Како што пишува Независен со векови чешките и словачките археолози го бараат гробот на словенскиот просветител, но нема никаква трага каде би можело да биде, иако има многу нагаѓања
Нема никаква дилема дека светите браќа Кирил и Методиј имаат речиси незаменлива улога во христијанизирањето на сите Словени, нивната мисија богослужбата да се врши на народниот јазик, а и во развојот на кирилицата. Во Македонија и Бугарија односот кон Кирил и Методиј е со огромна почит, особено поради она што тие го направија за писменоста.
Но во Чешка и Словачка има такво почитување за нив и нивното дело што се граничи дури и со култ. Со децении и децении 5 јули е државен празник уште во поранешна Чехословачка – дента кога Кирил и Методиј пристигнаа во 863 година во кнежевството Велика Моравија со подготвена глаголица и преведените евангелија во своите дисаѓи за да им помогнат на тамошните луѓе во богослужбата на народен јазик.
Шест години подоцна Кирил за време на патувањето на двајцата браќа во Рим се разболел и таму умрел. Погребан е во црквата „Св. Климент“. Методиј се вратил назад во Моравија, бил именуван за архиепископ и го продолжил нивното дело.
Датумот на неговата смрт се знае точно – 5 април 885. Но не се знае каде е закопан. Генерации и генерации низ вековите чешки и словачки археолози поминаа во истражување да откријат каде се наоѓа гробот на Методиј, но тоа досега се покажа неуспешно. Во оваа потрага по последното почивалиште на Методиј се вклучувале и лингвисти, истторичари и антрополози, но останува мистеријата за тоа каде се наоѓа неговиот гроб.
Затоа кога беше објавено дека од 23 до 25 мај ќе пристигнат во Софија и ќе бидат изложени на сенародно поклонување моштите на Методиј и Кирил се поставува основното логично прашање – како може да има мошти од Методиј, кога никој не откри каде е неговиот гроб. Според соопштението на БПЦ, моштите на двајцата браќа ги донесол архимандритот Вартоломеј, игумен на манастирот „Есфигмен“ на Света Гора. Моштите беа изложени во софиската црква „Св. Недела“, а денеска се носат назад на Света Гора.
Ако не е откриен гробот на Методиј чии мошти се чуваат во манастирот „Есфигмен“? Каде би можело да се наоѓа гробот на Методиј? Чешките и словачките архолози низ децениите посочија неколку места за последното почивалиште на словенскиот просветител. Археолозите и историчарите се согласуваат само во едно – Методиј е погребан во Моравија.
Во 19 век, истражувачите најчесто мислеле дека гробницата на Методиј е скриена некаде во манастирот во малиот моравски град Велехрад, но подоцна се покажало дека денешниот барокно обновен Велехрад не е ист како поранешниот Велехрад. Одамна Велехрад е познато место за аџилак на христијанските верници. Но тој аџилак е поврзан со црковни времиња што се подоцна од времето во кое живееше Методиј. Велехрад го основал кралот Отакар II во 1257 година. Оваа линија на истражувањето беше напуштена.
Околу 1903 година се зборувало дека гробот на Методиј може да се наоѓа во црквата „Св. Климент“ во Освјетимани, исто така мало место во округот на Ухерско Храдиште, каде се наоѓа и Велехрад. Наводно, во Освјетимани се наоѓал многу стар манастир кој бил наменет за престојот на христијанската мисија на Кирил и Методиј. Во 1905 година, човечки коски биле ископани во капелата, но големото возбудување стивна кога се покажа декат тие датираат од 13. век.
Не успеаја уште многу други обиди. Но по Втората светска војна имаше повеќе археолошки истражувања во месноста Вали кај градот Микулчице, кој сега се наоѓа на чешко-словачката граница. Потоа и во Стариот град во близина на Ухерске Храдиште. Двете места се многу важни центри на Големото Моравско Царство. Некои археолози сметаат дека во Вали била и престолнината на царството. Истражување потврди дека Микулчице бил центар на духовниот живот во Моравија во 8 и 9 век – освен тоа, бил и важен трговски крстопат. Овде се пронајдени остатоци од поголема трикорабна базилика, па се разви идејата дека токму таму е гробот на Методиј.
Од неодамна, истражувачите имаат тенденција да веруваат дека Микулчице не бил седиште на великоморавските принцови од времето на Методиј – туку тоа би требало да биде Стариот град во близина на Ухерске Храдиште. Тука се пронајдени дури и уникатни археолошки наоди – печати кои се користеле во 9. век при изработката на важни документи на монарсите. Покрај тоа, овде биле ископани темелите на голема станбена палата, која навистина би можела да биде седиште на принцовите.
Овде биле откриени темелите на голема црква, околу која имало 87 гробови. Во времето на Методиј, овој храм требало да биде долг преку 22 метри, а планот на подот бил во облик на крст.
Но, она што е важно – зад олтарот се наоѓал темелот на помала градба, веројатно камениот епископски трон. Археолозите пронашле остатоци од јагленисани човечки коски – па се чини дека имало гробницата зад олтарот. За жал, не беше можно да се одреди староста на човечките останки, но сега повеќе истражувачи тврдат дека дека токму таму било положено телото на Св. Методиј. Сепак, сѐ уште нема докази за такво нешто.
Мистеријата за тоа каде е погребан Методиј останува, но, ете, во еден светогорски манастир имале негови мошти. Па уште ги однесоа на три дена во Софија.
Секоја година на 24 мај се слави делото на светите Кирил и Методиј, големите словенски просветители. Македонската делегација досега не пропуштила да се поклони пред гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим и со тоа да ја искаже својата почит кон создателот на азбучното писмо.
Познато е дека некои владици на Македонската православна црква-ОА одат и во градот Елванген, Германија, да се поклонат пред спомен-плочите на свети Методиј, кој дел од животот во заробеништво го поминал во затвор токму во тој град.
Владиката Тимотеј вели дека не е познато местото каде што е погребан свети Методиј.
„Сме оделе на поклонение во градот Елванген во Германија, на местото каде што Методиј две години бил во затвор. Но тоа не е неговата гробница. Сите податоци се само претпоставки“, додава г. Тимотеј.
Македонските историчари и археолози речиси не се занимаваат со откривањето на гробот на свети Методиј. Слушнале за претпоставките за можните места каде е закопан просветителот, но не можат со историски факти да го потврдат тоа.
Елизабета Димитрова, историчарка на уметноста, смета дека локацијата на гробните места на големите историски личности е позната. Тие не се мистерија, односно тоа се конкретни позиции, каде што треба да се детектира животот на една таква кариера (во случајот, ликот на свети Методиј).
„Браќата свети Кирил и Методиј и нивните ученици се фундаменти на нашата култура. Историските податоци со кои ние располагаме не се доволно прецизни за да можеме да направиме документаристичка слика. Затоа на литературата и на историјата им се неопходни мистификации, особено кога се работи за вакви бардови. Без таа мистификација се урива една голема аура што ја имаат овие двајца светци и просветители“, нагласува професорката Димитрова.
Ако ја завршиме приказната, според Димитрова, повеќе немаме предизвик за истражување.
„Мистификацијата ни нуди можност за дополнителни елементи на истражување. На археолозите и на историчарите им е неопходно да имаат поинаков пристап, односно пристапуваат кон финално решавање на животот и смртта на одредена историска личност. Но историјата на уметноста како круна на хуманистичките дисциплини ја негува мистификацијата, бидејќи од неа црпи енергија за понатамошно истражување“, додава Димитрова.