БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Двасетина знамиња на Република Северна Македонија, во тотално бесмислена композиција, односно во композиција на тоталната бесмисла како визуелна, естетска и културна категорија, се лелејават на благото ветре. Зошто се толку!? Кој го смислил тој саемски едноред. Каква глетка
Столбовите околу зградата на владата ми изгледаат како надгробни споменици.
На некоја непозната цивилизација.
А самата зграда како огромна некропола.
Како гробница на некоја династија.
Или мавзолеј.
Железото и даваше друго значење на грдоста.
Двасетина знамиња на Република Северна Македонија, во тотално бесмислена композиција, односно во композиција на тоталната бесмисла како визуелна, естетска и културна категорија, се лелејават на благото ветре.
Зошто се толку!?
Кој го смислил тој саемски едноред.
Каква глетка.
Небото е сино, облачињата се бели, како на сликите на Магрит.
Столбовите би можеле да се изнајмуваат.
Ми светна!
Плаќаш годишен наем на еден или на повеќе столбови, тураш име на некој или на нешто што мислиш дека заслужува спомен или внимание и го ритуализраш, палиш свеќи или оставаш цвеќе, застануваш да направиш муабет со субјектот или предметот на твоето внимание, спомени или проекции.
Дебели бакарни или месингани плочи со имиња, датуми, прекари, години. Ознаки.
Кој кур е секој столб, што претставува.
Да речеме, Ивица Боцевски, потпретседател, амбасадор и будала, последен пат забележан во околината на Манаус!
Или: Никола Груевски, претседател, најголем мирновременски злосторник во повоена Европа.
Пред последниот столб, стојат Антонијо и Христијан.
Молчат.
По половина час двајцата се поклонуваат, Мицко ја исправа лентата на пресно положениот венец, нежно ја допираат месинганата плоча со името на својот создател, одат назачки, се свртуваат, влегуваат во отворените мерцедеси, додека бодигардите зјапаат да не би некој снајпер да им ги умре работодавачите и заминуваат во светлото утро.
Јас би изнајмил еден столб за Моника Белучи.
Без плоча.
Само убава слика.
Од филмот „Колку ме сакаш”.
Би минувал да и оставам некоја роза или жива орхидеја и да ја бакнам на одење. Понекогаш не би застанувал, туку, така, со шеесет на час, би и мавнал со левата рака од колата.
Или би стиснал три пати на сирената.
Чао, Моника, ај лав ју!
Кога по илјада години некои археолози ќе ги откопаат остатоците од оваа зградурина, знам дека најголем впечаток ќе им остават портретите на сите претседатели на владата што сега висат во широкото претсобје пред премиерскиот кабинет. Такви портрети на вас или на вашите деца и годинава можете да купите на широкото шеталиште во центарот на Башка вода, во Ровињ, можеби и некаде на Халкидики, не знам, во Охрид. Ги прават аматери, средношколци или бруцоши на некоја уметничка академија, за десет петнаесет минути.
Дваесет евра парче.
На времето, кога бев дете, слични слики се продаваа на пазарот во Свети Николе, веднаш до тезгата на која можеа да се купат оглави, ортоми и друг прибор за коњите и добитокот.
Сто посто ќе заклучат, мислам археолозите и археолошките форензичари, дека во уметничка смисла, македонската цивилизација била на нивото на претшколските деца во нормалните општества. А столбовите ќе им дадат основа да речат дека Македонците ги закопувале мртвите на едно место, а надгробните споменици ги граделе пред владата.
Откако преку сликите ќе откријат дека владата на старата цивилизација, всушност, била гробница на бившите премиери.
Можеме да избегнеме дел од овие заебанции, ако, на пример, сликите ги спалиме или подрумосаме или ако викнеме некој странски архитект кој ќе ни каже, ќе ни даде план и проект и изведбен проект, што да правиме со оваа чудовиште, не домашен архитект, не политичар кој гледал како тоа се прави во Мозамбик, реномиран странски архитект, крај.
