Ентони Квин, беше еден од интернационалните и меѓу најславните личности на грчката пропагандна машинерија во дваесеттиот век. Веројатно неговиот лик во романот на Казанѕакис, а тоа го направи Паскал Гилевски со своите високи литературни квалитети во преводот, пишува Катин, на македонски јазик на оваа значајна книга, ќе остане вечен во сеќавањата на голем број читатели и вљубеници на филмот во светот.
Меѓутоа, кое е вистинското потекло на овој филмски и претходно литературен јунак, се прашува Катин? При тоа се повикува на еден пообемен запис на Александар Џигеров, Македонец од Канада, кој има видување и аргументи да посочи дека Зорба не бил Грк, туку Македонец. Најпрвбин кој е тој Алек Џигеров?
Истиот бил роден во Торонто на 30 јули 1931 година. Неговиот татко Кире Наумов дошол со турски пасош во САД во далечната 1910 година, а се префрлил во Канада во 1914 година како Кире Џигеров. Неговата мајка Велика, пак, дошла во Канада во 1924 година. Алек Џигеров е уметник од Канада, кој живее и слика во провинцијата Нова Скошија, а чии слики висат и ги красат ѕидовите на голем број значајни установи и приватни куќи ширум Канада. Тој има македонско потекло од Беломорска Македонија; по татко од селото Ошчима, а по мајка од селото Желево, Леринско. Џигеров е интелектуалец од висок ранг, човек со ораторски способности и со познавање на историските, културните и научните факти. Тој е Македонец со повеќе докторски и други титули и добитник на голем број награди и признанија. Тој е, исто така, познат општественик и еден од иницијаторите за формирањето на Канадско – македонската федерација во Торонто. Алек (Александар) Џигеров е една од личностите во дијаспората кому Македонија му е судбина и преокупација.
Според неговиот текст со наслов „Македонска чорба“, што е напишан на англиски јазик и содржи 24 страници, читателот може да се запознае со интересни претпоставки, тврдења, дилеми, прашања и одговори. Неговите докази се засновани врз англискиот превод на делото на Казанѕакис, извршено од Теодора Василис и од многу други извори.
Покрај другото, Џигеров започнува не случајно со измената на имињата и топонимите во Македонија, кои во зависност од окупаторот, биле променувани од државните власти. Особено во тоа предничат грчките власти, кои во 1928 година ги променија сите лични и географски имиња, од македонски на грчки. Така, Џигеров го наведува примерот за Желево, селото на неговите предци, кое веројатно значи „место каде има железо“, или го добило името според турскиот паша „Жељо“. Меѓутоа, името на селото грчките власти го промениле во „Андартикон“, име кое се однесува на Андартите, кои се бореле за слобода против Турците. Според Џигеров, Алексис или Јеоргиос Зорба е роден во македонското село Килиндрос, кое што е оддалечено 25 километри од Солун и за кое нема податоци дека и во турско време го носело истото име. Јеоргиос Зорба бил роден во 1865 година во Македонија, која до 1912 година била под турско ропство.
Во продолжение го коментира текстот под наслов „Проучување на вистинскиот Зорба“ од Ален Лин, публикуван во едно канадско медицинско списание, во кое авторот не одговара на прашањето за етничката припадност на Зорба. Меѓутоа, во текстот е дадено дека татко му на Зорба се скарал со Турците и затоа избегал од селото и се преселил на југ во Грција, каде што и одраснал. Потоа е даден животот на родителите на Зорба и како Зорба се вратил назад во селото на татковото огниште, се вратил на своите корени каде што и припаѓал, се вели во текстот.
Од друга страна, пак, од романот на Казанѕакис се дознава, вели Џигеров, дека Зорба одел по македонските планини заедно со Павлос Мелас, злогласниот убиец на македонскиот род, борејќи се против, како што вели, „бугарските комити“, при што Зорба колел, палел…, но во исто време се каел и самиот себе си се нарекувал „свиња“ за неделата што ги правел. Затоа, по војната од 1912 година, Зорба се повлекол во еден манастир на Атос, исто како својот татко. Но, не можејќи долго да остане, си заминал. Потоа, Зорба се сретнал со авторот на романот, Никос Казанѕакис, со кого планирале да отворат и да работат во некој рудник на југот во Грција. Тоа го направиле повеќе од причини што сакале да ја избегнат воената обврска за време на војната од 1914 до 1918 година. Исто така, авторот вели дека Зорба и Казанѕакис се сретнале на пат за Русија, од каде што по враќањето Зорба засекогаш се населил во во градот Скопје, каде што живеел до својата смрт во 1942 година, на возраст од околу 77 години, а е погребан на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
(продолжува)