Разговарав со Заха Хадид пред да умре, жената ми го рече ова што тука го пишувам и ги додаде првите два објекта кои не можат да се санираат туку мора под итно да се отстранат: Триумфекалната капија, глупава карикатура, на глупаво место, спрдачина од невидени размери, која го блокира извонредниот поглед од плоштадот кон Собранието и удолу дури до рампата во Кисела Вода, и Коњот со будала, како грозотија сама по себе, во најстрогиот центар на државата, аргументација што во писмо од другиот свет ја дополни со следнава забелешка: каква смисла има да држите споменик на друга држава и друга нација, фигура од историското наследство на Хелените и тоа, согласно преспанскиот договор да го означите со месингана плоча што ќе ја читаат и ќе ги тера на чудење и смеење, туристите од Чајна енд Џапан.
Со тие размисли и впечатоци се прибрав дома, кога, оп, ми стигна порака за расправата меѓу Најчевска и оној Ристевски за грижата за македонското националано малцинство во соседните земји на фонот на решенијата во преспанскиот договор, па ми дојде, освен да се чудам што Мирјана воопшто прифатила да оди на расправа со еден таков, строго лимитиран, нископлафониран тип, да го кажам следново:
Темата за малцинствата е медиум преку кој отсекогаш се демонстрирала немоќта на македонската држава, а не грижата за Македонците зад границите. Ако се луѓето оставени без грижа со Преспанскиот договор, јас прашувам: каква грижа и какви резултати се остварени пред Преспа. И пред договорот со Бугарија. И во текот на целата деценија во која таа политика требаше да биде високо на агендата на таканаречените националисти од вмро-дпмне. Театралните писма на Груевски за геноцидот и имотите со кои направи будали од комплетната егејска популација во Северна Македонија, ли се таа грижа!?
Единствена, реална грижа, на држава каква што е Северна Македонина, може да дојде во форма на еден совет: да се интегрираат луѓето во матичните држави, колку подобро, подлабоко и поинтензивно, толку подобро, проблемите да си ги решаваат сами во своите држави и на меѓународно ниво, да се откажат од националистичките дискурси и кокетирањата со патриотските будали во Северна Македонија, особено од интегралистичките македонистички будалаштини, аспирации и од негациите на матичните држави, своето национално чувство да си го носат со себе и да го негуваат колку сакаат и колку можат, вклучително и јазикот, да се обидат да рзберат дека нивните не се бореле за тоа за што изгледало дека се борат, а ако и навистина се бореле за тоа, дека загубиле. Северна Македонија нема да се меша во внатрешните работи на соседите ниту на темата за малцинствата, освен во принципиелните настојувања за нивните права во рамките на европскиот корпус на човековите и малцинскте права. И со својата отвореност, интегрираност со Европа и со политиката на добрососедството. Со интензивирањето на комуникациите. Со гранични премини, пруги и автопатишта. Не со паради. Се друго е заведување, злоупотреба, лага. Така е не од Преспа наваму, туку од постоењето на македонската држава.
Северна Македонија ја водеше малцинската политика врз основа на супериорниот статус во однос на Бугарија и Албанија во времето на социјализмот и во првите години на транзицијата, кога не држеше инерцијата од стариот систем. Значи врз основа на атрактивноста и релативните предности. Во однос на Грција таа политика се водеше врз основа на југословенскиот контекст, а потоа врз основа на љубопитството и надежите во изграбата на независна Македонија, демократска, богата, интегрирана. Сите тие работи, во меѓувреме, се смачкани. Од вмороните што дробат празна слама за грижата- посебно. До нивото што државата не е во состојба да се грижи за себе и за луѓето во себе, а не ли пак за Македонците во соседството. Вморонот треба да знае дека не е уништена грижата за нашите во соседството туку дека неговиот лидер од Будимпешта и неговата злосторничка инсталација ја уништија државата што кобајаги треба да се грижи за Македонците, каде и да се.
Вмро ќе водело грижа.
Може, ако видат дека луѓето имаат некој денар повеќе, може и ќе им посветат малку грижа.